Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев ја закажа 13-та седница

 

Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани

Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес, сакам да ја известам јавноста дека на ден 28.11.2013 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 13-та седница. По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 05.11.2013 година (Четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во  11:00 часот.

За 13-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1.Нацрт -Буџет на Општина Велес за 2014 година.

Општина Велес подолг период Буџетот и програмите ги носи во две фази, и тоа: нацрт верзија која по седницата на Советот на општината се разгледува на јавни расправи со претставници на локални установи и институции, здруженија на граѓани, урбани и месни заедници и предлог-верзија, кои по усвојувањето се конечни.

Знаете,  тоа веќе беше случај со Програмите за работа на Општина Велес во 2014 година. Во тој правец, на 13-тата седница на Советот ќе се најде на разгледување и Нацрт-буџетот на општината за 2014 година, кој потоа ќе биде предмет и на јавна расправа.Носењето на овој нацрт-буџет не е законска обврска, но е потврда за добрата пракса која ја има воспоставено Општина Велес во поглед на транспарентното и отчетно работење.

2.Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план за урбан блок 14 во УЕ II Општина Велес.

Во однос на втората точка од дневниот ред, советот треба да ја разгледа иницијативата поднесена од ДПТУ „Мирана” ДООЕЛ Велес за измена и дополнување на ГУП за урбан блок 14 во УЕ II. Локалитетот се наоѓа во северниот дел од градското подрачје и го опфаќа целиот комплекс на поранешниот агрокомбинат “Лозар“ кој, во овој момент, не е во функција со својата првична намена. Согласно оваа промена, по барање на подносителот, се предвидува пренамена на просторот од стопански цели за комерцијални и деловни наменти т.е за угостителство и хотелски комплекс. Со ваквата измена и нејзиното спроведување дополнително би се излегло во пресрет на развој развојот на туризмот и угостителството, отворањето на нови работни места и економскиот развој на општината воопшто.

3.Предлог-одлука за подигање на спомен обележје на ул. „Благој Ѓорев“ пред зградата на СОУ Гимназијата „Кочо Рацин“ Велес.

Од страна на „Ротари” клубот од Велес до Градоначалникот и до Советот е доставено барање на уредување на дел од дворното место на Гимназијата „Кочо Рацин” и поставување на соодветно обeлeжје на организација во овој простор. Нивното барање, преку градоначалникот беше препратено до Министерството за култура за давање на мислење. Од страна на Министерсвото беше добиено известување дека спомен обележјата (бисти, скулптури, плочи чешми и други уметнички и архитектонски дела) со одлука може да ги подигнува општината. На седницата одлуката ќе се најде на разгледување пред советниците кои ќе го дадат последниот збор за подигнување на спомен обележјето. Доколку одлуката е позитивна по пуштањето во употреба на уредената плоштатка со спомен обележјето, истата ќе биде остапена на користење и одржување на Општина Велес.

4.Предлог-одлука за избор на талентирани ученици и студенти кои добиваат стипендија за учебната 2013/2014 година

Како и секоја година и оваа година, по завршувањето на постапката за прибирање на предлози од талентирани ученици и студенти за учебната 2013/2014 година , од Комисијата до Советот доставена е предлог –одлука со извешатај за доделување на 8 стипендии за талентирани студенти и 8 за талентирани ученици.

5.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови за 2013 година.

Согласно овие измени и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови за 2013 година предвидено е да се направат 2 измени на ГУП, 2 измени на ДУП, изработка на 2 нови ДУП и изработка на 6 нови ЛУПД. Промените на ГУП се однесуваат на просторот на поранешниот Агрокомбинат Лозар и просторот на автобуската станица и градскиот пазар каде што е предвидено нивно модернизирање, но и добивање на ново квалитетно сообраќајно решение и овозможување на простор за паркирање во овој. Измените на ДУП се со цел во населбата Керамидна да се добие површина која ќе има намена за изградба на здравствена амбуланта. Исто така со овие промени е предвидено и проширување на планскиот опфат во индустриската зона Речани која би била ставена во функција на дополнителен економски развој на општината. Исто така во програмта за иразботка се предвидени и два нови ДУП од кои едниот за локацијата на Фабриката за шински возила Колска каде се потврдуваат постојните објекти на терен но се дефинираат и нови објекти за градба. Исто така ќе се изработи и ДУП за просторот каде се наоѓа општинската зграда, со кој ќе се предвидува површина за изградба на станбена зграда за домување. (кај мовчето што се гради). 6-те нови ЛУПД кои ќе се изработуваат по иницијативи на приватни инвеститори вон населените места каде на сопствени парцели ќе се предвидат површина за градба со намена за лесна и незагадувачка индустрија, мали комерцијални и деловни објекти, деловни простории, комунална инфраструктура и објекти за домување.

6.Предлог-програма за изградба на споменици и спомен обележја на територијата на Општина Велес за периодот 2014 -2018 година.

Советот на Општина Велес на 13 седница ќе ја разгледа и ќе се произнесе по однос на програма за изградба и поставување на спомен обележја за периодот од 2014 до 2018 година. Ова е особено значајно за општината како во однос на обезбедувањето активен однос на Општина Велес кон културно-историското минато така и во однос на сочувување и афирмирање на материјалното и духовното културно-историско наследство и историските личности – креатори на македонската историја и култура. Со програмата предвидено е во наредниот четиригодишен период поставување на 14 спомен обележја и тоа: споменици на Џинот, Петар Поп Арсов, Живко Фирфов.  Спомен-обележје на жртвите и учесниците во воениот конфликт во воените дејствија 2001 година. Биста на Јован Алабакот и Шефки Сали. Плановите на општината се и во насока на уредување на Алејата на хероите на спомен-костурницата. Поставување на обележја на Муза на уметноста, експонат на првата Локомитива и Гемија, повеќе мали скулптури во градот, скулптура афионова чушка и останати стилизирани скултури од овој симбол, скулптура на книга и на жена облечена во кошула која ќе ја претставува Рациновата Ленка. Изработката на спомениците и спомен-обележјата ќе се финансира од Буџетот на Општина Велес за годината за која е планирано неговото поставување, од донации и спонзорства.

7.Предлог-програма за обележување на годишнини на значајни настани и личности за 2014 година.

Поаѓајќи од историските традиции, културните и други збиднувања во Република Македонија, а особно во Општината Велес, во 2014 година Општина Велес ќе се вклучи, а во одредени случаи ќе биде и носител на обележувањето на голем број на значајни настани и личности. Оваа програма го одразува континиутитетот што Општина Велес го има во поглед на обележувањето на настаните и личностите од сите историски периоди значајни за Велес и Република Македонија, почнувајќи од почетокот на македонската револуцинерна борба, народното ослобдување на македонскиот народ во втората светска војна и последите воени дејства од конфликтот во 2001 година.

8.Извештај за реализација на Културната манифестација X–ти Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ Велес 2013 година.
9.Извештај за реализација на културната манифестација „50-ти Рациноци средби“ 2013 година.
10.Извештај за реализација на манифестација фестивал Вардарска регата Гемиџии-2013 година од ЗГ Вардарска РЕГАТА ГЕМИЏИИ Велес, по делегирана надлежност.
11.Извештај за десеттата ликовна колонија – копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“ 2013 година.

Организаторите 4-те манфистации кои беа одржани изминатиов период, 10-тиот интернационален фолклорен фестивал, 50-тите Рацинови средби, Вардарската регата Гемиџии и 10-тата Ликовна и копаничарска колонија Папрадишки мајстори, според одлуката на Советот и Договорот за делегирана надлежност должни се да достават извештај за реализацијата.

Овие извештаи ги вклучуваат сите аспекти од спроведувањето на манифестациите вклучувајќи го и финансискиот сегмент. Истите се во насока на јавно и транспарентно презентирање на реализираното во рамките на културните манифестации кои Општина Велес ги поддржува и финансира.

12.Предлог-решение за давање согласност на Одлука за расходување на основно средство на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес.

Од страна на Управниот одбор на ОЈУДГ за деца „Димче Мирчев” Велес доставена е предлог – одлука за расходување на основно средства – возило.  Според установата, возилото е во неисправна состојба и по расходувањето, би било предмет на постапка за оттуѓување согласно законските прописи. За таа цел потребно е добивање на согласност од Советот на Општина Велес.

13.Предлог-решение за давање согласност на Одлука за издавање под закуп на просторија на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес.

Од страна на Управниот одбор на ОЈУДГ за деца „Димче Мирчев” Велес доставена е предлог – одлука за издавање под закуп на просторија - гаража.  Според управниот одбор просторот нема потреба да се користи од установата и предлагаат истиот да биде издаден на заинтересирано лице за намена мегацински простор. Постапката ке биде спроведена транспарентно преку јавен оглас спороведена од страна на Комисија формирана од директорот на установата.

14.Предлог-решение за формирање на Одбор за подигање на спомен обележја во Општина Велес.

По изјаснувањето на СОВ, по 3 точка од дневниот ред, доколку ја донесе предложената одлука, согласно Законот за меморијални споменици и спомен –обележја („Сл. весник на РМ“ бр. 66/04), СОВ за да може да подигне некое спомен –обележје, потребно е да формира одбор кој ќе ја спроведе постапка за подигнување на спомен обележјето.

15.Предлог-решение за разрешување и именување на претставници на Општина Велес за членови на Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Блаже Конески“ Велес.

Од страна на УО на ООУ Блаже Конески Велес до Советот на Општина Велес доставено е барање за разрешување на членови на УО. Мандатот на преставнциите на општината во овој орган на управување е поминат, и е потребно нивно разрешување и именување на нови членови на УО. Според законските одредби Советот треба да се произнесе по оваа точка за разрешување и именување на нови членови.

 

Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 13-тата седница на Советот на Општина.

Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Среда на 04 ноември 2013 година.

Ви благодарам!