Почитувани
Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес кои, сакам да ја известам јавноста дека во текот на вчерашниот ден (08.07.2013 г.) како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 6-тата седница. По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договоривме седницата да се одржи на 15.07.2013 година (понеделник) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.
За 6 седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1.Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Детален урбанистички план за дел од УБ 45, во УЕ 8-Општина Велес
Просторот дефиниран во изработката на овој детален урбанистички план опфаќа дел од населбата Којник. Потребата за неговото утврдување произлегува од барањата на приватни инвеститори, сопственици на гардежните парцели во овој дел од градот, за доизградба на објекти за домување т.е. станбени куќи. По утврдувањето овој Нацрт на Деталниот урбанистички план, Градоначалникот согласно законските процедури е потребно да организира јавна презентација на истиот.
2.Предлог-одлука за утврдување на Нацрт изменување и дополнување на Детален урбанистички план за дел од Велес локалитет станбена единица МЗ Алексо Демниевски (дел) дел од УЕ 7, дел од УБ 43 КО Велес, Општина Велес
Заради зголемениот интерес на физички лица, кои се сопственици на градежен простор, локалната самоуправа на Велес донесе Програма за изработка на изменување и дополнување на овој детален урбанистички план. На овој начин се излегува во пресрет на барањата на сопствениците за дооформување на објекти за домување, во согласност со законските прописи, стандарди и нормативи при планирањето. Со ова се отвора и можноста за создавање на поголем урбанистички квалитет на просторот предвиден со овој детален план.
3.Предлог-одлука за финансиска поддршка на Општина Велес при аплицирање на проект „Еколошка кампања и монтирање на соларен систем за топла санитарна вода на Спортската сала Гемиџии“ – Велес
Од страна на Здружението на граѓани за развој на културата и спортот „ВЕЛЕС ФЕСТ- ВЕЛЕС до Советот на Општина Велес е поднесено барање за поддршка на предлог проектот „Еколошка кампања и монтирање на соларен систем за топла санитарна вода на Спортската сала Гемиџии“ – Велес.
Здружението за овој проект ќе аплицира за развоен гранд „Од еко акција до спортска стратегија“ од програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд. Барањето до општината е да даде финансиска поддршка на проектот што значи нејзино учество со 25% од вкупната финансиска конструкција на проектот.
Основната цел на проектот е еколошка кампања и монтирање на соларен систем за топла санитарна вода, инвестирање во локалниот развој и постигнување на поголема одржливост на екосоларниот систем.
4.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2013 година
Од страна на Министерството за транспорт и врски до Општина Велес е пристигнато барање за измена и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови за 2013 година. Се работи за промена на ГУП за град Велес со приоритет за изработка планови за економски развој на општината во делот на индустриската зона Речани.
Урбанистичките планови во оваа програма се веќе во изработка и во завршна фаза но бидејќи се почнати во претходните години, потребно е да се предвидат во Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2013 година.
5.Предлог-решение за прифаќање на Иницијатива за Изменување и дополнување на Детален урбанистички план за дел од Велес за локалитет - станбена единица М.З. “9ти Ноември” (дел) дел од УЕ 6, дел од УБ 36, КО Велес, Општина Велес
Од страна на едно правно лице од Велес поднесена е Иницијатива за Изменување и дополнување на Детален урбанистички план. Со овој план се предвидуваат површини за градење со намена А1 - домување. Изработката на целокупната планска докуметација ќе се врши со финансирање од страна на подносителот на иницијативата.
6.Предлог-решение за формирање на Совет за јавно здравје и определување членови за подрачјето на Општина Велес
Формирањето на овој Совет е во согласност со Законот за јавно здравје. Во него членуваат пет члена од кои 4 претставници на општината и 1 претставник од Центарот кој го покрива подрачјето на општината од областа на јавното здравје. Една од целите за формирање на Советите за јавно здравје е и унапредување и јакнење на соработката помеѓу недлежните министерства и инстутуции со единиците на локалната самоуправа и јавниот и приватниот сектор и граѓаните во зачувувањето и унапредувањето на здравјето на населението.
7.Предлог-решение за одобрување на средства од Буџетот на Општина Велес
До Советот на Општина Велес изминатиов период пристигнаа три барања за одобрување на финансиски средства и тоа:
◾Барање за поддршка од кајакарскиот клуб „Гемиџии 903“ за нивно учество на Светско првенство кое ќе се одржи во Република Словачка од 17-ти до 21-ви Јули.
◾Барање за еднократен надоместок од страна на планинарот Марија Хаџи Ристова за реализација на проектот искачување на Мон Блан на Алпите, Република Франција.
◾Барање за финансиска поддршка од Камелија Дукова како единствен претставник од Велес и Република Македонија, за учество на летен концерт на млади талентирани музичари, кој ќе се одржува во повеќе држави од регионот.
8.Извештај за извршена дератизација на град Велес со дезинсекција и дератизација на општинската зграда
Врз основа на претходно склучениот договор со Центарот за јавно здравје за дератизација на град Велес со дезинсекција и дератизација на општинската зграда, до Советот е доставен извештај за извршената работа во поглед на проценката на успешност и препораките кои треба да се превземат во иднина.
9.Информација за започнување на постапката за дислокација на диво поставените автокампови на езеро Младост
Во врска со побараната информација од советничката група на СДСМ, на 6-тата седница на Советот на Општина Велес, Градоначалникот ќе ги информира советниците за состојбата и превземените активности од започнувањето со постапката за дислокација на диво поставените автокампови на езерото Младост.
10. Информација за број на запишани деца во општинските основни училишта за 2013/2014 година
Врз основа на Законот за локалната самоуправа, Законот за основното образование и во согласност со Статутот на Општина Велес, Советот на Општина Велес како основач доставува информација за бројот на запишани деца во општинските основни училишта за 2013/2014 година.
Ви благодарам!