Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани,
На денешната пресконференција, сакам да ја известам јавноста дека на ден 06.11.2014 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 27-та седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 13.11.2014 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 09:00 часот.
За 27-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2014 год.до 30.09.2014год.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 30.09.2014 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 30.09.2014 година.
2. Предлог-одлука за дополнување на Одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Велес.
Со оваа одлука се утврдуваат организационите облици на општинската адмнистрација со групирање на работите и задачите, според видот, обемот, сложеноста и нивната меѓусебна сродност, организирајќи ја во сектори и одделенија. Организацијата на општинската адмнистрација се организира во два сектора. Секторот за правни и општи работи има содржина од три одделенија, додека Секторот за урбанизам и заштита на животната средина организиран е во четири одделенија.
Со изменувањето и дополнувањето на оваа Одлука се предлага во првиот дел да се вметнат и општините со кои веќе се воспостави меѓуопштинска соработка, за кои општинската администрација врши услуги.
За другиот дел од Одлуката се предвидува формирање на ново одделение кое ќе биде дел од првиот сектор и ќе врши работи и задачи за потребите на Градоначалникот. Со формирање на новото одделение ќе се овозможи побрзо, поквалитетно спроведување и организирање на обврските на Градоначалникот. Оваа одделение треба да придонесе и за поквалитетно, поефикасно и побрзо организирање и реализирање на сите законски обврски на Градоначалникот.Ова ќе го зголеми нивото на транспарентност преку организирани активности за средби и контакти со граѓани, органи и институции во општината и Републиката.
3. Предлог-одлука за доделување стипендии на талентирани ученици студенти за 2014/15 година по Извештај од Комисијата.
Советот на Општина Велес ги има определно членовите на Комисија за стипендирање на талентирани ученици и студенти. Истата комисија, во изминатиот период имаше за задача врз основа на својот Деловник за работа да спроведен јавен конкурс за стипендирање на талентирани ученици и студенти за учебната 2014/2015 година.
Конкурсот за стипендирање на талентирани ученици и студенти во учебната 2014/2015 година, беше објавен на 01.10.2014 година и се пријавија вкупно 32 ученика и студенти.
По разгледувањето на доставените пријави од кандидатите 15 ученици и 17 студенти, Комисијата врз основа на критериумите и начинот на бодирање, му предлага на Советот на Општина Велес за учебната година 2014/2015 да одобри доделување на осум стипендии за ученици и осум стипендии за студенти. Советниците на 27-мата седница ќе ги разгледаат и ќе се произнесат по овие предлози за стипендијанти на Општина Велес за учебната 2014/2015 година.
4. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2014 година.
Со измената на Програмата за изработка на Урбанистички планови се предвидува изработка на планска програма за КО Клуковец. За оваа планска програма, постои задолжение од страна на Министерството за локална самоуправа. Министерството препорачува да се донесе урбанистички план за ова село или општ акт со кој ќе бидат утврдени границите на селото како населено место.
Со оваа измена исто така се предвидува и изработката на ЛУПД за стопански комплекс со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија на локалитет мв “Свилара“, КО Оризари, Општина. Оваа планска документација ќе овозможи услови за планирање на просторот и реализација од страна на корисникот- сопственикот на земјиштето, со конкретна намена и максимално користење на просторот.
5. Предог-програма за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2015 година.
6. Предлог-програма за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2015 година.
7. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој во 2015 година.
8. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на развојот на информатичката технологија (ИТ) во 2015 година.
9. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на заштитата на животната средина во 2015 година.
10. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и управувањето со кризи во 2015 година.
11. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2015 година.
12. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на образованието во 2015 година.
13. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита во 2015 година.
14. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2015 година.
15. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на спорт и млади во 2015 година.
16. Предлог-програма за активностите на Општина Велес за поддршка на граѓанскиот сектор во 2015 година.
17. Предлог-програма за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународната соработка во 2015 година.
Од 5-тата до 17-тата точка на дневниот ред се наоѓаат предлог-програмите за работа на Општина Велес во 2015 година.
Програмите за работа на локалната самоуправа за наредната година се краткорочни развојни документи и претставуваат оперативни планови за работа со кој е програмирана целокупната работа на општината.
Тие се подготвуваат за да бидат носител и столб на сите процеси кои се планираат и ќе се реализираат во текот на 2015 година.
Во интерес на транспаретното и јавно работење, Општина Велес во изминатиов период носењето на програмите за работа, го реализираше во неколку фази.
Најпрво се најдоа на разгледување пред советниците како нацрт-програми, за потоа истите да бидат предмет и на јавни расправи каде што граѓаните и преставниците на разни здруженија, организации и граѓани имаа можност да презентираат свои размислувања и предлози. Целта на овие јавни расправи е томкму во правец на постигнување што поголема отчетност и прецизност во информирањето на граѓаните каде се трошат средствата на локалната самоуправа.
Во согласност со законските прописи, Советот на Општина Велес до 15 ноември е должен да ги донесе предлог-програмите за активностите на Општина Велес во 2015 година, кои ќе бидат дел и од Буџетот за наредната година.
18. Решение за одобрување средства од Буџетот на Општина Велес.
До Општина Велес пристигнато е барање од лицето Велибор Давчевски за помош на финансиски средства поради опожарување на неговата семејна куќа која се наоѓа на ул.„Наце Димов“ бр.62 во населба Керамидна. Во катастрофалниот пожар кој се случи пред две недели до темел беше изгорен домот на семејството Давчевски, оставајќи ги со нивните 4 малолетни деца без основни услови за живот.
Исто така со ова решение се предлага и одобрување на еднократен паричен надоместок на Хусеинов Хикмет за помош поради настаната материјална штета на семејна куќа од непогода- поплава. Од увидот на стручната комисија направени се и фотографии од кои се гледаат видни оштетувања на неговата семејна куќа од обилни дождови.
Со оваа помош, сметаме дека барем во еден дел ќе им се излезе во пресрет на потребите на нашите сограѓани во санирање на последиците од несреќните случаи и обезбедување на нормални услови за живеење.
19. Советнички прашања
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 19-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 27-тата седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 12,13 ноември 2014 година.
Ви благодарам!