Реонизацијата –предуслов за квалитетно образование
„Од големо значење за нашите заложби да обезбедиме квалитетно образование во сите училишта е и доследното спроведување на реонизацијата. Затоа упатувам апел до родителите, да ја почитуваат реонизацијата и своите деца да ги запишуваат во училиштата во реоните во кои живеат. Ова особено се однесува на родителите на децата кои треба да учат во општинските училишта „Благој Кирков“ и Џинот“ што наскоро ќе се трансформираат во новото училиште „Панко Брашнар“.
Овој апел на вчерашната прес конференција го упати градоначалникот Аце Коцевски. Тој изрази уверување дека и во градското подрачје на левата страна од реката Вардар ќе се обезбеди квалитетно образование и нема потреба родителите своите деца да ги запишуваат во училиштата „Св. Кирил и Методиј“ и „Блаже Конески“ и да ги малтретираат со секојдневно патување од едната до другата страна на градот. „Верувајте дека новото училиште „Панко Брашнаров“ ќе биде пример за добро и квалитетно образование“, рече Коцевски.
Градоначалникот упати апел и до родителите од ромската заедница да ги запишат своите деца на училиште. Коцевски ја извести јавноста дека и лично се уверил во практиката деца кои живеат во месноста Рамина да не се запишани на училиште. Во 3 откриени случаи, градоначалникот им понудил на родителите помош од општината во финансиски средства за купување на училишен прибор, облека и сè што е потребно за да се запишат на училиште. Коцевски ги повика и другите родители да ги запишат децата на училиште и тоа не поради законските санкции, туку заради иднината на нивните деца.