Одбележани 70 години од загинувањето на борците учесници во граѓанската војна во Грција

Со поставување на биста на Мирка Гинова на спомен обележјето на борците од Егејска Македонија, денес се одбележаа 70 години од загинувањето на борците учесници во граѓанската војна во Грција.

Свежо цвеќе положија делегации на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда” од Велес, Општина Велес, Општинскиот огранок на Сојузот на борците од Велес, Општинска организација на пензионерите од населба Превалец, членови на семејствата на загинатите борци и Сојузот на Македонците од „Егејот”.

„Оваа година се навршуваат 70 години од крајот на граѓанската војна во Грција и 73 години од смртта на народната хероина Мирка Гинова. Таа е симбол на издржливост”, рече Бошко Божинов, претседател на Здружението „Ѕвезда”.

Акадамескиот скулптор Перо Наневски ја изработи и подари бистата на Здружението, а заедно со градоначалникот Коцевски денес ја открија пред присутните.

 За животот и делото на, како што е позната меѓу народот, даскалицата Мирка Гинова, говореше проф. др. Ѓорги Малковски  кој истакна дека таа е првата жена која е погубена поради политичка вина.

 Чествувањето го заокружи Марија Димкова, сонародничка и далечна роднина на хероината која испеа песна за неа, а граѓаните и делагациите продолжија во Јасеново, каде во кругот на болницата за белодробни заболувања положија свежо цвеќе на спомен – плочата поставена во чест на ранетите борци Македонци и Грци, припадници на Демократската армија на Грција (ДАГ), учесници во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, кои се лекувале, а дел од нив и починале во болницата.