Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев го презентираше дневниот ред на закажаната 14-тата седница

Почитувани

На денешната пресконференција сакам да ја известам јавноста дека на ден (20.12.2013) како Претседател на Советот на Општина Велес, по одржаната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот, го потпишав Решението за свикување на 14-тата седница на Советот на Општина Велес.

Седницата ќе се одржи на ден 27.12.2013 година (петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10.00 часот.

За 14-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1.Предлог -Буџет на Општина Велес за 2014 година.

На последната седница на Советот на Општина Велес за оваа година, согласно законските рокови и воспоставената пракса ќе најде на разгледување еден од најважните документи за функционирањето на локалната самоуправа – Предлог-Буџетот на Општина Велес за 2014 година. Овој Предлог-Буџет е изготвен согласно основните насоки за подготовка на буџетите на општините за 2014 година, а тоа се остварување на стратешките определба за зголемување на економскиот раст и конкурентноста на економијата на трајна основа, зголемување на вработеноста, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на населението.

2.Предлог-одлука за извршување на Буџетот на Општина Велес за 2014 година.

Со Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Велес за 2014 година се прецизира начинот на трошењето на паричните средства во Буџетот на Општина Велес, начинот на пренамена во рамките на одобрените буџети на буџетските корисници, вредноста на бодот за утврдување на бруто плата. Со оваа Предлог-одлука за извршување на Буџетот е регулирана висината на разни надоместоци по разни основи, буџетска резерва, за отпремнини за пензионирање, во случај на боледување подолго од шест месеца, во случај на смрт на вработен или член на негово потесно семејство, јубилејни награди и др.

3.Предлог-одлука за исплата на надомест на штета во случај на предвремено раскинување на Договор за закуп на земјоделско земјиште во КО Караслари.

Изминатиов период за потребите на новоформираната индустриска зона во Караслари беа превземени низа активности во насока на уредување и подготовка на истата за новите инвеститори. Една од тие мерки беше и изработката на Локалната урбанистичка планска документација за стопанскиот комплекс со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија во КО Караслари. Со цел да се донесе оваа планска програма потребно беше да се започне процедура за пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно. На парцелите на кои се планираше овој плански опфат имаше склучено Договор за долгорочен закуп на земјоделско земјиште на период од 30 години склучен помеѓу давателот на закупот РМ-Министерство за замјоделство, шумарство и водостопанство и корисникот на закупот, приватна фирма од Општина Велес. Поради предвременото раскинување на Договорот за закуп, согласно законските процедури, потребно е да се надомести штетата на корисникот на земјиштето согласно наодот и мислењето кое го даде Биро за судски вештачења.

4.Предлог – одлука за усвојување на План за управување со отпад 2013-2017 година за Општина Велес.

Според законодавството на Република Македонија, управувањето со комуналниот, комерцијалниот и другите видови индустриски неопасен отпад е надлежност на локалната самоуправа. Главна цел на овој план е воведување на мерки и практики со кои се исполнуваат барањата на македонското законодавство за управување со отпад на локално ниво. Примарниот фокус на Планот 2013-2017 е да се овозможи одржливо функционирање на базичната инфраструктура за управување со комуналниот, комерцијалниот и другите видови неопасен отпад и тоа преку воспоставување нови и јакнење на постојните организациони структури, техничката инфраструктура, финансиските структури и правната рамка.

5.Предлог-програма за одржување на јавната чистота на територијата на Општина Велес за 2014 година.

Програмата на Општина Велес за одржување на јавната чистота е насочена кон одржување на јавната чистота на јавните површини и на отворените простори на јавните објекти, заради обезбедување на поквалитетни услови за живот на граѓаните и почиста животна средина во општината. Општа цел на Програмата е да се обезбеди редовно чистење на јавните повшини и отворените простори на јавните објекти, како и одржувањето на снегот и мразот во зимски услови. Во програмата е даден приоритет на површините кои ќе ги одржува изведувачот на програмата (ЈКП Дервен) според густината на населеност, фреквенција на граѓани и сообраќај, постоење на социјални, културни и воспитно-образовни објекти. При изготвување на програмата земено е во предвид и јавното мислење за потребите за одржување на јавните површини искажано преку претставки или др. начин на комуникација со граѓаните, како и преку работата на терен на надлежните инспекциски служби во општината и стручните служби во ЈКП Дервен.

6.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2013 година.

Согласно Законот за градежното земјиште општините за да можат да ги вршат работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија мора да имаат изготвено и усвоено едногодишна програма за работа во областа на располагањето со градежното земјиште сопственост на Република Македонија. Изминатиов период за потребите на индустриската зона Караслари беше донесена Локална урбанистичка планска која е потребно да се вгради во Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште за 2013 година. Целта на ваквата измена е да се излезе во пресрет на потребата од планирање на градежната парцела која ќе биде предмет на продажба на заинтересираните инвеститори.

7.Предлог-Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2014 година.

Со влегување на сила на Закон за градежно земјиште надлежностите за продажба и издавање под закуп на државно градежно земјиште преминуваат на општините. За да можат Општините да управуваат со градежното земјиште потребно е да исполнат одредени услови меѓу кои и донесување на оваа програма. Во оваа програма се опфатени 8 урбанистички планови во кој се опфатени 36 градежни парцели за продажба и 19 градежни парцели за краткотраен закуп.

8.Предлог-програма за работа на Советот на Општина Велес во 2014 година.

Врз основа на Законот за локална самоуправа, Статутот и Деловникот на Општина Велес, Советот е потребно да донесе програма за работа за наредната 2014 година. Основни цели на Програмата за работа на Советот на Општина Велес за 2014 година се:

-Програмирање на работата на Советот за тековната година;
-Реализација на надлежностите, што со закон се ставени во надлежност на Советот;
-Продлабочување на соработката со јавните служби основани од општината;
-Јавност и транспарентност во извршувањето на активностите за 2014 година.

9.Предлог-програма за уредување и одржување на градско зеленило на територијата на Општина Велес за 2014 година.

Програмата на ЈКП Дервен за одржување на јавните зелени површини е насочена кон одржување на зеленилото во парковските површини, зеленилото во скверовите во централното градско подрачје и скверовите во споредните улици со цел хортикултурно уредување и високо естетско оплеменување на просторот со што ќе се постигне поурбан изглед на градот. Општа цел на Програмата е да се обезбеди редовно одржување на Јавните зелени површини со што ќе се овозможи биолошко зачувување и правилен развој на посетчкото зеленило.

10.Предлог-програма за подигање на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2014 година.

Предлог-програмата за подигање на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2014 година е изработена од страна на стручните служби при ЈКП Дервен и усвоена од страна УО на комуналното претпријатие. Со неа се предвидува реконструкција на зелените површини и хортикултурно уредување на паркот во ОУ „Васил Главинов” и паркот „Гемиџии 2” во близина на автобуската станица. Намерите на Општина Велес и на ЈКП Дервен се овие две локации да прераснат во пријатни места за одмор и рекреација на нашите сограѓани. За таа цел потребно е Советот на следната седница да ја разгледа и да се произнесе по предложената програма за подигање на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2014 година.

11.Извештај за работа на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ Велес за период од I –IX месец 2013 година.

12.Извештај за работата на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти „Парк Спорт“ Велес за периодот од 01.01.2013 до 30.09.2013 година.

Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештаите за работата на ЈКП Дервен  и ЈПССО „Парк Спорт” за период од I-VI месец во 2013 година. Извештаите се претходно усвоени од управните и надзорните одбори на двете институции.

13.Извештај за реализација на 12-ти Интернационелен фестивал на античка драма „СТОБИ“ 2013 година.

Организаторот на 12-тиот ИФАД „СТОБИ” според одлуката на Советот и Договорот за делегирана надлежност е должен да достави извештај за реализацијата на манифестацијата. Овој извештај ги содржи сите аспекти од спроведувањето на фестивалот вклучувајќи го и финансискиот сегмент. Истиот е во насока на јавно и транспарентно презентирање на реализираното во рамките на културните манифестации кои Општина Велес ги поддржува и финансира.

14.Предлог - решение за одобрување на средства од буџетот на Општина Велес.

До Советот на Општина Велес, од страна на Кајакарскиот Клуб „Вила Зора“, доставено е барање за финансиска поддршка за учество на Светско првенство во Р. Словачка и Европско првенство во Р. Франција. На седницата, советниците ќе ја утврдат висината на средствата со кои ќе поддржат преставниците на кајакарскиот клуб „Вила Зора” во намерата за достојно спортско претставување на градот и државата на овие меѓународни првенства.

15.Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на надоместокот за управување и одржување на градските гробишта на ЈКП „Дервен“ Велес.

Со ова Решение се дава согласност на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на надоместокот за управување и одржување на градските гробишта на ЈКП „Дервен“ –Велес, донесена од Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие за “Дервен”- Велес. Истата е во насока подигнување на квалитетот на услугите спрема граѓанитео од страна на јавното комунално претпријатие во поглед на управувањето и одржувањето на градските гробишта.

16.Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за утврдување цени за гимнастички активности во сала за гимнастички спортови „Партизан“ при ЈПССО „Парк Спорт“ Велес.

17.Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за утврдување цени за користење на спортски објект „Помошно фудбалско игралиште“ при ЈПССО „Парк Спорт“ Велес.

Според Законот за јавни претпријатија и Законот за локална самоуправа, Советот на Општина Велес е надлежен за утврдување на цени кои ќе бидат применувани од страна на ЈПССО „Парк Спорт”. Овие предлог-решенија претходно донесени од страна на УО на јавното претпријатие се во интерес на поефикасно искористување и одржување на двата спортски објекти од страна на граѓаните и спортските клубови.

18.Предлог-решение за разрешување и именување на претставник на Општина Велес за член на Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Рајко Жинзифов“ Долно Оризари- Велес.

Од страна на УО на „Рајко Жинзифов“ Долно Оризари-Велес до Советот на Општина Велес доставено е барање за разрешување на член на УО. Од лични и оправдани причини членот на УО повеќе не е во можност да ја извршува функцијата, и затоа е потребно негово разрешување и именување на нов член на УО. Според законските одредби Советот треба да се произнесе по оваа точка.

19.Советнички прашања.

Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес. Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 14-тата седница на Советот на Општина.

Ви благодарам!