Претседателот на Советот на Општина Велес, д-р Александар Колев го презентираше дневниот ред на закажаната 12-та седница

Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани
Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес, сакам да ја известам јавноста дека на ден 07.11.2013 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 12-та седница. По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 14.11.2013 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 12:00 часот.

За 12-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог-измена и дополнување на Буџетот на Општина Велес за 2013 година.

Согласно измените и дополнувањата на програмите за работа на Општина Велес за 2013 година донесени на седница на Советот на Општина Велес, се јави потреба од измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2013година. Ваквата измена на буџетот претставува редовна пракса во која што се ревидираат и усогласуваат буџетските приходи и расходи.

2. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема.
3. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на општина Велес.

Потребата за изменување и дополнување на овие две одлуки, донесени во јануари 2013 година, произлегува од новонастанатите ситуации што се појавија во праксата. За надминување на овие проблеми и подобрување на ефикасноста, се предлагаат измените во предлог-одлуките за кои советниците треба да ги разгледаат и да се произнесат по истите.

4. Предлог-одлука за основање група за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во Општина Градско.

До Општина Велес од страна на Градоначалникот на Општина Градско доставено е барање за основање на група за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во Општина Градско. Во прилог на барањето доставен е и Елаборат во кој е прикажана состојбата за отварање на просторијата.

На минатата седница на Советот на Општина Велес беше донесена Одлука за прифаќање на предлогот на меѓуопштинска соработка по предлог на Општина Градско за воспоставување на соработка и во областа на детската заштита.

Согласно Законот за заштита на децата Советот на Општина Велес како основач на ОЈУДГ „ Димче Мирчев” Велес, потребно е да донесе Одлука со која ќе се даде согласност за основање група за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во Општина Градско.

Иницијативата е произлезена од родители во Општина Градско, но поради неможноста да се основа градинка во оваа општина, се дава предлог да се основа група која ќе работи во новоотворени простории уредени по стаднарди и нормативи кои дозволуваат згрижување и воспитување на деца како хетерогена група.

5. Предлог-програма за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес во 2014 година.
6. Предлог-програма за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2014 година.
7. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој во 2014 година.
8. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа развојот на информатичката технологија (ИТ) во 2014 година.
9. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на заштитата на животната средина во 2014 година.
10. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2014 година.
11. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на образованието во 2014 година.
12. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита во 2014 година.
13. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2014 година.
14. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на спорт и млади во 2014 година.
15. Предлог-програма за активностите на Општина Велес за поддршка на граѓанскиот сектор во 2014 година.
16. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и управувањето со кризи во 2014 година.
17. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународна соработка во 2014 година.

Од 5-тата до 17-тата точка на дневниот ред се наоѓаат предлог-програмите за работа на Општина Велес во 2014 година.

Програмите за работа на локалната самопуправа за наредната година се краткорочни развојни документи и претставуваат оперативни планови за работа со кој е програмирана целокупната работа на општината.

Тие се подготвуваат за да бидат носител и столб на сите процеси кои се планираат и ќе се реализираат во текот на 2014 година.

Во интерес на транспаретното и јавно работење, Општина Велес во изминатиов период носењето на програмите за работа, го реализираше во неколку фази.

Најпрво се најдоа на разгледување пред советниците како нацрт-програми, за потоа истите да бидат предмет и на јавни расправи каде што граѓаните и преставниците на разни здруженија и организации имаа можност да презентираат свои размислувања и предлози.

Исто така, нацрт-програмите за работа на општината во 2014 беа презентирани и на тркалезни маси со различни групи на граѓани од доменот на спортот, културата и бизнис секторот, со единствена цел за што поголема отчетност и прецизност во информирањето каде се трошат средствата на локалната самоуправа.

Во согласност со законските прописи, Советот на Општина Велес до 15 ноември е должен да ги донесе предлог-програмите за активностите на Општина Велес во 2014 година, кои ќе бидат дел и од Буџетот за наредната година.

18. Предлог-решение за давање согласност за продолжување на Договор за реализација на проектот „Народна кујна“.

Општина Велес и Повардарската епархија имаат склучено договор за користење на објектот во кој се наоѓа Народната кујна за временски период од 5 години.
Од причина што рокот за користење на објектот е истечен, се предлага продолжување на истиот за уште 5 години.
Народната кујна работи во континуитет, се подготвуваат дневни оброци за многу лица кои имаат потреба од истиот. МПЦ се грижи за него како добар домаќин и го одржува во исправна состојба.
По барање на МПЦ, за продолжување на овој договор, советот треа да ја донесе конечната одлука.

19. Предлог-решение за давање согласност за продолжување на Договор за закуп на просторија, сопственост на Општина Велес во с. Иванковци.

Помеѓу Општина Велес и физичко лице пред 5 години беше склучен  Договор за закуп на простор од објект сопственост на општината во с.Иванковци. Добивањето на овој објект под закуп беше врз основа на постапка спроведена транспарентно по пат на јавен оглас од страна на Комисија, а сето ова во согласност со Одлуката за давање намена на дел од објект сопственост на Општина Велес донесена од советот. Досегашниот закупец, со добивањето на просторијата под закуп, целокупно ја уреди и реновира, понатаму редовно и уредно ги подмирува обврските кон Општината и се грижи за тековно одржување на просторијата. Со оглед на ова, а со цел за економичност на постапката советот треба да се произнесе по барањето за продолжување на договорот со истиот закупец за период од уште 3 години, согласно Договорот за закуп.

Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 12-тата седница на Советот на Општина.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Четврток на 14 ноември 2013 година.

Ви благодарам!