ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ АЛЕКСАНДАР КОЛЕВ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ ДНЕВНИОТ РЕД НА ЗАКАЖАНАТА 28-МА СЕДНИЦА

Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани,

На денешната пресконференција, сакам да ја известам јавноста дека на ден 19.11.2014 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 28-та седница.

По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 26.11.2014 година (среда) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.

 

За 28-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Нацрт-Буџет на Општина Велес за 2015 година.

Општина Велес подолг период Буџетот и програмите ги носи во две фази, и тоа: нацрт верзија која по седницата на Советот на општината се разгледува на јавни расправи со претставници на локални установи и институции, здруженија на граѓани, урбани и месни заедници и предлог-верзија, кои по усвојувањето се конечни.
Знаете, тоа веќе беше случај со Програмите за работа на Општина Велес во 2015 година. Во тој правец, на 28-та седница на Советот ќе се најде на разгледување и Нацрт-буџетот на општината за 2015 година, кој потоа ќе биде предмет и на јавна расправа.
Носењето на овој нацрт-буџет не е законска обврска, но е потврда за добрата пракса која ја има воспоставено Општина Велес во поглед на транспарентното и отчетно работење.

2. Предлог-одлука за утврдување услови за начинот на градење во село Сливник, Општина Велес за кое нема урбанистички план.

Со донесувањето на оваа Одлука ќе се определи планскиот опфат на село Сливник со кој ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање за одобренија на градење.
Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.

3. Предлог-одлука за утврдување начин на времено користење административни и деловни простории од објект на КП 4810, сопственост на Општина Велес.

Со оваа Одлука ќе биде утврден начинот на времено користење на административни и деловни простории од објект на КП 4810 сопственост на Општина Велес, а попознат како зградата на „Синдикатот”.
Административните и деловните простории од објектот се утврдени согласно Геодетски елаборат врз основа на кој и се изврши упишување на сопственоста во книгата на недвижности.
Сите утврдени административни и деловни простории ќе бидат предмет на издавање под закуп по пат на јавно наддавање. Постапката за јавното наддавање ќе ја спроведува Комисија формирана од Советот на Општина Велес.
Комисијата по спроведувањето на постапката за јавно наддавање која е должна да ја спроведува со електронска апликација за таа намена, ќе му предложи на Градоначалникот договор за закуп со закупците кои учествувале на јавното наддавање и ја добиваат просторија. За својата работа комисијата ќе поднесува годишен извештај до Градоначалникот и Советот.

4. Предлог-одлука за управување со отпад од пакување кој претставува комунален отпад на територијата на Општина Велес.

Организирање на системот за управување со отпад од пакување кој претставува комунален отпад е најсложениот дел од системот за управување со отпад. Тој мора добро да се испланира за да се создадат сите предуслови за функционирање на системот. Истовремено, јавното комунално претпријатие треба да создаде капацитети да постапува со овој отпад согласно законските прописи.
Главна цел на одлуката е воведување на мерки и решенија со кои ќе се исполнат барањата од македонското законодавство за управување со отпад од пакување на локално ниво.
Со оваа Одлука се уредени основните права и обврските на учесниците во системот за управување со отпад од пакување. Одлуката ги пропишува основните правила за организирање на практичен, функционален и ефикасен модел кој е најадекватен за условите во општината, ги прецизира обврските на давателот и на корисниците на услугите и овозможува создавање на услови за испорачување на поквалитени услуги за граѓаните.
Преку оваа Одлука и со воспоставувањето на ваков систем на своја територија, Општина Велес ќе даде свој придонес во исполнувањето на Национални цели за постапување со отпад од пакување кој треба да се собере и преработи до крајот на 2020 година.

5. Предлог програма за обележување годишнини на значајни настани и личности за 2015 година.

Поаѓајќи од историските традиции, културните и други значајни настани во Република Македонија, а особно во Општината Велес во 2015 година Општина Велес ќе се вклучи, а во одредени случаи ќе биде и носител на обележувањето на голем број на значајни настани и личности.
Оваа програма го одразува континиутитетот што Општина Велес го има во поглед на обележувањето на настаните и личностите од сите историски периоди значајни за Велес и Република Македонија, почнувајќи од почетокот на македонската револуцинерна борба, народното ослобдување на македонскиот народ во втората светска војна и последите воени дејства од конфликтот во 2001 година.

6. Извештај за работа на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ Велес за период од 01 до 09 месец 2014 година.

Во согласност со Законските прописи со Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештај за работа на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ Велес за период од 01 до 09 месец 2014 година. Извештајот е претходно усвоен од управниот одбор и по добиеното позитивно мислење на надзорниот одбор за контрола на материјалното и финансиско работење на претпријатието.

7. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за извршување на градежни работи од ЈКП.

Од страна на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ до Советот на Општина Велес беше доставена Одлуката за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за извршување на градежни работи од ЈКП Дервен донесена од страна на Управниот одбор на претпријатието и со позитивно мислење од Надзорниот одбор. Цените се изготвени врз основа на Законот за јавните претпријатија, а се однесуваат на изведување на работи за одржување на вертикална сообраќајна сигнализација.

8. Предлог-решение за разрешување и именување претставници на Општина Велес за членови на Управниот одбор на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес.

9. Предлог-решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес за член во Управниот одбор на Јавната здравствена установа Здравствен дом Велес.

Од страна претседателот на УО на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес и ЈЗУ Здравен дом, Советот на Општина Велес со допис е известен дека мандатот на членовите кои се преставници на Општина Велес во овие органи на управување е истечен. Согласно постоечките закони, Советот на 28-мата седница треба да именува нови лица како претставници на Општина Велес во овие органи на управување.

10. Информација за спороведени активности на Комисијата за родова рамноправност меѓу жените и мажите.

На последниот одржан состанок на Комисијата за родова рамноправност меѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес донесен е заклучок за проследување на реализираните активности до Советот, во вид на информација со која ќе се образложи функионирањето на отворената канцеларија за поддршка на претприемништвото во склоп на граѓанскиот сектор. Изминатиот период членови на Комисијата беа вклучени во Менторски план за спроведување на активности на локално ниво со цел родово сензитирање на општината, како законска обврска. Проектот кој се спроведе доста успешно беше организиран од страна на Македонското женско лоби и USAID, на ниво на цела држава. Неопходнста од информирање на Советот на Општина Велес за резултатите од Менторската програма, произлегува од фактот што општината е прогласена за една од водечките локални самоуправи кои се родово сензибилни во Република Македонија.

Со последната 10-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 28-тата седница на Советот на Општина Велес.

Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 25 и 26 ноември 2014 година.

Ви благодарам!