Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев го презентираше дневниот ред на закажаната 16-та седница

 

Почитувани

На денешната пресконференција сакам да ја известам јавноста дека на ден 21.02.2014 како Претседател на Советот на Општина Велес, по одржаната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот, го потпишав Решението за свикување на следната 16-тата седница на Советот на Општина Велес. Седницата ќе се одржи на ден 28.02.2014 година (петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10.00 часот. За 16-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

 
1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2013 година до 31.12.2013 година.
 
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 31.12.2013 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 31.12.2013 година.
 
2. Предлог-одлука за проширување и измена на распоред на средствата во Буџетот на Општина Велес за 2014 година.
 
Потребата за носење на оваа одлука произлегува од барањето на ОСУ “Јовче Тесличков” за проширување на донаторската сметка на Буџетот за 2014 година во колоната за донации.
Средствата за донација не можеше да бидат планирани во Буџетот за 2014 година од причина што средствата по проектот на ОСУ ”Јовче Тесличков” од националната програма за образование се одобрени на 31.12.2013 година.
Во таа насока е и оваа Предлог – Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2014 година, како би можело да се реализираат планираните активности.
 
3. Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Детален урбанистички план за дел од УЕ 1, УБ 2, УБ 7 и УБ 9 Велес, Општина Велес Плански период 2014 -2019година
 
Просторот дефиниран во изработката на овој детален урбанистички план со површина од 44,98 хектари го опфаќа делот околу Фабриката за шински возила „Колска”. Потребата за носење на овој детален урбанистички план првенствено произлегува од можноста за дополнителен економски развој на општината, а кој би се реализирал во овој дел од градот.
Согласно планската документација, предвидени се локации за: Домување во станбени куќи, Мали Комерцијални и деловни намени, Здравство и социјална заштита, Државни институции, Лесна индустрија, Заштитно зеленило како и сообраќајни објекти.
Предложените плански решенија за уредување на просторот се базираат врз Генералниот урбанистички план на Велес 2003-2018 година.
По утврдувањето овој Нацрт на Деталниот урбанистички план, Градоначалникот согласно законските процедури е потребно да организира јавна презентација на истиот.
 
4. Предлог-одлука за давање согласност и овластување за потпишување на Договор/и за грант, согласно Договор за финансирање СЕПАРИС број 2008-0446 помеѓу Република Македонија и Европска инвестициона банка за Проект: “Водоснабдување и одведување на отпадни води“.
 
Согласно Одлуката за распределба на средства и согласно договорот за заем по проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, на општината и се доделени средства во висина од 1.586.946,00 евра. Овие средства ќе се искористат за реализација на приоритетни потпроекти за водоснабдување и одведување на отпадни води, утврдени како приоритет на Советот на општината.
Со оваа предлог-одлука која ќе се најде на разгледување пред советниците предвидено е давање на согласност и воедно задолжување на Градоначалникот на Општина Велес да потпишува Договор/и за грант, согласно Договорот за финансирање СЕПАРИС помеѓу Република Македонија и Европска инвестициона банка за Проект: “Водоснабдување и одведување на отпадни води“.
 
5. Предлог-одлука за давање согласност и овластување за измирување односно пренасочување на средства од Буџетската сметка на Општина Велес.
 
Во случај на непочитување на договорените услуги, со оваа одлука се дава согласност и овластување на Градоначалникот на Општина Велес за измирување на средства од буџетската сметка на Општина Велес, во износ на искористените средства од Договорот/ите за грант, кои ќе се склучат согласно Договорот за финансирање СЕПАРИС помеѓу Република Македонија и Европска инвестициона банка за Проект: “Водоснабдување и одведување на отпадни води“.
Донесувањето на оваа одлука произлегува од потребата Општината како краен корисник на средствата да гарантира дека наплатата на средства ќе ја извршува Министерство за финансии на Република Македонија, со насочување на средства од буџетската сметка на општината-крајниот корисник и/или со задршка на дел од дотациите кои треба да се распределат на Општина Велес до износот потребен за наплата на побарувањето, согласно одредбите од Законот за јавен долг. Активностите кои се планирани за изведување се дел од годишната програма за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина на просторот на Општина Велес за 2014година.
 
6. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2014 година.
 
Едната измена на Програмата за изработка на урбанистички планови за 2014 година се врши заради зголемување на опфатот на планот со што се врши урбанизација на просторот на компаниите: Леов Компани, Маслодајна и Жито Вардар.
Исто така согласно измени на програмата, предвидено е да се направат: 2 измени на ГУП, 1 измена на ДУП, изработка на 2 нови ДУП, 3 урбанистички планови за вон населено место и 1 локална урбанистичка планска документација.
Овде е значајно да се напомене дека по иницијатива на Општината се предвидува нова индустриска зона за изградба на објекти за лесна и незагадувачка индустрија, а која ќе се наоѓа во КО Мамутчево. Во зоната ќе се предвидат градежни парцели со различни површини кои ќе бидат понудени за продажба на домашни и странски инвеститори.
Меѓу другото со останатите плански документи предвидено е и изградба на викенд куќи во близина на Езеро Младост. Овој план ќе биде финансиран од Општина Велес, а градежните парцели кои се на државно земјиште ќе се продаваат по пат на јавно наддавање.
Исто така по иницијатива на приватен инвеститор се предвидува и изградба на винарија во просторот на постојните лозови насади над реката Бабуна.
За оваа иницијатива и за останатите планови, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Статутот на Општина Велес, Советот потребно е да ја разгледа и да се прозинесе по Предлог-програмата за измена и дополнување на програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2014 година.
 
7. Годишен Извештај за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Општина Велес во 2013 година.
 
Врз основа Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Статутот на Општина Велес, Советот треба да го разгледа и да се произнесе по однос на Годишниот извештај за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за периодот од 01.01.2013 до 31.12.2013 година
Податоците во извештајот се внесени врз основа на сублимираните предмети во документацијата на општината за 2013 година како и врз основа на известувањата, извештаите и информациите доставени до Општина Велес од страна на јавните претпријатија, училиштата и локалните установи (по пошта, електронска пошта или информација по телефон) .
Општина Велес, Јавните претпријатија, училиштата и локалните установи како иматели на информации се обврзани секој поединечно до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер да достават Годишен извештај за примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Сублимираниот Годишен Извештај, по разгледувањето од страна на Советот на Општина Велес ќе биде доставен до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
 
8. Предлог-решение за прифаќање на Иницијатива за изменување и дополнување на детален урбанистички план за централно градско подрачје, локалитет Б, Општина Велес.
 
9. Предлог-решение за прифаќање на Иницијатива за изменување и дополнување на детален урбанистички план за дел од Велес на локалитет Алексо Демниевски, дел од урбана единица 7, дел од урбан блок 38, Општина Велес.
 
Од страна две физички лица, граѓани на Општина Велес изминатиов период беа поднесени две иницијатива за изменување и дополнување на детален урбанистички план.
Изработката на целокупната планска документација ќе се врши со финансирање од страна на подносителите на иницијативите.
Советот на Општина Велес согласно законските процедури потребно е да ги разгледа и да се прозинесе по однос на овие иницијативи.
 
10. Предлог-решение за именување на претседател и членови на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
 
Од страна на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот и патиштата до Градоначалникот на Општина Велес доставено е барање за доставување на предлози за именување на членови на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за Општина Велес.
Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, општинските совети се избираат од страна на Советите на општините, а по предлог на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот и патиштата.
Изборот на членови е е од редот на заинтересирани државни органи, институции и правни лица, како и од истакнати експерти од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата за време од 4 години.
Од страна на Градоначалникот на Општина Велес до претседателот на РСБСП Скопје доставен е предлог за членови.
Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот и патиштата подоцна го достави предлогот за именување на 11 членови, меѓу кои и предлог за претседател и секретар.
Врз основа на сето тоа на Советот на Општина Велес му се предлага донесување ова решение.
 
11. Предлог-решение за разрешување и именување на претставник на Општина Велес за член на Училишниот одбор на Општинското основно училиште ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Велес.
 
12. Предлог-решение за разрешување и именување на претставници на Општина Велес за членови на Управниот одбор на ОУД „Лазар Лазаревски“ Велес.
 
Од страна органите на управување во двете институции до Советот на Општина Велес како нивни основач, е доставено барање за именување на нови членови во училишниот т.е. во управниот одбор.
Преставникот во училишниот одбор на ООУ „Св. Кирил и Методиј” се разрешува по негово барање од лични причини, додека тројцата преставници на Општина Велес во управниот одбор на ОУД „Лазар Лазаревски” се разрешуваат поради престанок на нивниот мандат.
Согласно постоечките закони, Советот на Општина Велес треба да именува нови лица како преставници на локалната самоуправа во овие органи на управување.
 
13. Информација за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост кое се наоѓа на подрачјето на Општина Велес
 
Врз основа на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост потребно е Советот на Општина Велес да даде мислење во однос на земјоделското земјиште кое се наоѓа во Општина Велес предложено со Годишната програма за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост за 2013 година.
Ваквото мислење беше претходно побарано од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Инаку во годишна програма за продажба на земјоделско земјиште во државна сопстевност за 2013 година, предвидени се 34 парцели кои се наоѓаат на тертиоторијата на Општина Велес:
 
Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 16-тата седница на Советот на Општина.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Четврток на 27.02.2013 година.

Ви благодарам!