Урбаната опрема е имот на граѓаните

По зачестената појава на уништување на урбана опрема во градот и покрај езерото „Младост“, градоначалникот Коцевски како одговор на новинарско прашање ги повика граѓаните заедно да се грижат за урбаната опрема.

„За жал против вандализмот немаме решение и одбрана ниту ние ниту другите општини. Не можеме да поставиме стражарска служба секаде каде што имаме урбана опрема. Затоа ја користам приликата повторно да упатам апел до нашите сограѓанки и сограѓани да се грижат за урбаната опрема затоа што таа е нивна, таа е правена со пари од граѓаните што се слеваат во општинскиот буџет или со државни пари и сите треба да се грижат за урбаната опрема како за свој имот“, рече Коцевски.

Според него вандализмот кој најчесто се случува во ноќните часови е последица на недоличното однесување на поединци кои под дејство на алкохол, дроги и психотропни супстанци ја губат контролата и се изживуваат врз урбаната опрема.