Почитувани
На денешната пресконференција сакам да ја известам јавноста дека на ден 04.07.2014 како Претседател на Советот на Општина Велес, по одржаната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот, го потпишав Решението за свикување на следната 21-ва седница на Советот на Општина Велес. Седницата ќе се одржи на ден 11.07.2014 година (петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 12.00 часот.
За 21-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-изменување и дополнување на Буџетот на Општина Велес за 2014.
Согласно измените и дополнувањата на програмите за работа на Општина Велес за 2014 година донесени на седница на Советот на Општина Велес, се јави потреба од измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2014 година. Ваквата измена на буџетот претставува редовна пракса во која што се ревидираат и усогласуваат буџетските приходи и расходи.
2. Предлог-одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ7 и УБ 39 за КП16914, КП16915, КП16916, КП16917, КП16918 и КП16919 КО Велес, Општина Велес.
Со оваа Одлука се врши донесување на деталниот урбанистички план кој го опфаќа просторот на индустриската зона „УЗУС” со површина од 2.08 хектари. Овој план кој е дел од урбаната единица 7 дел од блок 39, е со класа на намена Г (производство, дистрибуција, сервиси), или поточно предвидена намена Г2 (лесна индустрија) во која влегуваат сите видови на производство кои не бараат многу енергија, не создаваат голем промет на суровини, материјали и сообраќај и не произведуваат штетни еманации. Планската документација е во согласност со Генералниот урбанистички план, а истатата е во насока на економскиот развој на општината како дел од напорите за создавање на нови работни места за нашите сограѓани.
3. Предлог-одлука за прифаќање на донација на Општина Велес.
Од страна на Ирена Вел ДООЕЛ Велес даден е мотор-скутер како донација на Општина Велес. Ова моторно возило ќе и послужи на Општина Велес за нејзини потреби. За донацијата ќе биде изготвен и посебен договор помеѓу Градоначалникот на Општина Велес и лицето кое ја застапува Ирена Вел ДООЕЛ за прифаќање на донацијата согласно Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности.
4. Предлог-одлука за започнување на постапка за преотстапување на започнување на постапка за преотстапување на фекална канализација во индустриска зона Речани 2.
5. Предлог-одлука за започнување на постапка за преотстапување на водоводна и канализациона мрежа во индустриска зона УЗУС.
Инвеститор на активностите околу изградбата на фекалната канализација во индустриската зона Речани 2 и УЗУС е Општина Велес, која ги прифаќа процесните и санитарните отпадни води од стопанските објекти во индустриската зона.
Со изградбата на овие инфраструктурни објекти, се создадоа услови за развој на индустриските зони со нови инвестиции за лесна и незагадувачка индустрија.
По изградбата, канализационите мрежи не се преотстапени на давателот на услугата и не се дел од јавниот водоводен и канализационен систем на општината.
Согласно Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на територијата на Општина Велес, “одржувањето на изградените водоводни објекти и инсталации, како и канализациони објекти и инсталации кои не се дел од јавниот водоснабдителен и канализационен систем, со Одлука на Советот на општината се преотстапуваат на давателот на услугата - ЈКП Дервен како овластено претпријатие за вршење на комунални дејности на територијата на Општина Велес.
За таа цел, со оваа Одлука се започнува постапката за преотстапување, по што Комисијата формирана од Градоначалникот на Општина Велес ќе ја утврди техничката исправност на предметните инфраструктурни објекти и инсталации, со констатирање на записник.
Ако се констатира дека објектите се технички исправни, комисијата ќе му препорача на Советот на општината да донесе Одлука за преотстапување.
Доколку се констатира дека објектите се технички неисправни, комисијата дава препораки за превземање на мерки и активности.
6. Предлог-одлука за започнување на постапка за преотстапување на Регионален колектор за фекална канализација со пречистителна станица за населените места Мамутчево, Кумарино, Отовица и Сателитска Населба на езеро Младост до населено место Новачани.
Проблемите со истекување на отворени фекални води од мотели на езерото Младост беше присутен 30 години. Од страна на Општина Велес беше идентификуван како приоритетен проект имајќи ја предвид намената на езерото, заштитата на животна средина и природата.
За таа цел Општина Велес во 2003 година конкурираше со овој проект и истиот доби финансиска подршка од CARDS 2003-2004 програма за развој на локална инфраструктура за реализација на проект: “Регионален колектор за фекална канализација со пречистителна станица за населените места Мамутчево, Кумарино, Отовица и Сателитска Населба на езеро Младост до населено место Новачани”.
Реализацијата на проектот започна во 2005 година и се изгради колекторски систем и пречистителна станица за 3000 еквивалент жители.
По изградбата, регионалниот колектор не е преотстапен на давателот на услугата и не е дел од јавниот канализационен систем на општината.
Согласно законските процедури, како и претходните две точки од дневниот ред, потребно е и овој објект со Одлука на Советот на општината да се преотстапи на давателот на услугата - ЈКП Дервен како овластено претпријатие за вршење на комунални дејности на територијата на Општина Велес.
7. Предлог-одлука за започнување на постапка за преотстапување на канализација за индустриски, фекални и атмосферски отпадни води т.н. Топилничка канализација.
И оваа точка на двениот ред е за преотстапување на инфраструктурен објект. Поради тоа што канализационата линија за индустриски, фекални и атмосферски отпадни води т.н. Топилничка канализација, нема овластен оператор кој ќе врши нејзино управување и одржување и не е дел од јавниот канализационен систем на општината, се предлага истата да се преотстапи на даваателот на услугата – ЈКП Дервен.
8. Предлог-решение за одобрување на средства од Буџетот на Општина Велес.
До Советот на Општина Велес пристигнато е барање за финансиска поддршка од Кајакарскиот Кану клуб Вардар од Велес кој е државн првак во сите категории. На европското сениорско првенство кое се одржува во Скопје на патеката Матка на која ќе учествува Игор Стефановски потребни му се припреми за постигнување на подобри резултати.
Моника Саздова е единствен учесник од Македонија на меѓународниот младински форум „Интерселигер“ кој се одржува во Твер, Република Русија од 27.07 до 03.08.2014 година. Од Советот на Општина Велес побарана е поддршка за надомест на патните трошоци.
Велешката поп група Ла Манш има снимено песна со групата Црвена Јабука. Музиката за песната е од велешанецот Роберто Панчевски член на групата Ла Манш. Песната е веќе хит во Хрватска, а во Македонија ќе се направи промоција во месец јули. За оваа песна ќе се снима спот во Р. Хрватска – Сплит, а потоа ќе се снима и на локации во Велес. За реализација побарана е финансиска поддршка од Советот на Општина Велес.
Сите овие три барања, ќе бидат предмет на разгледување од страна на советниците кои ќе се произнесат по истите, на 21-та седница на Советот на Општина Велес.
9. Информација за временската рамка на договорите за користење на простории од објект сопственост на Општина Велес на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и Техничкиот факултет од Битола.
Објектот на некогашното училиште ООУ ЈХК-Џинот, СОВ со Одлука од 11.07.2007 год. го даде на користење на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и Техничкиот факултет од Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.
Со двата правни субјекти Градоначалникот има потпишано договор со кој се регулираат меѓусебните права и обврски.
Објектот е даден на користење на период од 10 години , со тоа што за првите 5 години корисниците се ослободуваат од плаќање на паричен надомест за користење на објектот како надомест за средствата што ќе бидат потрошени околу санацијата и реконструкција на објектот и внатрешните простории. Со изминувањето на периодот од 5 години без надоместок, корисниците побараа да се разгледаат нивните финансиски услови дека не се во можност да плаѓаат одреден надоместок за понатамошниот период. Врз основа на ова Градоначалникот формираше Комисија која изврши увид на терен и до СОВ ги предлага следните мерки:
- Да се продолжи договорот со факултетот за туризам и угостителство од Охрид при Универзитетот „Св Климент Охридски“ од Битола како корисник на објектот при што до Советот ќе биде доставена одлука за продолжување на договорот
- Доколку се склучат договори со корисници на објектот, да се обврзат истите да имаат обврска за тековно одржување на објектот
- Поради оштетување на кровната конструкцоја да се задолжат корисниците рамноправно/пропорционално според просторот што го користат да учествуваат со финансиски средства за санирање на кровот.
- Санацијата на кровот да биде изведена до 2015 година.
10. Предлог-решение за разрешување и именување на претставник на Општина Велес за член на Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Васил Главинов“- Велес.
Од страна на претседателот на УО на ООУ „Васил Главинов“ Велес до Советот на Општина Велес доставено е Известување за изминување на мандатот на член од училишниот одбор при ООУ „Васил Главинов“ Велес. Поради изминување на мандатот, а согласно законските барања, од Советот се бара негово разрешување и именување на нов член на училишниот одбор на ООУ „Васил Главинов“.
11. Информација за движењето на акутните заразни заболувања на подрачјето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес за месец Јануари-Мај 2014 година.
Согласно правните акти кои ја регулираат оваа проблематика, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес до Советот на Општина Велес доставува Информација за движењето на акутните заразни заболувања. Советниците ќе имаат можност да ја разгледаат информацијата и да продискутираат за движењето на бројката на заболени од заразни болести на подрајчето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес а кое ги опфаќа општините Велес, Чашка и Градско.
12. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 21-та седница на Советот на Општина.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Четврток на 10 јули 2014 година.
Ви благодарам!