Апел до образовните кадри што ги исполнуваат условите за пензија
На прес конференцијата одржана на 25 јули годинава, градоначалникот Аце Коцевски упати апел до вработените во училиштата шти ги исполниле условите за пензија да им овозможат на младите да се вработат.
„Со голема благодарност и почит кон наставничките и наставниците и другите вработени во училиштата кои сиот работен век го посветија на образованието на децата и младите, би сакал да ги замолам повторно во интерес на младите генерации, да размислат околу можноста што им ја дава законот за продолжување со работа и по наполнети 62 години старост за жени и 64 години за мажи“, рече Коцевски.
Градоначалникот ја информираше јавноста дека во Велес има 33 вработени кои ги исполнуваат условите за пензионирање. 27 од нив потпишале изјави дека сакаат да продолжат со работа. Од нив 22-ца се наставници и наставнички, а петмина се вработени како ненаставен кадар. Тој нагласи дека ова е можност за градење на иднина за 27 млади семејства кои сеуште се борат да најдат работа и да обезбедат егзистенција за себе и за своите семејства.
„Јавно ги замолам во духот на својата благородна професија и големиот продонес што го дадоа за едукацијата и развојот на генерациите на Велес, да се откажат од нивните барања и да им дадат шанса на младите и на тој начин да придонесат за иднината на Велес и да придонесат овие млади кои чекаат да ги пополнат нивните работни места да останат во земјата затоа шти во спротивно можеби тие ќе бидат причина што 20 или 30 млади луѓе ке се иселат од земјата во странство. Сите ние мораме заеднички да бараме начини да ги задржиме младите во Велес и да обезбедиме услови во кои нема масовно и неповратно да губиме генерации што се едуцирале тука, а своето знаење го вложуваат во напредокот на други градови и држави. Се надевам дека нашите почитувани наставници и вработени во училиштата позитивно ќе го сватат овој апел и дека ќе одлучат и на крајот од својот работен век да се вложат во благосостојбата на младите“, Рече Коцевски.