Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани,
На денешната пресконференција, сакам да ја известам јавноста дека на ден 18.12.2014 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 29-та седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 25.12.2014 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 09:00 часот.
За 29-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог- Буџет на Општина Велес за 2015 година.
На последната седница на Советот на Општина Велес за оваа година, согласно законските рокови и воспоставената пракса ќе се најде на разгледување еден од најважните документи за функционирањето на локалната самоуправа – Предлог-Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Овој Предлог-Буџет е изготвен согласно основните насоки за подготовка на буџетите на општините за 2015 година, а тоа се остварување на стратешките определба за зголемување на економскиот раст и конкурентноста на економијата на трајна основа, зголемување на вработеноста, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на населението.
2. Предлог-одлука за извршување на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Со Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Велес за 2015 година се прецизира начинот на трошењето на паричните средства во Буџетот на Општина Велес, начинот на пренамена во рамките на одобрените буџети на буџетските корисници и вредноста на бодот за утврдување на бруто плата. Со оваа Предлог-одлука за извршување на Буџетот е регулирана и висината на разни надоместоци по разни основи, буџетска резерва, за отпремнини за пензионирање, во случај на боледување подолго од шест месеца, во случај на смрт на вработен или член на негово потесно семејство, јубилејни награди и др.
3. Предлог-Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Општина Велес.
Советот на Општина Велес со донесување на оваа одлука ја започнува постапката за основање Совет на млади во Општина Велес. Со оваа Статутарна одлука ќе се утврди местото на Советот на млади во Статутот на Општина Велес како Посебно тело на Советот на општината. Неговото основање ќе се направи со посебно донесена Одлука за основање на Совет за млади. После донесувањето на овие документи ќе биде распишан и јавен повик во кој ќе се предвидат и критериумите кои се потребно да ги исполнуваат кандидатите кои ќе се пријават за членови во Советот за млади. Поднесените барања за членство ќе бидат разгледувани од Комисијата за мандатни прашања и именување која ќе изврши селекција во изборот на членови согласно предвидените критериуми. По формирањето на Советот на млади, членовите ќе донесат Деловник за работа каде подетално ќе бидат уредени сите прашања со нивната работа.
4. Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Урбанистички план вон населено место за изградба на комлекс со намена, А4 - времено сместување - викенд населба, во КО Башино Село и КО Новачани,Општина Велес Плански период 2014 -2024 г.
Со оваа Одлука Советот на Општина Велес утврдува Нацрт Урбанистички план вон населено место за изградба на комлекс со намена, А4 – времено сместување - викенд населба, во КО Башино Село и КО Новачани, Општина Велес.
Со утврдувњето на планска документација се создава можност за понуда на квалитетни услуги во функција на туристичкиот развој на Езерото Младост, а која се базира на популацијата и станбениот фонд во населбите во непосредна близина. Сето тоа би требало да предизвика позитивни импулси и ефекти врз целото непосредно окпружување од аспект на повисока организација, инфраструктурна опременост и уреденост на просторот.
По утврдувањето на овој Урбанистички план вон населено место за изградба на комлекс со намена времено сместување - викенд населба, Градоначалникот ќе организира јавна презентација и јавна анкета со изложување на планот во просториите на Општината.
5. Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Детален урбанистички план за УЕ 1, УБ 3, Општина Велес.
Со оваа Одлука Советот на Општина Велес утврдува Нацрт Детален урбанистички план за УЕ 1, УБ 3, Општина Велес, а кој го опфаќа просторот на Елегант, склад на маркет „Алфа“, Складот за дрва на шумско стопанство „Бабуна“ и просторот околу нив. Вкупната површина на просторот во планскиот опфат изнесува 21.65 ха. Основната намена на просторот на локалитетот е: Г – Производство, дистрибуција и сервиси, Д.2 – Заштитно зеленило, Е.1 - Сообраќајна инфраструктура и Е.2 - Комунална супраструктура. Во рамките на планскиот опфат на ДУП за УЕ 1 УБ 3 Велес, постојат вкупно 53 парцели, од кои 50 се со намена за лесна индустрија, сервиси и стоваришта а 3 се со намена за трафостаници.
6. Предлог-одлука за утврдување на потребата од изработка на локална урбанистичка планска документација на територијата на Општина Велес.
Со оваа Одлука се утврдува потребата од изработка на локална урбанистичка планска документација на територијата на Општина Велес, за стопански комплекс со намена Г2- лесна и незагадувачка индустрија на локалитет м.в. Порцеланова и м.в. Дандаре, КО Оризари, Општина Велес со површина од 18,92 ha. Истата го опфаќа просторот на постојната фабрика Порцеланка на делот кој е во сопственост на Комерцијална банка и Нова Холдинг, како и државното земјиште помеѓу пругата Велес-Битола и регионалниот пат Велес-Прилеп во просторот помеѓу Порцеланка и регионалниот пат. Со одобрувањето на ЛУПД ќе се овозможи продажба на дел од Порцеланка кој е во сопственост на Комерцијална банка и Нова Холдинг на странски инвеститор и отворање на нова фабрика и нови работни места.
7. Предлог-одлука за дополнување на Одлука за утврдување потреба од донесување на урбанистичко плански документации за усогласување на намените на земјиштето.
Со оваа Одлука се врши дополнување во Одлуката за утврдување потреба од донесување на урбанистичко плански документации за усогласување на намените каде во член 1 после зборот „Горно Оризари“ се става запирка и се додава зборот „Клуковец“.
Дополнувањето на оваа одлука се врши од причина што при нејзиното донесување населеното место Клуковец не беше запишано, затоа што истото не беше утврдено како посебно населено место во согласност со Закон.
Со измените во Зконот за територијална организација на локалната самоуправа во РМ се доде ново населено место Клуковец, кое територијално припаѓа на Општина Велес, а Министерството за локална самопуправа препорача да се донесе урбанистички план за ова село или општ акт со кој ќе бидат утврдени границите на селото како населено место. Сето ова ќе помогне во постапката за легализација на бесправно изградените објекти.
8. Предлог-одлука за утврдување на почетна цена за поставување на билборди и рекламни паноа на територијата на град Велес.
Советот на Општина Велес, на седницата одржана на 04.04.2014година донесе Програма за поставување на урбана опрема на територијата на Општина Велес, со која се утврдува планирањето, поставувањето и микролокациите на кои ќе бидат поставени билборди или рекламни паноа.
Начинот на доделување на правото за поставување на билборди и рекламни паноа е предложен во оваа Одлука, како и почетната цена за годишната закупнина за правото. Во неа опишан е и начинот на спроведување на постапката за добивање на правото и начинот на постапување со јавно наддавање. Сета оваа постапка ќе ја спроведува Комисија формирана од Градоначалникот, согласно Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на Општина Велес.
9. Предлог-одлука за основање на Совет на млади во Општина Велес.
Советот на млади е советодавно тело на Советот на Општина Велес и со неговото формирање ќе се овозможи учество на младите во постапките на носење одлуки, кои ги засегаат на локално ниво и нивна поголема ангажираност во креирањето на јавниот живот на Општина Велес. Во овој совет ќе членуваат: Невладини организации, Здруженија на млади, Студентски совети, Ученички совети, Подмладоци на политички партии и останати форми на младинско здружување кои ќе ги исполнат условите за членство. Работата на советот поблиску ќе се уредува со Деловникот за работа на Советот.
10. Предлог-одлука за определување критериуми за утврдување на пазарната вредност на земјоделско земјиште на територијата на Општина Велес.
Пазарната вредност на земјоделското земјиште, шумите, ливадите и пасиштата се утврдува според просечната цена на извршените купопродажби во годината која и предходи на годината за која се врши утврдување на данокот односно за 2014 година на подрачјето на општината, согласно Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија. При утврдувањето на пазарната вредност на земјоделското земјиште, шумите, ливадите и пасиштата се зема во предвид култура и класа, стрмнина, длабочина, ерозија, можности за иригација и користење на машинерија, апсорпција на вода и сл.
11. Предлог-одлука за определување зони и подзони на територијата на Општина Велес со примена на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот.
Согласно Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот донесена од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, е извршено зонирање на територијата на Република Македонија на осумнаесет зони и подзони. Според макролокацијата на објектите на територијата на Општина Велес се определуваат следните зони: А) дванаесетта зона; Б) тринаесетта зона и В) четиринаесетта зона, со соодветни подзони кои одговараат на генералното зонирање на територијата на Република Македонија. Утврдувањето на пазарната вредност според зоните се пресметува според пресметковните бодови по м2 функционална површина која се додава на утврдената градежна вредност, а намалена за амортизацијата, и тоа за секоја зона и подзона посебно.
12. Предлог-одлука за утврдување на пазарна вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Велес.
Пазарната вредност на градежното земјиште се утврдува според просечната цена на извршените купопродажби на градежно земјиште на подрачјето на Општина Велес во 2014 година. Подрачјето на Општина Велес е поделено на седум зони во зависност во кој дел на територијата на Општина Велес се извршени купопродажби на градежно земјиште во 2014 година.
13. Предлог-одлука за отстапување на времено користење на просторија без надоместок на УЗ „Богдан Каракостев“.
14. Предлог-одлука за отстапување на времено користење на просторија без надоместок на УЗ „Димче Мирчев“.
Со донесувањето на овие одлуки на Урбаните заедници „Богдан Каракостев“ и „Димче Мирчев” ќе им се доделaт простории, без надоместок од објекти кои се во сопственост на Општина Велес. Со доделувањето на овие простории би се создале подобри услови за работа на на УЗ „Богдан Каракостев“ и „Димче Мирчев” и во истите би ги спроведувале нивните активности и состаноци. Начинот на користење на просториите ќе биде уреден со посебен договор помеѓу корисникот на просторијата и Општина Велес.
15. Предлог одлука за утврдување начин на времено користење административни и деловни простории од објект во м.в. „8 ми Септември“ и „Цар Самоил“, сопственост на Општина Велес.
Со оваа Одлука ќе биде утврден начинот на времено користење на административни и деловни простории од објектот популарно наречен „Зграда на Синдикатот” кој се наоѓа во м.в.„8 ми Септември“ и „Цар Самоил“, а е сопственост на Општина Велес. Постапката за јавното наддавање ќе ја спроведува Комисија формирана од Советот на Општина Велес. Комисијата по спроведувањето на постапката за јавно наддавање, ќе му предложи на Градоначалникот договор за закуп со закупците кои учествувале на јавното наддавање и ја добиваат просторија. За својата работа комисијата ќе поднесува годишен извештај до Градоначалникот и Советот на Општина Велес.
16. Предлог-одлука за донесување на Процена на загрозеноста од ризици и опасности на настанување кризна состојба на подрачјето на Општина Велес.
Со оваа Одлука се предлга донесување на Процената на загрозеноста од ризици и опасности на настанување кризна состојба на подрачјето на Општина Велес. Со нејзе се врши идентификација на присутните и очекуваните опасности на кое подрачјето е изложено, нивниот опис, анализа, проценување на веројатноста на случување по време и простор и очекуван интензитет. Истата беше предмет на јавна расправа пред сите надлежни органи и институции и сите забелешки и насоки се приложени Резимето кое е составен дел на оваа Процена.
17. Предлог- програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2015 година.
Со влегување на сила на Закон за градежно земјиште надлежностите за продажба и издавање под закуп на државно градежно земјиште преминуваат на општините. За да можат Општините да управуваат со градежното земјиште потребно е да исполнат одредени услови меѓу кои и донесување на оваа програма. Во оваа програма се опфатени 7 урбанистички плана во кој се опфатени 33 градежни парцели за продажба и 19 градежни парцели за краткотраен закуп.
18. Предлог-програма на работа на Советот на Општина Велес во 2015 година.
Советот на општината секоја година на крајот на годината донесува Програма за работа за наредната година. Од моја страна како Претседател на Советот на општина Велес со допис беше побарано од сите јавни институции формирани од општината да достават свои предлози, согласно планираните активности на Советот за наредната година. Истите го испочитуваа рокот и ги доставија своите мислење и предлози кои се дел од вака предложената Програма.
19. Предлог-програма за уредување и одржување на градското зеленило на територијата на Општина Велес во 2015 година.
Програмата на ЈКП Дервен за одржување на јавните зелени површини е насочена кон одржување на зеленилото во парковските површини, зеленилото во скверовите во централното градско подрачје и скверовите во споредните улици со цел хортикултурно уредување и високо естетско оплеменување на просторот со што ќе се постигне поурбан изглед на градот. Општа цел на Програмата е да се обезбеди редовно одржување на Јавните зелени површини со што ќе се овозможи биолошко зачувување и правилен развој на постоечкото зеленило.
20. Предлог-програма за подигнување на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2015 година.
Предлог-програмата за подигање на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2015 година е изработена од страна на стручните служби при ЈКП Дервен и усвоена од страна УО на комуналното претпријатие. Со неа се предвидува реконструкција на зелените површини и хортикултурното уредување на паркот пред СОУ „Гимназија Кочо Рацин”. Намерата на Општина Велес и на ЈКП Дервен e оваа локација да биде уште попријатно место за одмор и рекреација на нашите сограѓани. За таа цел потребно е Советот на следната седница да ја разгледа и да се произнесе по предложената програма за подигање на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2015 година.
21. Предлог-план за работа на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ Велес за 2015 година.
Планот за работа за 2015 година на ЈКП „Дервен” поаѓа од целите и интересите утврдени од страна на претпријатието за постигнување на подобри резултати во работењето, а истиот е во согласност со расположливите средства за работа и достигнатиот степен на развој. Планот за работа претставува основа за работење на претпријатието во 2015 година, а неговата реализација ЈКП „Дервен” ќе ја оствари во соработка со граѓаните на Општина Велес, деловните партнери и корисници на услуги како и со локалната самоуправа. Со реализацијата на овој план се очекува претпријатието да работи финансиски успешно, што ќе овозможи граѓаните и правните лица да бидат обезбедени со квалитетни услуги во областа на водоснабдувањето, комуналната хигиена, пазарните услуги и одржувањето на зелените површини во градот.
22. Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за дополнување на Одлуката за утврдување на цени за извршување на градежни работи од ЈКП „Дервен“ Велес.
23. Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за утврдување на цени за изработка, поставување и одржување на урбана опрема од ЈКП „Дервен“ Велес.
Од страна на Јавното комунално претпријатие „Дервен” до Советот на Општина Велес беа доставени Одлуките од управниот одбор за утврдување и дополнување на цени во делот на: Извршување на градежни работи и, поставување и одржување на урбана опрема од страна на ЈКП Дервен Велес.
Согласно Законот за јавните претпријатија основачот дава согласност на актите со кои јавното претпријатие утврдува цени на производите и услугите што ги дава претпријатието спрема корисниците.
За овие Одлуки за утврдување на цени добиено е позитивно мислење од страна на Управниот одбор и Одборот за контрола на материјално и финансиско работење на ЈКП „Дервен”. Истите се во насока на подигнување на квалитетот на услугите од страна на јавното комунално претпријатие во поглед на изведувањето градежни работи, изработка, поставување одржување на урбана опрема
24. Извештај за работата со финансиски резултати за периодот од 01.01.2014 година до 30.09.2014 година на ЈПССО„ Парк Спорт“ Велес.
Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештајот за работата со финансиски резултати на ЈПССО „Парк Спорт” Велес за период од I-IX месец во 2014 година. Извештајот е претходно усвоен од управниот и надзорниот одбор на ова јавно претпријатие.
25. Извештај за реализација на Културната манифестација XI –ти Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ 2014 година.
26. Извештај за реализација на Вардарска регата „Гемиџии“ за 2014 година.
27. Извештај за реализација на Интернационален фестифал на античка драма „СТОБИ“ за 2014 година.
28. Извештај за реализација на Културната манифестација „ 51-ви Рацинови средби„ 2014 година.
Организаторите на 4-те манфистеции кои беа одржани изминатиов период: 11-тиот Интернационален фолклорен фестивал, Вардарската регата „Гемиџии”, Интернационалниот фестивал на античка дрма „Стоби” и 51-те Рацинови средби, според одлуката на Советот и Договорот за делегирана надлежност должни се да достават извештај за реализацијата. Овие извештаи ги вклучуваат сите аспекти од спроведувањето на манифестациите вклучувајќи го и финансискиот сегмент. Истите се во насока на јавно и транспарентно презентирање на реализираното во рамките на културните манифестации кои Општина Велес ги поддржува и финансира.
29. Предлог–решение за формирање на Комисија за спроведување на постапка за издавање под закуп на простории од објект КП бр. 4810 во сопственост на Општина Велес.
По донесената Одлука од страна на Советот на Општина Велес за утврдување начин на времено користење административни и деловни простории од објект на КП 4810 сопственост на Општина популарно наречен „Зградата на Синдикатот”, потребно е да се формира Комисија за спроведување на постапката за издавање под закуп на овие простории. Комисијата постапката ќе ја спроведе согласно Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.
30. Предлог-решение за давање согласност на Статутарна Одлука за измени и дополнување на Статутот на ЛУ „Народен Музеј“ Велес.
Од страна на претседателот на управниот одбор на ЛУ „Народен Музеј“ доставен е допис барање за давање согласност од Советот на Општина Велес на Статутарната Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на ЛУ „Народен музеј“ Велес. Одлуката со која во статутот се врши промена на името на улицата од поранешниот назив „Маршал Тито” со сегашниот „8-ми Септември” e претходно усвоена од Управниот одбор на оваа институција. Според законските надлежности, потребно е Советот како основач на ЛУ „Народен Музеј” Велес да се произнесе по однос на истата одлука.
31. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за расходување на дограма и друг музејски инвентар на ЛУ „Народен музеј“ Велес.
Од страна на Управниот одбор на ЛУ „Народен музеј“ Велес доставена е Одлука за расходување на дограма и друг музејски инвентар. Врз основа на направениот Извештај од страна на Комисијата за попис на средствата се предлага да се расходуваат шест прозорци со дрвена рамка и шест дрвени врати кои се надвор од употреба. Истите во понатамошниот период ќе се заменат со ПВЦ врати и прозорци. Расходуваните материјали според оваа одлука ќе бидат предмет на оттуѓување.
32. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за висина на надомест за физички лица кои ги користат Спомен куќите за приватни цели.
Од страна на претседателот на управниот одбор на ЛУ „Народен Музеј“ Велес пристигна предмет барање за прифаќање на Одлуката за висина на надомест за физички лица кои ги користат Спомен куќите за приватни цели. Оваа Одлука се носи поради користење на спомен куќите за свадбени церемонии. Спомен куќите се кои се под јурисдикција на Музејот и подлежат на Законот за заштита на културното наслество, а истите мораат внимателно да се чуваат и штитат. При овие активност потребно е да се ангажира вработен од Музејот кој се грижи за редот и дисциплината во објектот во кој се врши фотографирањето. При спроведувањето на оваа Одлука раководното лице на ЛУ Народен Музеј е должно да изработи Протокол на спомен куќите на физички лица за приватни цели.
33. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за наплата и цена на влезниците за посетителите на изложбените простории на ЛУ Народен музеј- Велес.
До Советот на Општина Велес од страна на претседателот на управниот одбор на ЛУ „Народен Музеј“ пристигна допис за прифаќање на Одлуката за наплата и цена на влезниците за посетителите на изложбените простории на ЛУ Народен музеј- Велес. Со оваа Одлука се регулира наплатата и висината на надоместок на влезници за поситителите на изложбените простории во музејската зграда. Парите добиени од влезниците би се користеле за тековно одржување на Музејот, а висината на влезниците е во согласност со висината на влезниците во останатите спомен куќи кои се во надлежност на Музејот.
34. Предлог-решение за разрешување и именување на претставник на Општина Велес за членови на Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Рајко Жинзифов“- Велес.
Од страна на претседателот на Училишниот одбор на ООУ „Рајко Жинзифов“ пристигна известување за изминување на мандатот на член на училишниот одбор. Поради изменување на мандатот на претставникот на локалната самоуправа во училишниот одбор, согласно законските прописи, на следната седница на Советот потребно е негово рарешување и именување на нов член.
35. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 35-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 29-тата седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 24 декември 2014 година.