Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев го презентираше дневниот ред на закажаната 22-ва седница

Почитувани,

На денешната пресконференција сакам да ја известам јавноста дека 22-та седница на Советот на Општина Велес е свикана и ќе се одржи на ден 26.08.2014 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 11.00 часот.

 

Терминот на свикување на седницата е договорен со градоначалникот и координаторите на советничките групи како стандардна процедура, односно начин на функционирање на Советот на Општина Велес.

За 22-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2014 год. до 30.06.2014 година.

Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 30.06.2014 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 30.06.2014 година.

2. Предлог-одлука за донесување Детален урбанистички план за дел од УЕ 1, УБ 2, УБ 7 и УБ 9, Велес - Општина Велес.

Со оваа Одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од УЕ 1, УБ 2, УБ 7 и УБ 9, Велес - Општина Велес (или поточно просторот каде што се наоѓа Фабриката за шински возила – Колска). Изработката на ваквиот ДУП се одвива врз основа на програмските елементи дадени во ГУП, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање н просторот. Главна цел на донесувањето на планскиот документ е овозможувањето на услови за градба на комплекс со различни намени кои ќе овозможат позитивни ефекти со својата функција од аспект на повисока организација, инфраструктурна опременост и уреденост на просторот. Деталниот план е и во функција на задоволување на барањата за организирање на производство во помал обем, т.н. мало стопанство. Се предвидува зголемување на работната зона со нови површини за лоцирање на капацитетите за лесна и незагадувачка индустрија. Во зоната се потврдуваат постоечките објекти на комунална супраструктура, објект за домување, дел од лесна и незагадувачка индустрија и мал зелен појас во функција на заштита на зоната.

3. Предлог-одлука за утврдување Нацрт Детален урбанистички план (ДУП) за дел од УЕ 1,УБ 10,Велес, Општина Велес, плански период 2014-2019 год.

Границите на планскиот опфат, за кој што се изработува оваа планска документација, се утврдени на ниво на урбана единица и урбани блокови кои што се дефинирани согласно ГУП. Со планот е опфатен просторот околу административната зграда на Општина Велес. Со неговата изработка и донесување, треба да се овозможи унапредување на квалитетот на живеење во делот домување, преку рационално и ефикасно користење на расположивите ресурси а во непосредна функција и согласно принципите на одржлив развој. Исто така во оваа планска документација се предвидуваат и објекти за мали комерцијални и деловни намени, државни институции, сообраќајна и комунална инфраструктура.

4. Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување на урбанистичко плански документации за усогласување на намените на земјиштето.

Потребата од донесување на оваа одлука е врз основа на Законот за постапување со бесправно изградените објекти. Со нејзе се утврдува потреба од донесување на урбанистичко плански документации за усогласување на намената на земјиштето за легализација на бесправни објекти, изградени во населените места на територијата на Општина Велес. Согласно измената на Законот за просторно и урбанистичко планирање а во функција на легализација на дивоизградените објекти, за продолжување на постапката за легализација, потребно е Советот на Општина Велес да донесе одлука со која ќе се изврши усогласувања на намената на земјиштето односно донесување на нова урбанистичка планска документација на наведените места.

5. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка за четврта година за образовен профил во ССОУ„Коле Неделковски“ Велес.

ССОУ „Коле Неделковски“ Велес по претходно добиена согласност од Министерството за образование и наука, поднесе барање до основачот, Советот на Општина Велес, за добивање согласност за формирање на паралелка за четврта година за образовен профил: хотелско-туристички техничар од угостителско – туристичка струка со број на ученици помал од законскиот минимум. Барањето е врз основа на интересот на учениците од оваа струка кои завршија трета година и имаат желба да го дооформат средното образование со четврт степен.

6. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици на ССОУ„ Коле Неделковски“ Велес.

7. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици на ССОУ„Димитрија Чуповски“ Велес.

8. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици на ОСУ„Гимназија Кочо Рацин“ Велес.

9. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици на ОСУ„Јовче Тесличков“ Велес.

Пред почетокот на новата учебна 2014/2015 година и по завшрувањето на роковите за упис на ученици до Општина Велес општинските училишта испратија барање за формирање на паралелки со помал број на ученици од законски дозволениот минимум. Според Законската регулатива за основно и средно образование, основачот т.е. Советот на Општина Велес е надлежен за давање на согласности за формирање на паралелки со помал број на ученици од дозволениот минимум.

10. Предлог- решение за давање согласност за организирање на продолжен престој во ООУ„Рајко Жинзифов“ Долно Оризари- Велес.

ООУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари, Велес поднесе барање до Советот на Општина Велес, за добивање согласност за организирање на продолжен престој за учениците од прво до трето одделение во училиштето во Горно Оризари и Подрачното училиште во Населба Превалец. Според документот, односно барањето, училиштето располага со простории и наставен кадар со кои може да излезе во пресрет на барањата на родителите за организирање на продолжен престој за учениците до трето одделение во овие населени места.

11. Предлог- решение за давање согласност на Статутот на Општинската установа за деца Детска градинка „Димче Мирчев“-Велес.

12. Предлог- решение за давање согласност на Правилникот за организација и систематизација на работата и работните места на ОЈУ за деца Детска градинка „Димче Мирчев“ Велес.

Од страна на директорот на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес до Советот на Општина Велес пристигнаа барања, кои се однесуваат на давање согласност од страна на Советот за Статутот и Правилникот за организација и систематизација на работата и работните места на ОЈУДГ „Димче Мирчев“-Велес. Во прилог на нивните барања се и Одлуките од Управниот одбор на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес за донесување на овие документи кои се од стратешка важност за самата инстутиција.

13. Предлог-решение за давање согласност за формирање на група со помал број на деца од законски утврдениот на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес.

Од страна на директорот на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес до Советот на Општина Велес доставено е барање со кое се однесува на давање согласност од страна на Советот за формирање на група со помал или поголем број на деца од законски утврдениот на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес за учебната 2014/2015година.

Согласно Законот за заштита на децата во зависност од условите за работа, потребата на децата и родителите или програмите за остварување на дејноста, јавната детска градинка во групите може да има поголем број на деца, односно помал број на деца од бројот на деца утврдени со овој закон, за што согласност дава основачот на установата.

14. Предлог-решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес за член во Училишниот одбор на Општинското основно училиште Св. „Кирил и Методиј“- Велес.

15. Предлог-решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес во Надзорниот одборот за контрола на материјално-финансиското работење на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес.

Од страна на ООУ „Св. Кирил и Методиј” Велес и ЈПССО „Парк Спорт” Велес до Советот на Општина Велес како нивни основач, се доставени барања за именување на нови членови во органите на управување. Претставникот во Училишниот одобор на ООУ „Св. Кирил и Методиј” Велес се разрешува поради престанок на неговиот мандат, додека претставникот во Надзорниот одборот за контрола на материјално-финансиското работење на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес се разрешува од лични причини. Согласно постоечките закони, Советот на Општина Велес треба да именува нови лица како преставници на локалната самоуправа во овие органи на управување.

Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 22-та седница на Советот на Општина.

Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат денес,
Понеделник, 25.08. 2014 година.

Ви благодарам!