Усвоена одлуката за основање на училиштето „Панко Брашнар“
На денешната 38 седница, со 11 гласа „за“ и 6 „против“, Советот на Општина Велес ја усвои одлуката за основање на Општинско основно училиште во Велес. Со одлуката се основа Општинското основно училиште „Панко Брашнар“ како правен следбеник на училиштата „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и „Благој Кирков“. Советот ја донесе одлуката по добиеното позитивно мислење од Владата, на барање на Министерството за образование.
Одлуката за спојување на двете постојни училишта во ново општинско основно училиште како единствена точка на дневен ред предизвика расправа околу рационализацијата, преземањето на вработените и условите за настава. Според одлуката, наставниците, стручните соработници и административно-техничките работници се преземаат од двете постојни основни училишта, а учениците кои ја следат наставата во двете училишта ќе продолжат да следат настава во новооснованото Општинско основно училиште „Панко Брашнар“.