Почитувани
На денешната пресконференција сакам да ја известам јавноста дека во текот на вчерашниот ден (02.07.2013) како Претседател на Советот на Општина Велес, по одржаната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот, го потпишав Решението за свикување на 5-тата седница на Советот на Општина Велес.
Седницата ќе се одржи на ден 09.07.2013 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 10.00 часот.
За 5 седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-одлука за давање согласност за намена на инвестиција за апликација на проект.
Со оваа одлука се дава согласност за намена на инвестиција, со цел реализација на проектoт „Поставување на урбана опрема на дел од пешачка патека околу езеро Младост“. По донесувањето на одлуката истата ќе биде доставена до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2013 година.
2. Предлог-одлука за утврдување на приоритет на проект„Поставување на урбана опрема на дел од пешачка патека околу езеро Младост“.
Со оваа одлука Советот на Општина Велес утврдува приоритет на претходно споменатиот проект за поставување на урбана опрема на дел од пешачка патека околу езеро Младост. Реализацијата на ваквиот проект ќе придонесе во заложбите за развој на транзитниот туризам на езерото Младост, како атрактивна дестинација за туристите и посетителите од земјава и странство.
3. Предлог-одлука за усвојување на акциски план за изградба на пристапни рампи, лифтови и подвижни платформи во објекти од јавен интерес сопственост на Општина Велес.
Акцискиот план за изградба на пристапни рампи, лифтови и подвижни платформи во објекти од јавен интерес сопственост на Општина Велес претставува стратешки документ за идентификувани потреби, решенија, цели и приоритети што Општина Велес ги поставува со цел да се овозможи непречен пристап до објектите од јавен интерес за сите граѓани.
Усвојувањето на овој акциски план е во насока унапредување на квалитетот на животот на лицата со инвалидност и отстранување на бариерите со кои тие се соочуваат.
Во овој документ се опфатени пред се: училишните згради, локалните установи и институции, спортски сали и јавните претрпијатија.
Акцискиот план е за периодот до 2016 година. Дел од позициите се веќе предвидени за финансирање од ресорните министерства во кои спаѓаат институциите. а дел ќе се финансираат од Општина Велес.
Со донесувањето на овој документ Општина Велес се вклопува во националната стратегија за пристапност и се придржува до одредите од Локалниот акциски план за лица со инвалидност.
4. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина на просторот на Општина Велес за 2013 година.
5. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2013 година.
6. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на образованието во 2013 година.
7. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на млади и спорт во 2013 година.
8. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес за поддршка на граѓанскиот сектор во 2013 година.
9. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјална и здравствена заштита во 2013 година.
10. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој (ЛЕР) и развојот на информатичката технологија (ИТ) во 2013 година.
11. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и управувањето со кризи во 2013 година.
Измените и дополнувањата на Програмите за 2013 година во најголем дел се должат на потребата од усогласување со конечната вредност на веќе реализираните проекти со заштеда на средства од буџетот.
Исто таквие измени и дополнувања произлегуваат и од потребата за усогласување со динамиката на прилив на средства во Буџетот на Општина Велес.
Доста значајно е да се напомене тоа што измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на спорт и млади за 2013 година се должат на потребата да се помогне РК „Борец“ со намера да се спаси неговиот опстанок. Општина Велес не смее да дозволи клубот од кој призлегуваат талентираните ракометари - врвни репрезентативци на Македонија да згасне.
12. Извештај за работата на ЈКП Дервен за период од I-III месец во 2013 година
Во согласност со Законските прописи со Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештај за работата на ЈКП Дервен за период од I-III месец во 2013 година 01.01.2013 до 31.03.2013. Извештајот е претходно усвоен од управниот одбор на ЈКП Дервен.
13. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за распишување на оглас за издавање под закуп на дел од Градскиот пазар 2 во времетраење од 15 години, на ЈКП „Дервен“ Велес.
Со ова Решение се дава согластност на Одлуката за распишување на оглас за издавање под закуп на дел од Градски пазар 2. Разгледувањето на ова предлог решение беше одложено на минатата седница поради потребата од комплетирање на целокупната документација од страна на ЈКП Дервен.
14. Предлог-решение за одбрување на средства од Буџетот на Општина Велес.
До Советот на Општина Велес е доставено барање од Планинарскиот спортски клуб „Солунска глава” за еднократен наместок како поддршка на наш сограѓанин за учество на планинарска експедиција за искачување на највисокиот врв во средна Азија, врвот Дамаванд. Со учеството на овој репрезентативвец во меѓународната експедиција ќе се придонесе и за промоцијата на градот и државата на светско ниво.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат ден пред одржувањето на седницата на Советот, Понеделник 08 Јули 2013 година.
Ви благодарам!