Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани
Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес, сакам да ја известам јавноста дека на ден 16.05.2014 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 19-та седница. По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 23.05.2014 година (Петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.
За 19-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2014 година до 31.03.2014 година.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 31.03.2014 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 31.03.2014 година.
2. Предлог-Одлука за утврдување потреба од донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на земјиштето предвидено со важечки ДУП измена и дополнување на детален урбанистички план РЕЧАНИ-ЗОНА 2-ВЕЛЕС.
3. Предлог-Одлука за утврдување потреба од донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на земјиштето предвидено со важечки ДУП Велес Речани II Локалитет „Лозар“.
4. Предлог-Одлука за утврдување потреба од донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на земјиштето предвидено со важечки ГУП за изграден објект трафостаница ТС 10 (20) кв „Јовевци - Бачман“ изградена на КП 3029 КО Велес м.в Буридан.
Со овие Одлуки се утврдува потреба од донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на земјиштата предвидени со важечки ДУП, за веќе изградени објекти (трафостаници) кои се во сопственост на ЕВН Македонија. Потребата донесување на овие Одлуки, произлегува од поднесени барања по службена должност од Министерството за транспорт и врски врз основа на Законот за постапување на бесправно изградените објекти. За продолжување и завршување на целата постапка потребно е Советот да донесе одлука со која ќе се изврши усогласување на намената на земјиштата односно конкретните локации во новата урбанистичко планска документација да бидат предвидени за изградба на трафостаници.
5. Предлог - одлука за давање на користење недвижна ствар на ЈПССО „Парк -Спорт “ Велес.
Согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, Општина Велес ја заврши постапката за легализација на објектот кој е во склоп на Градскиот стадион, а кој во изминатиот период се користеше како административни простории за фудбалскиот клуб и како простории за потребите на спортистите.
Овој објект претставува една целина од сите спортски објекти кои се наоѓаат во овој дел од градот. Со сите други објекти располага ЈПССО „Парк-Спорт”-Велес, а истите се предадени на користење со одлука на Советот.
Со единствена цел и овие простории да бидат рационално искористени и правилно распределени на спортските клубови, на ЈПССО „Парк-Спорт” Велес му се дава правото на нивно користење.
Начинот на стопанисување со објектот ќе биде уреден со посебен договор склучен помеѓу Градоначалникот на Општина Велес и директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти „Парк-Спорт” Велес.
6. Предлог- одлука за давање на времено користење недвижна ствар на Центарот за развој на Вардарски плански регион.
Од страна на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, до Советот е доставено барање за отстапување на зградата на поранешно Радио Велес, за потребите на Центарот.
Од причина што оваа зграда беше дадена на времено користење на Регионалната стопанска комора со Одлука на Советот, но до ден денес немаше заинтересираност од нивна страна да го потпишат договорот кој им беше приложен за користење на зградата, се предлага Одлуката со која оваа зграда беше дадена на користење на Регионалната стопанска комора да престане да важи.
По ова му се предлага на Советот на Општина Велес овој објект да се отстапи на времено користење на барателот за извршување на неговите потреби.
7. Предлог-одлука за давање на времено користење недвижна ствар на ДПТУ МАРКАРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ.
Општина Велес за да го забрза и олесни започнувањето на изградбата на фабриката Маркарт и уредувањето на просторот околу неа потребно е да обезбеди административни канцеларии за подготвителни активности на менаџерскиот тим на компанијата, а се со цел да се забрза процесот на регрутирање на кадри и вработување на невработени лица од Општина Велес.
Како слободен простор кој во целост ги исполнуваше условите на тимот на компанијата за извршување на административните работи се најде објектот во сопственост на Општина Велес кој се наоѓа на улица Борис Трајковски, а каде во изминатиов период беше сместено ЈП за стопанисување со станбен простор.
Поради горе наведеното се предлага просториите од овој објект да се дадат на времено користење на ДПТУ Маркарт Македонија ДООЕЛ Скопје до изградба на фабриката во индустриската зона во Караслари каде што е предвидено да биде седиштето на компанијата вклучувајќи го и административниот центар на компанијата.
8. Предлог-Одлука за аплицирање на Општина Велес со проектот „Зајакнување на капацитетите на општините од прекуграничната енергетска мрежа на локални власти за подготовка и развој на проекти вклучени во нивните Акциони планови за одржлива енергија 2020“.
Со оваа одлука, Општина Велес прифаќа да земе учество во Програмата за истражување и иновации „Хоризонт 2020”.
Во 2014 година во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција, Општина Велес доби средства од ЕУ за имплементација на проектот „Енерџинет” во висина од 147.500 евра. Проектот ќе се реализира во соработка со општини од Грција.
Апликацијата на Програмата за истражување и иновации „Хоризонт 2020” претставува продолжување и проширување на оваа проектна активност со општини – партнери од Грција, Бугарија и Албанија.
Целта е да се зајакне европската мрежа на градови во развојот на капацитетите за имплементација на мерки за енергетска ефикасност со што ќе се зајакнат напорите за намалување на емисијата на СО2 во Европа и ќе се воспостави одржлива мерка на општини од различни земји што ќе соработуваат и во иднина на планот на енергетска ефикасност.
Во случај на одобрување на апликацијата од страна на Европската комисија, финансиските средства за имплементација на проектот во целост ќе ги обезбеди Европската унија во рамките на Програмата за истражување и иновации „Хоризонт 2020” која покрива 100% од средствата за имплементација на проектот.
Одлуката на Советот на Општина Велес е неопходна за поднесување на апликацијата.
9. Предлог –одлука за усвојување на Оперативен план за родова еднаквост за 2014 година.
Согласно Одлуката за усвојување на Локална стратегија за родова еднаковст за 2013 – 2020 година со локален акциски план за родова еднаковст 2013 – 2015 година донесена од Советот на Општина Велес на ден 27.08.2013 се предвидува Советот за секој фискална година да носи посебен оперативен план за родова еднаковст. Имплементацијата на Оперативниот план за родова еднаковст 2014 е обезбедување ефективен и ефикасен систем на постигнување родова еднаковст преку функционални механизми за поддршка на национално и локално ниво, хармонизирани индикатори за мерење на прогрес за родова еднаковст.
10. Годишен Извештај за спроведување на Програмата за развој на Вардарски плански регион за 2013 година.
Во согласност со воспоставената пракса за транспарентност во работењето на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, до Советот на Општина Велес доставен е Годишниот извештај за спроведување на програмата за развој на Вардарскиот регион за 2013 година. Во рамките на овој извештај се наоѓаат одобрените проекти од страна на Бирото за регионален развој при крајот на 2012 година а кои се имплементирани во 2013 година. Исто така во извештајот се опишанни и активностите во рамките на проектите кои се финансирани од Програмата за рамномерен регионален развој за 2014 година – Биро за регионаленр развој (Министерство за локална самоуправа).
На оваа 19-та седница на Советот, Годишниот извештај за спроведување на програмата за развој на Вардарскиот регион за 2013 година ќе биде предмет на разгледување од страна на советниците.
11. Годишен Извештај за работата на Центарот за развој на Вардарски плански регион за 2013 година.
И овој Извештај за работата на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион за 2013 година е во согласност со претходно наведениот принцип за транспарентно работење, и истиот е доставен до за разгледување до Советот на Општина Велес.
Во годишниот извештај се наоѓаат податоци за структурата на организационата поставеност на центарот , за седниците на Советот за развој на ВПР, спроведените јавни набавки и други активности од доменот на работа на центарот во 2013 година.
Дел од овој извештај се и информациите за аплицирани и одобрени проекти на ВПР од страна на Министерството за локална самоуправа за 2013 година, аплицирани проекти на Центарот за развој во 2014 година, како и аплицирани и имплементирани проекти кои се финансирани од странски извори на финансирање.
12. Предлог-решение за одобрување средства од Буџетот на Општина Велес.
На ден 14.05.2014 година во семејната куќа на Џафер Асанов од Велес, настанат е пожар при што е причинета голема материјална штета . Поради неможноста членовите на семејството да продолжат да живеат во истата, се предлага со Решение на семејството на Џафер Асанов да им се одобри еднократен надоместок – парична помош, која во овој момент е неопходна. За висината на надоместокот ќе одлучат советниците на 19-тата седница на Советот.
13. Решение за распределба на финансиски средства за поддршка на квалитетен спорт во Општина Велес за 2014 година.
Согласно одредбите од Законот за спортот, Сојузот на спортови му предлага на Советот на Општина Велес, Програма за активностите во областа на спортот. Врз основа на тој предлог и потребите на општината во оваа област, донесена е Програмата за активностите на локалната самоуправа во областа на спортот и младите за 2014 година, во која особено внимание се посветува на создавањето услови за развој на масовните спортови и училишниот спорт, како и поддршката на спортските клубови од општината.
Средствата што се распределуваат со ова Решение се наменети за обезбедување средства за надомест за користење на спортските објекти за да можат сите клубови од градот во сите спортови да имаат подеднакви услови за тренинг. Истото се однесува и за поддршката што општината ја дава на младинските и кадетските екипи. Средствата оваа година во двете ставки се за 100.000 денари повисоки, што значи се остава поголем износ на средства во резервниот фонд кој се користи доколку некој од клубовите во тековната година преминат во повисока лига на натпреварување.
14. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за продажба на стари расходовани предмети на ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с. Иванковци.
Од страна на училишниот одбор на ООУ „Стојан Бурчевски – Буридан” од с. Иванковци до Советот на Општина Велес доставена е Одлука за продажба на стари расходовани предмети.
Исто така од Комисијата за расходување при ова училиште испратен е и список на Инвентар за расходување на предмети, кои се предлагаат за отуѓување.
Оттуѓувањето на старите предмети ќе се изврши на транспарентен начин, согласно позитивните законски прописи, што важат за овој начин на отуѓување.
15. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за расходување на стара дограма (врати) на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
Од страна на Управниот одбор на Локалната библиотека „Гоце Делчев” Велес доставена е Одлука за расходување на стара дограма (врати). Врз основа на направениот Извештај од страна на Комисијата за попис на средствата, се предлага да се расходоваат единаесете дрвени врати кои се надвор од употреба, а истите се заменети со ПВЦ врати. Според решението се предлага старата дограма да се отуѓи, согласно законските прописи што важат за овој начин на отуѓување.
16. Предлог-Решение за разрешување и именување претставници на Општина Велес за членови на Управниот одбор на ЈПССО „Парк-Спорт“Велес.
17. Предлог-Решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес за член на Одборот за контрола на материјално финансиското работење на ЈПССО „Парк-Спорт“Велес.
18. Предлог-Решение за разрешување и именување член на Ораганизациониот одбор на Културната манифестација Интернационален фолклорен фестивал „Велес“.
Од страна на ЈПССО „Парк-Спорт” Велес и Културната манифестација ИФФ „Велес” до Советот на Општина Велес како нивни основач, е доставено барање за именување на нови членови во органите на управување.
Претставниците во Управниот одбор и Одборот за контрола на материјалното и финансиско работење на ЈПССО „Парк-Спорт” Велес се разрешуваат поради престанок на нивниот мандат, додека претставникот во Организациониот одбор на Културната манифестација ИФФ „Велес” се разрешува од лични (здравствени) причини.
Согласно постоечките закони, Советот на Општина Велес треба да именува нови лица како преставници на локалната самоуправа во овие органи на управување.
19. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 19-тата седница на Советот на Општина.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Четврток на 22 мај 2014 година.
Ви благодарам!