Здравјето на велешани врвен приоритет
На прес конференција, на 25 јули годинава,градоначалникот Аце Коцевски ги информираше граѓаните за подготовките за дислокација на топилничката згура. „Компанијата „Кепс Монт груп“ - Скопје која ја доби дозволата за експлоатација на минералната суровина од депонијата на топилницата, на 16 јули годинава до Општина Велес поднесе барање за добивање на Б интегрирана еколошка дозвола.
Ова е последна фаза од постапката пред започнување на активностите на терен. Барањето се разгледува од страна на стручните служби во општината. Внимателно ќе се постапува заради количината на материјалот што треба да се исцрпи, 24 часовните активности што ќе се спроведуваат наредните 48 месеци и влијанијата што може да ги предизвикаат врз животната средина“, рече градоначалникот. Тој нагласи дека принципот на учество на јавноста и граѓаните во постапката мора да се почитува. „Здравјето на велешани останува наш врвен приоритет и затоа постапуваме многу внимателно. Во постапката, барањето на компанијата ќе го објавиме јавно“, рече Коцевски. Како што тој најави, граѓаните ќе бидат поканети да се вклучат во јавната расправа за експлоатацијата на суровината од поранешната топилница. „Граѓаните на Велес секогаш масовно ги вклучуваме кога е во прашање нивниот живот и здравје. И овојпат ќе биде така во интерес на сегашните и идните генерации“, нагласи Коцевски.