Градскиот пазар – приоритетен проект
На вчерашната прес конференција Градоначалникот ги објави приоритетните проекти за наредниот период.
„Прв приоритет во наредниот период треба да ни биде реконструкцијата на Градскиот пазар. Преговараме за тоа со две компании кои се заинтересирани за облик на јавно – приватно партнерство или на друг начин“. Како што соопшти градоначалникот, по изготвувањето на деталниот план што го покрива Градскиот пазар и кејот на Вардар до кафеаната „Хајдук “, се планира изградба на катна гаража.
Планот за одржлива урбана мобилност веќе е добиен од словенечката компанија и се работи на редакција на текстот. Во август планот треба да биде усвоен од Советот на Општина Велес и тогаш ќе се премине на реализација на проектите. За нивната реализација потребно е да се обезбедат дополнителни финансиски средства.
По завршувањето на летниот период ќе започне постапка за давање под концесија или склучување на јавно-приватно партнерство за објектот „Офицерски дом“, зградата на киното и општествено-политичките организации и објектот „Вила Зора“.
Уличното осветлување ќе се решава на друг начин, со модел кој ќе биде самоисплатлив. Ќе се аплицира за кредит од околу еден милион евра.
Како што рече Коцевски, ако советот ги поддржи неговите идеи ќе се продадат зградата на киното и општествено-политичките организации и објектот „Вила Зора“, а со средствата од продажбата ќе се реализираат проекти за подобрување на квалитетот на живот во Велес.