Почитувани,
На ден 23.01.2015 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 30-та седница. По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 30.01.2015 година (петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.
За 30-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-одлука за донесување на Детален урбанистички план за локалитет дел урбана единица 01, дел од урбан блок 06 (помеѓу дел од железничка пруга, дел од станбена улица, дел од ул. Моша Пијаде, дел од ул. бр. 5 и дел од КП 1327), Општина Велес.
Со оваа Одлука се врши донесување на Детален урбанистички план за локалитет дел урбана единица 01, дел од урбан блок 06 (помеѓу дел од железничка пруга, дел од станбена улица и дел од ул. Моша Пијаде). Површината на оваа планска документација изнесува 2,93ха. Планот предвидува урбанизација со почитување на сите законски определби и нормативи, а мотивите произлегуваат од: зголемениот степен на урбанизација; стопанисување со парцелите, проблеми при реализацијата на инвестициони технички документации, испитување на изградени и нереализирани локации и максимална рационализација во решавањето на просторот.
2. Предлог-одлука за определување на имиња на улици во с. Горно и Долно Караслари.
Потребата од определување на улиците како и нивно нумерирање во с. Горно и Долно Караслари и индустриската зона е по барањето на жителите од ова населено место и од сопствениците кои што обезбедија свои плацеви во индустриската зона. Сето ова е потребно да се евидентираат адресни податоци на инфраструктурните објекти и плацови за потребите на правните и физичките лица кои функционираат во овој дел. Дефинирањето и нумерирањето на улиците е извршено согласно Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, а во согласност со Листата за определување имиња на улици во населените места на територијата на Општина Велес, за која е добиена и Согласност од Владата на Република Македонија.
3. Предлог-одлука за преотстапување на Систем за водоснабдување на Башино село УБ Речани, село Отовица, УВ Езеро Младост од градскиот водоводен систем Велес.
Со оваа Одлука Советот на Општина Велес на ЈКП „Дервен“ како давател на услуга го преотстапува, изградениот Систем за водоснабдување од градскиот водоводен систем до езерото Младост, заедно со постоечкиот водоснабдителен систем на Саталитската населба „Бела Вода“.
Инаку, проектот за водоснабдување на езерото Младост е од исклучителна важност за Општина Велес. Со неговата реализација покрај крајбрежјето на езерото се решава и водоснабдувањето на Башино село, Населба Речани, с. Отовица, с. Сујаклари како и на останатите населени места. Со тоа, 4.000 жители од овој дел ќе се снабдат со чиста и исправна вода за пиење. Исто така водоводот многу ќе придонесе локациите околу езерото Младост и населбата Отовица да станат уште поатрактивно место за домашните и странските туристи чиј што број од година во година е се поголем.
4. Предлог-програма за одржување на јавната чистота на територијата на Општина Велес за 2015 година.
Програмата на Општина Велес за одржување на јавната чистота е насочена кон одржување на јавната чистота на јавните површини и на отворените простори на јавните објекти, заради обезбедување на поквалитетни услови за живот на граѓаните и почиста животна средина во општината.
Општа цел на Програмата е да се обезбеди редовно чистење на јавните повшини и отворените простори на јавните објекти, како и одржувањето на снегот и мразот во зимски услови.
Во програмата е даден приоритет на површините кои ќе ги одржува изведувачот на програмата (ЈКП Дервен) според густината на населеност, фреквенција на граѓани и сообраќај, постоење на социјални, културни и воспитно-образовни објекти.
Значајно е да се напомене тоа што во овогодинешната програма зголемена е површината на одржување на јавната чистота од 2014 година за нови 895.054 м2 површина.
При нејзиното изготвување земено е во предвид и јавното мислење за потребите за одржување на јавните површини искажано преку мислењето и потребите на комуникација со граѓаните, како и преку работата на терен на надлежните инспекциски служби во општината и стручните служби во ЈКП Дервен.
5. Предлог-Програма за уредување и одржување на градско зеленило на територијата на Општина Велес во 2015 година.
Програмата на ЈКП Дервен за одржување на јавните зелени површини е насочена кон одржување на зеленилото во парковските површини, зеленилото во скверовите во централното градско подрачје и скверовите во споредните улици со цел хортикултурно уредување и високо естетско оплеменување на просторот со што ќе се постигне поурбан изглед на градот. Општа цел на Програмата е да се обезбеди редовно одржување на Јавните зелени површини со што ќе се овозможи биолошко зачувување и правилен развој на постоечкото зеленило.
6. Предлог-план за запишување на ученици во средните општински училишта во Општина Велес во учебната 2015/2016.
За успешно подготвување на Конкурсот за запишување на учениците во прва година во средните училишта во учебната 2015/2016 година во Република Македонија, како обврска на Министерството за образование и наука регулирана со Законот за средното образование е и негово објавување во средствата за јавно информирање најдоцна до 31 март.
Поради ова потребно е Општина Велес да утврди свој предлог за опфат на сите ученици кои оваа учебна 2014/2015 година завршуваат осмо одделение од основното образование и задолжително го продолжуваат средното образование.
Идната година според оваа програма се планира да се запишат во прва година ученици во 32 паралелки, од кои 31 на македонски наставен јазик и 1 паралелка на албански наставен јазик која е во гимназиското образование.
7. Предлог-Програма за работа на Локалниот совет за превенција од детско претстапништво за 2015 година.
Согласно Законот за правда за децата и деловникот за работа на Општинскиот Совет за превенција до мене како претседател на Советот беше доставена Годишната програма за работа на Општинскиот Совет за превенција на детско престапништво за 2015 година. Оваа програма претходно е усвоена на седница на општинскиот совет за превенција, а за нејзино конечно стапување на сила потребно е да се произнесат и советниците на следната 30-та седница.
8. Годишен извештај за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Општина Велес за 2014 година.
Врз основа Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Статутот на Општина Велес, Советот треба да го разгледа и да се произнесе по однос на Годишниот извештај за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за периодот од 01.01.2014 до 31.12.2014 година.
Податоците во извештајот се внесени врз основа на сублимираните предмети во документацијата на општината за 2014 година како и врз основа на известувањата, извештаите и информациите доставени до Општина Велес од страна на јавните претпријатија, училиштата и локалните установи (по пошта, електронска пошта или информација по телефон) .
Општина Велес, Јавните претпријатија, училиштата и локалните установи како иматели на информации се обврзани секој поединечно до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер да достават Годишен извештај за примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Сублимираниот Годишен Извештај, по разгледувањето од страна на Советот на Општина Велес ќе биде доставен до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
9. Годишен Извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2014 година.
Врз основа на Законот за управување со отпадот, Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Велес до Советот се доставува на разгледување Годишен извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес во 2014 година. Истиот го опфаќа периодот јануари-декември 2014 година. Општината во соработка со ЈКП „Дервен” во 2014 година реализираше низа активности согласно утврдените стратешки цели и приоритети во Програмата за управување со отпад за 2014г. и Планот за управување со отпад за Општина Велес (2013-2017).
10. Извештај за десеттата ликовна колонија „Папрадишки мајстори“ за 2014 година.
Здружението на граѓани „Папрадишки мајстори” како организатор на 10-тата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори“ за 2014 година според одлуката на Советот и Договорот за делегирана надлежност е должно да достави извештај за реализација на манифестацијата.
Овој извештај ги вклучува сите аспекти од спроведувањето на манифестациите вклучувајќи го и финансискиот сегмент. Истиот е во нассока на јавно и транспарентно презентирање на реализираното во рамките на културните манифестации кои Општина Велес ги поддржува и финансира.
11. Предлог-решение за давање согласност на Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
Од управниот одбор на Локалната библиотека „Гоце Делчев” Велес пристигна допис за измена на нивниот Статут. Во прилог на нивниот допис доставена е Статутарна одлука за измена и дополнување на Статутот на Локалната библиотека. Измената се однесува на библиотечниот клон во Општина Градско и клонот во населеното место Богомила, кои според Законот за библиотеките се преименуваат во организациони единици. Според овој закон, Советот на општината дава согласност на Статутот на локалната библиотека.
12. Предлог-решение за разрешување и именување на претставник на Општина Велес за член на Училишниот одбор на Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“- Велес.
Од страна на директорот на ОСУ „Јовче Тесличков“ пристигна известување за изминување на мандатот на член на училишниот одбор. Поради изменување на мандатот на претставникот на локалната самоуправа во училишниот одбор, согласно законските прописи, на следната седница на Советот потребно е негово рарешување и именување на нов член.
13. Предлог-решение за именување членови во Управен одбор на Општинската јавна установа за деца – Детска градинка ,,Димче Мирчев“ Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна допис од ОЈУДГ „Димче Мирчев“ со известување дека на членовите во управниот одбор на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес им истекува мандатот и поради тоа потребно е да се именува нов состав на управниот одбор.
Врз основа Законот за заштита на децата, Управниот одбор на општинската детска градинка е составен од седум члена и тоа тројца претставници од основачот, еден претставник од установата, двајца претставници од родители на децата и еден претставник од Министерството за труд и социјална политика.
Со ова решение се предлага именување на членови во управниот одбор, за што во прилог постојат и предлог-одлуките за претставници од установата, родителите на децата и од ресорното министерство.
14. Предлог-решение за разрешување и именување членови во Управен одбор на ЈКП „Дервен“ Велес.
15. Предлог-решение за разрешување и именување членови во Надзорен одбор за контрола на материјално-финансиското работење на ЈКП „Дервен“ Велес.
Предложеното решение за разрешување и именување на членови на Управниот одбор и Надзорниот одбор на ЈКП „Дервен” Велес е врз основа на поднесеното барање од членови на Советничката група на „Коалицијата за подобра Македонија”.
Барањето е во правец на поефективно и поуспешно работење на двата органи на управување на јавното комунално претпријатие имајќи ја во превид значајноста на работењето во поглед на обезбедување на услугите спрема ѓраѓаните.
16. Информација за работа на Локалниот Совет за превенција од детско престапништво.
Согласно Законот за правда за децата и деловникот за работа на Локалниот Совет за превенција од детско престапништво до Советот на Општина Велес доставена е информација за работа на ова тело во 2014 година. Инаку Локалниот Совет за превенција од детско престапништво е формиран со Одлука на Советот на општината и брои вкупно 20 членови, меѓу кои членови на советот, лица од установи и институции кои работат со деца, претставници од сите основни и средни општинскуи училишта, СВР Велес , Основен суд Велес и Јавното обвинителство, Центарот за социјална работа, Детската градинка „Димче Мирчев” и претставници од општинската администрација. Негова главна цел е препознавање на локалните проблеми, детектирање на клучните ризични фактори, анализа на состојбите и превземање на мерки и аткивности за планирање, спречување и превенција на општествено неприфатливи облици на однесување на децата.
17. Информација за движењето на акутните заразни заболувања на подрачјето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес за месец Јули-Декември 2014 година.
Согласно правните акти кои ја регулираат оваа проблематика, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес до Советот на Општина Велес доставува Информација за движењето на акутните заразни заболувања. Советниците ќе имаат можност да ја разгледаат информацијата и да продискутираат за движењето на бројката на заболени од заразни болести на подрајчето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес, а кое ги опфаќа општините Велес, Чашка и Градско.
Со последната 17-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 30-тата седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 29 и 30 јануари 2015 година.