Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани
Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес, сакам да ја известам јавноста дека на ден 13.06.2014 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 20-та седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 20.06.2014 година (Петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.
За 20-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-одлука за отуѓување на патничко возило, сопственост на Општина Велес.
Предлогот да се изврши отуѓување на едно патничко моторно возило сопственост на Општина Велес е поради неговата дотраеност, зголемена потрошувачка на гориво, потребата од замена на делови од возилото и воопшто зголемените финансиски средства потребни за негово одржување.
2. Предлог-одлука за давање на користење недвижна ствар сопственост на Општина Велес на ЈПССО „Парк – Спорт" – Велес (објект – градски стадион).
Владата на Република Македонија со Одлука за давање на трајно користење на недвижна ствар на Општина Велес без надомест и го додели Градскиот стадион чија површина изнесува 22.581м2. Во меѓувреме се изврши целосна реконструкција на тревната површина (со градежни зафати изработка на подлога и завршен слој) на стадинот, преку проект на ФФМ и УЕФА, како и дел од средства одобрени од Буџетот на Општина Велес. Со цел домаќинско и грижливо работење со објектот, негово зачувување, одржување и правилен начин на користење, се предлага истиот да биде предаден на користење на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес.
3. Предлог-одлука за дислокација на спомен-бистата на националниот деец Васил Главинов.
Од страна на Градоначалникот на Општина Велес беше доставено барање до одборот за подигање на спомен обележја во Општина Велес за дислокација на спомен бистата на националниот деец Васил Главинов што е лоциран во дворното место на ООУ „Васил Главинов“. Со отворањето на зелената површина од дворот на ООУ „Васил Главинов“ за потребите на граѓаните во овој густо населен дел од градот, се создаде потреба бистата на патронот на училиштето да се дислоцира на погодно место во дворот на училиштето каде ќе може достојно да се оддава почит, да се организираат свечености во негова чест, а при тоа да не се уништува хортикултурата во парковата површина. Од страна на Одборот за подигање на спомен обележја во Општина Велес, разгледано е ова барање, направена е анализа за дислокацијата, побарано е мислење од Секторот за урбанизам за на крај Одборот да достави позитивно мислење до СОВ од кое прозилегува оваа предложена Одлука.
4. Предлог-одлука за давање на користење недвижна ствар, сопственост на Општина Велес на Локалната библиотека „Гоце Делчев“Велес.
Советот на Општина Велес со претходно донесени Одлуки и тоа Oдлука за давање намена на објекти и Одлуката за давање на име на повеќенаменската сала „Бели Мугри” објектот кој е сопственост на општината, а во кој моментално својата дејност ја врши Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, направи наменувањена објектот со повеќе содржини како библиотека, читална, медиотека, игротека, фоаје и повеќенаменска сала.
Иако Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес, ја обавува својата дејност во овој објект, до денес не постоеше одлука со која се утврдува начинотна користење и одржување на објектот од моменталниот корисник.
Во објектот се направени поголем број на уредувања (уредување на фоајето, средување на санитарните јазли) а од неодамна се изврши реконстрикција на бината во салата „Бели Мугри”.
Со цел да се обебзеди поголема контрола во начинот на користење и одржување на објектот, се предлага на Советот на Општина Велес да ја донесе вака предложената Одлука.
5. Предлог-одлука за давање на трајно користење арматури (светилки) за улично осветлување на Општина Градско.
Од страна на Општина Градско до Советот на Општина Велес доставено е барање за доделување на 50 арматури (светилки) за улично осветлување. Општина Велес откако ја изврши замената на посточките светилки во градот, арматурите (светилките) остануваат неупотребливи и истите се зачувани во магацински простор на општината. Од причина што бројот на овие светилки е голем, се предлага оваа одлука, со која без надоместок ќе се дадат на барателот кој има потреба од нивно користење.
6. Предлог-програма за заштита на платани на територијата на Општина Велес за 2014 година.
Заштитата на платановите стебла и состоини од платан на територијата на Општина Велес кои уживаат заштита како споменици на природата ќe се имплементира преку Годишни програми за заштита на платани на територијата на Општина Велес. Годишната програма за заштита на платани на територијата на Општина Велес за 2014г. обезбедува заштита на 7 платани, кај кои долго време не се спроведени санитарно-заштитни мерки.
Согласно Одлуката за спроведување на санитарно-заштитните мерки на прогласените поединечни стебла од платан и состоини од платан за споменици на природата на територијата на Општина Велес, од страна на Градоначалникот на Општина Велес формирана е Стручна екипа за процена на состојбата со прогласените поединечни стебла од платан и состоини од платан за споменици на природата на територијата на Општина Велес, која изврши прелиминарна проценка на состојбата со платаните, ги одреди приоритетните платанови стебла на кои им е неопходно спроведување на санитарно-заштитни мерки. Од Управата за животна средина добиено е позитивно мислење за спроведување на санитарно-заштитните мерки на платаните кое е во прилог на предметната Програма.
За реализација на оваа Програма потребни се 343.446,00 денари кои ќе се финансираат од Буџетот на Општина Велес, со средства предвидени во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на заштитата на животната средина во 2014 година.
7. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на ОпштинаВелес во областа на градежното земјиште во 2014 година.
8. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2014 година.
9. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој во 2014 година.
10. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на развојот на информатичката технологија (ИТ) во 2014 година.
11. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2014 година.
12. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на образованието во 2014 година.
13. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2014 година.
14. Предлог- програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита во 2014 година.
15. Предлог-Програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународната соработка во 2014 година.
Измените и дополнувањата на Програмите за работа на Општина Велес во 2014 година во најголем дел се должат на потребата од усогласување со конечната вредност на веќе реализираните проекти со заштеда на средства од буџетот, додека дел од нив произлегуваат и од потребата за усогласување со динамиката на нов прилив на средства во Буџетот на Општина Велес.
16. Извештај за работата на ЈПССО „Парк Спорт“Велес со финансиски резултати за периодот од 01.01.2014 година до 31.03.2014 година.
Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес, од страна на ЈПССО „Парк Спорт” Велес пристигнато е барање за разгледување на извештајот за работата со финансиски резултати за периодот од 01.01.2014 до 31.03.2014 година. Овој извештај претходно е усвоен од органите на управување на оваа институција.
17. Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за расходување и отуѓување на основни средства, ситен инвентар и отпад од железо на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес.
Од страна на ЈПССО „Парк Спорт” Велес до Советот на Општина Велес беше доставена Одлуката за расходување на основни средства, ситен инвентар и отпад од железо. Оваа одлука претходно е донесена од страна на Управниот одбор на претпријатието.
Согласно Законот за јавните претпријатија, основачот дава согласност на актите со кои јавното претпријатие врши расходување и отуѓување на основните средства.
18. Извештај за работа на ЈКП „Дервен“ за период од I-III месец 2014 година.
Извештајот работата „Дервен“ го прикажува работењето на претпријатието во текот на првото тромесечје од 2014 година и истиот ги содржи основните податоци за работењето преку остварениот физички обем на производство и услуги и финансиските показатели. Овој документ е претходно усвоен од страна на Управниот одбор и Надзорниот одбор за контрола на материјалното и финансиско работење на ЈКП „Дервен”.
19. Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за извршување на градежни работи од ЈКП Дервен Велес.
20. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за вршење за хортикултурни услуги од ЈКП Дервен Велес.
21. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за изработка, поставување и одржување на урбана опрема од ЈКП Дервен Велес.
Од страна на Јавното комунално претпријатие Дервен до Советот на Општина Велес беа доставени Одлуките за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за: извршување на градежни работи, хортикултурни услуги и изработка, поставување и одржување на урбана опрема од страна на ЈКП Дервен Велес.
Согласно Законот за јавните претпријатија основачот дава согласност на актите со кои јавното претпријатие утврдува цени на производите и услугите што ги дава претпријатието спрема корисниците.
За дополнувањето на овие Одлуки за утврдување на цени добиено е позитивно мислење од страна на Управниот одбор и Одборот за контрола на материјално и финансиско работење на ЈКП Дервен. Истите се во насока на подигнување на квалитетот на услугите од страна на јавното комунално претпријатие во поглед на изведувањето градежни работи, хортикултурни услуги и изработка, поставување и одржување на урбана опрема.
22. Предлог-решение за одобрување средства од Буџетот на Општина Велес.
До Советот на Општина Велес пристигнато е предмет-барање од Кајакарскиот клуб „Вила Зора“ од Велес кое се однесува за помош од финансиски средства на нивна членка која ќе настапува на Европското првенство за сениори кое ќе се одржи во Скопје од 3-ти до 6-ти Јули. Натпреварувачката ќе учествува во категоријата К-1 (кајак едносед) слалом.
Од ООУ „Васил Главинов“ побарани се финансиски средства за нивна ученичка која има освоено сребрен медал во Математика и со тоа се стекнала со право за учество на 18 Јуниорска Балканска Олимпијада како дел од македонскиот тим. Оваа година оваа манифестација ќе се одржи во Охрид од 21 до 29 јуни.
Од страна на жителка на Општина Велес со место на живеење во месноста Рамина, со сопствени средства е изградена подземна армирано бетонска конструкција со која нејзиниот објект и објектите во таа линија се заштитени од понатамошно влијание на свлекување на земјиштето.
За изградбата на овој ѕид биле потрошени финансиски средства од 80.000 денари. За поставување на овој ѕид било разговарано и со службите во Општина Велес каде било договорено лицето само да го финансира изградувањето на овој потпорен ѕид, а средствата ќе и бидат дополнително вратени во целост.
Поради горе наведените причини на Советот му се предлага за донесување ова предлог решение по кое ќе се изјаснат советниците на 20-тата седница.
Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред следната 20-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Четврток на 19 јуни 2014 година.
Ви благодарам!