Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ја информира јавноста дека на ден 05.02.2015 година е потпишано Решението за свикување на следната 31-ва седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договорено е седницата да се одржи на 12.02.2015 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.
За 31-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2014 до 31.12.2014.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 31.12.2014 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 31.12.2014 година.
2. Предлог - одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Со оваа Предлог-Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Oпштина Велес за 2015 година, се врши проширување на средствата во Буџетот на општина Велес за 2015 год. во колоната за Донации во вкупен износ од 3.321.093 денари. Во рамките на проширувањето се зголемуваат приходите и расходите и тоа во потпрограмата Н10-Основно образование за 585.870 ден. и во потпрограмата-Н20-Средно образование за 2.735.223 денари.
Согласно одобрените проекти во ООУ „Васил Главинов” и СОУ „Гимназија Кочо Рацин” и ССОУ „Јовче Тесличков”, потребно е да се направи оваа Предлог – Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година,како би можело да се реализираат планираните активности.
3. Предлог-одлука за отпис на застарени обврски во Буџетот на Општина Велес.
Отписот на обврската во предложениот износ се однесува по фактура од Фармахем ДООЕЛ Скопје, за изработка на проектна документација за собирање на отпад во руралните подрачја на општина Велес за перидот од 2011година. Министарството за животна средина и екологија по пат на потпишана Асигнација ја превзема обврската за плаќање спрема Фармахем ДООЕЛ Скопје. Делот како обврска на Oпштина Велес по потпишаната асигнација е измирен, останува делот на министерството. До денес Министерството ја нема измирено оваа обврска, а согласно законските одредби оваа обврска е веќе застарена и истата треба да биде отпишана.
4. Предлог - одлука за вршење отпис и расходување на основни средства, опрема и ситен инвентар, сопственост на Општина Велес.
Со оваа Одлука ќе се изврши отпис и расходување на основни средства, опрема и ситен инвентар, сопственост на Општина Велес, евидентирани во Буџетот на Општина Велес за 2014 година. При извршениот годишен попис кои се извршува редовно на крајот на тековната година, пронајдени се основни ствари, опрема и ситен инвентар кои се во дотраена состојба и се дава предлог за нивно отпишување од книговодствената евиденција и предлог да се отуѓат на начин за кое ќе даде предлог Комисијата која ќе се формирана од Советот на Општина Велес.
5. Предлог - одлука за утврдување на Нацрт измена и дополна на генерален урбанистички план за дел од УЕ 4 УБ 32, УЕ 9 УБ 47, Велес, Општина Велес плански период 2015 – 2025 година.
Измена и дополна на ГУП за дел од УЕ 4 УБ 32, УЕ 9 УБ 47 Велес, Општина Велес се однесува за плански опфат со површина од 33,03 ха. Бидејќи локациите кои се предмет на изработка на измена на ГУП се наоѓаат во опфатот на ГУП за град Велес, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, се пристапува кон изработка на измена на ГУП за овој дел.
Со предложената измена на ГУП се задржуваат претходно планираните намени, а се менува површината немената за Е2-комунална супраструктура (автобуска станица) и дел јужно до автобуската станица планиран за намена Б1-мали комерцијални и деловни намени, со задржување на големината на површините.
Основните принципи на овие дејности се доближување на продажниот простор до населението, концентрација и специјализација на објектите, проширување на асортиманот на стоките и услугите и современата технологија во организација на продажбата.
6. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Горно Оризари, Општина Велес, за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на оваа Одлука ќе се определи планскиот опфат на село Горно Оризари со кој ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање за одобренија на градење. Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
7. Предлог - одлука за делегирање на дел од надлежностите на Општина Велес во областа на културата - „Рацинови средби“.
8. Предлог - одлука за делегирање на дел од надлежностите на Општина Велес во областа на културата - „ Детски рацинови средби“.
9. Предлог – одлука за делегирање на дел од надлежностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита –„Програма на локален совет за превенција од детско претстапништво“.
10. Предлог – одлука за делегирање на дел од надлежностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита –„Оперативниот план за родова еднаквост за 2015 година“.
Општина Велес од 2006 година го користи законското право за делегирање надлежност на здруженија на граѓани како највисока форма на соработка со граѓанскиот сектор. До сега искуство со делегирање надлежности имаме од областа на социјалната заштита, спортот и културата. Овој начин на реализирање на дел од надлежностите на општината со искористување на кадровскиот потенцијал на граѓанските организации се покажа многу успешен, што може да се потврди од оригиналноста, креативноста, професионалноста и ентузијазмот во реализирање на „Вардарската регата“, ИФАД „Стоби“ и Ликовната колонија „Папрадишки мајстори“.
Од овие причини му се предлага на Советот на Општина Велес да ја донесе оваа Одлука, по што на следната седница ќе следи и донесување на правилник за начинот и постапката за делегирање и извршување на надлежноста.
11. Предлог – програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка урбанистички планови во Општина Велес за 2015 година.
Со измената на Програмата за изработка на Урбанистички планови се предвидува изработка на неколку нови урбанистички плански документации, и тоа: ДУП за дел од населба „Речани”, Два урбанистички планови вон населено место кои се однесуваат на просторот на некогашната фабрика „Порцеланка” како и три Локални урбанистички плански документации.
12. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 12-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 31-ва седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 11 јануари 2015 година.