ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС АЛЕКСАНДАР КОЛЕВ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ ДНЕВНИОТ РЕД НА ЗАКАЖАНАТА 24-ТА СЕДНИЦА

Почитувани,
На денешната пресконференција сакам да ја известам јавноста дека на ден 23.09.2014 како Претседател на Советот на Општина Велес, по одржаната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот, го потпишав Решението за свикување на следната 24-ва седница на Советот на Општина Велес.

 

Седницата ќе се одржи на ден 30.09.2014 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 12.00 часот.

За 24-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог - одлука за измена на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Велес за 2014 година.

Со оваа Предлог – одлука за измена на распоред на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2014 година, се врши зголемување на планираните средства (700.000 денари) опфатени со потпрограмата Општинска администрација во делот на Привремените вработувања.
Согласно оформените две спортски паралелки во новата учебна година 2014/2015 година за ангажирање на четири лица со стручно високо образование се јави потребата од зголемување на средствата во делот на исплата на плата за времено ангажирање на лицата преку Агенција за времено ангажирање на вработени.
Оваа Предлог-одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2014 година е токму во овој правец, како би можело да се реализираат планирате активности.
Проектот „Спортски паралеки” е од огромно значење како за развојот на спортот во градот и државата воопшто. Целта е преку посебно обликуван образовен процес, со изразен акцент и поголема застапеност на практичниот дел, односно тренингот, учениците да се оспособуваат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да бидат членови на националните спортски селекции.

2. Предлог- одлука за донесување на Детален урбанистички план за УЕ 2 УБ 12, Велес, Општина Велес.

Со оваа Одлука се врши донесување на ДУП за УЕ 2 УБ 12 во кој спаѓа и индустриската зона Речани 2. Вкупната површина што ја зафаќа планскиот опфат изнесува 28, 8 ха. Основната намена на просторот на локалитетот е А – Домување, Г - Производство, дистрибуција и сервиси, Д - Зеленило и рекрација и Е – Инфраструктура.
Главната цел на донесувањето на планскиот документ произлегува од потребата за организација и уредување на просторот во насока на развој на комерцијалните дејности со зголемување на капацитетите во доменот на услугите и трговијата.
Основните принципи на овие дејности се доближување на продажниот простор до населението, концентрација и специјализација на објектите, проширување на асортиманот на стоките и услугите и современата технологија во организација на продажбата.
Сметаме дека развојот на постојните и создавање услови за изградба на нови комерцијални и деловни објекти во идниот период, сигурно дека ќе претставува дополнителен импулс кон забрзаниот економски развој на општината.

3. Предлог –одлука за утврдување на Нацрт Детален урбанистички план за дел од УБ 49, УЕ 9 од Генерален урбанистички план на град Велес, опфат помеѓу улица Димко Најдов, јужна граница на КП 10056и граница на ГУП, Локалитет Димко Митрев (стар погон), КО Велес, Општина Велес.

Границите на планскиот опфат, за кој што се изработува оваа планска документација, се утврдени на ниво на урбана единица и урбани блокови кои што се дефинирани согласно ГУП. Со планот е опфатен просторот каде што се наоѓа крзнарата Димко Митрев со површина од 2.92 хектари. Деталниот план е во функција на задоволување на барањата за повисока организација, инфрастурктурна опременост и уреденост на просторот. Со него се предвидува намена на земјиштето за Производство, дистрибуција и сервиси со основна класа на намена Г2 – Лесна индустрија во која спаѓаат сите видови производство кои не побаруваат многу енергија, не создаваат голем промет на суровини, материјали и сообраќај и не произведуваат штетни еманации.

4. Предлог – одлука за откажување од корисничко право од недвижен имот за КО Велес.

Општина Велес со цел да започне постапка за продажба на градежно земјиште на слободни парцели во сопственост на Република Македонија, потребно е истите да бидат без товар односно да нема прибележување - корисничко право на физичко или правно лице. Од причина што на имотниот лист на парцелите предвидени за продажба а кои се наоѓаат во локалитетот Тунел 2, стои корисничко право со назив општинско собрание, Советот согласно законските норми потребно е да се откаже од истото со цел започнување на постапката за продажба на ова градежно земјиште.

5. Предлог – одлука за прифаќање на предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Лозово.

Од страна на Градоначалникот на Општина Лозово, до Општина Велес доставен е предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка во областа на обезбедување на услуги од внатрешен ревизор, одговорен сметководител и услуги од инспекцискиот надзор помеѓу Општина Велес и Општина Лозово.
Претходно, Советот на Општина Лозово, врз основа на предлогот од Градоначалникот и направената процена, донесе одлука за утврдување на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка со Општина Велес во делот на обезбедување на услуги од внатрешен ревизор, одговорен сметководител и услуги од инспекцискиот надзор.
Одлуките од Советот и предлогот од Градоначалникот на Општина Лозово се доставени до Градоначалникот на Општина Велес кој врз основа на сето тоа, достави мислење за оправданоста од предлогот за воспоставување на меѓуопштинска соработка на Општина Лозово.
На 24-тата седница на Советот на Општина Велес, советниците ќе се ја разгледаат Предлог-одлуката и ќе се произнесат по истата.

6. Предлог-Годишна програма за работа на ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Велес за учебната 2014/2015 година.
7. Предлог-Годишна програма за наставно-воспитната работа на ООУ „Васил Главинов“ Велес за учебната 2014/2015 година.
8. Предлог-Годишна програма за работа на ООУ „Блаже Конески“ Велес за учебната 2014/2015 година.
9. Предлог-Годишна програма за воспитно – образовната работа на ООУ „Благој Кирков“ Велес за учебната 2014/2015 година.
10. Предлог-Годишна програма за работа на ООУ „Јордан Хаџи - Константинов Џинот“ Велес за учебната 2014/2015 година.
11. Предлог-Годишна програма за работа на ООУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари за учебната 2014/2015 година.
12. Предлог-Годишна програма за воспитно-образовната работа на ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с.Иванковци за учебната 2014/2015 година.
13. Предлог-Годишна програма за работа на ООМУ „Стефан Гајдов“ Велес за учебната 2014/2015 година.
14. Предлог-Годишна програма за воспитно-образовната работа на ОСУ „Јовче Тесличков“ Велес за учебната 2014/2015 година.
15. Предлог-Годишна програма за воспитно-образовната работа на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес за учебната 2014/2015 година.
16. Предлог-Годишна програма за работа на ССОУ „Коле Неделковски“ Велес за учебната 2014/2015 година година.
17. Предлог-Годишна програма за работа на ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес за учебната 2014/2015 година.
18. Предлог-Годишина програма за работа на ОУД „Лазар Лазаревски“ – Велес за учебната 2014/2015 година.

Годишните програми за воспитно-образовната работа на општинските средни и основни училишта како и на училишниот дом, за учебната 2014/15 година, се краткорочни развојни документи и претставуваат оперативни планови за работа со кој е програмирана целокупната работа. Тие се подготвуваат за да бидат носител и столб на сите процеси во училиштата кои се планираат и ќе се реализираат во текот на оваа учебна година која што неодамна отпочна. Во согласност со законските прописи, Советот на Општина Велес како основач на овие образовни институции е должен да ги разгледа и да се произнесе по годишните програми.

19. Извештај за работа на ЈКП „Дервен“ за период од I до VI месец 2014 година.

20. Извештај за работата со финансиските резултатит на ЈППСО „Парк -Спорт“ Велес за перидот 01.01.2014 година до 30.06.2014година.

Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештаите за работата на ЈКП Дервен и ЈПССО „Парк Спорт” за период од I-VI месец во 2014 година. Извештаите се претходно усвоени од управните и надзорните одбори на двете институции.

21. Предлог- Решение за разрешување и именување на претставници на Општина Велес за членови на Училишниот одбор на ООУ „Благој Кирков“ Велес.

Од страна на Претседателката на Училишниот одбор на ООУ „Благој Кирков“ Велес година до Советот на Општина Велес доставено е барање за разрешување на членови на училишен одбор на ООУ „Благој Кирков“ Велес. Мандатот на досегашните претставници на локалната самоуправа во училишниот одбор е изминат, а од таму и законската потреба Советот на следната седница да именува нови членови.

Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 24-та седница на Советот на Општина.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат, Понеделник и Вторник, 29 и 30 септември 2014 година.

Ви благодарам!