Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ја информира јавноста дека на ден 19.02.2015 година е потпишано Решението за свикување на следната 32-ва седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договорено е седницата да се одржи на 26.02.2015 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 12:00 часот.
За 32-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-Буџетски календар на Општина Велес за 2016 година.
Согласно Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, од страна на Советот на Општината, потребно е да се утврдат обврските на локалната самоуправа по однос на донесување на буџетскиот календар.
Истовремено со буџетскиот календар се утврдуваат основните активности кои треба да се спроведат во утврдени рокови со цел да се изврши добра подготовка и планирање на буџетот за наредната 2016 година. Календарскиот процес отпочнува со почетокот на фискалната година и завршува со усвојувањето на Предлог-Буџетот за наредната година.
При изготвувањето и донесувањето на буџетскиот календар, Советот на Општината мора да се води од рамките и роковите утврдени со Законот за буџети и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, но и да ги има во предвид спецификите на сопствената општина. Развивањето на детален распоред за еден сложен процес како што е подготовката на буџетот претставува значајна умешност во усогласувањето на самиот процес.
Навременото донесување на буџетскиот календар на општината, е уште еден услов за остварување на успешен буџетски процес.
2. Предлог-одлука за усвојување на Европската Повелба за еднаквост на жените и мажите во локалниот живот.
Советот на Европски Општини и Региони (CEMR), во 2006 година ја промовира Европската Повелба за еднаквост на жените и мажите во локалниот живот. Целта на креирањето на оваа Повелба е да биде потпишана од оние локални власти во Европа кои се подготвени формално да се обврзат да го почитуваат принципот на родова еднаквост и да преземат неопходни мерки за да постигнат вистинска еднаквост во пракса.
Со потпишување на повелбата, локалните власти даваат сериозно и формално ветување дека ќе го почитуваат принципот на родова еднаквост и се охрабрени да спроведуваат политики и конкретни активности во соработка со институциите и организациите на нивните територии. Повелбата иако наведува серија права, сепак таа не е правно обврзувачка.
Со оглед на тоа дека нашата општина ги има донесено сите стратешки документи од оваа област, се предлага да донесе и Одлука за усвојување на Повелбата за еднаквост на мажите и жените во локалниот живот.
3. Предлог-правилник за начинот и постапката за делегирање надлежности на Општина Велес во областа на културата за организирање и реализирање на културната манифестација „Детски Рацинови средби“ на здружение на граѓани.
4. Предлог-правилник за начинот и постапката за делегирање надлежности на Општина Велес во областа на социјалната заштита за реализирање на Програмата на Локалниот совет за превенција од детско престапништво на здружение на граѓани.
5. Предлог-правилник за начинот и постапката за делегирање надлежности на Општина Велес во областа на културата за организирање и реализирање на културната манифестација „Рацинови средби“ на здружение на граѓани.
6. Предлог-правилник за начинот и постапката за делегирање надлежности на Општина Велес во областа на социјалната заштита за реализирање на Оперативниот план за родова еднаквост на здружение на граѓани.
На 31 седница на Советот на Општина Велес одржана на ден 12.02.2015 година беа донесени Одлуки за делегирање на дел од надлежностите на Општина Велес во поглед на областите наведени во предлог-точките. Во истите одлуки се задолжува Советот на Општина Велес да донесе Правилник за начинот и постапката за делегирање и извршување на надлежноста од областа на културата. На оваа 32-седница се предлага донесувањето на овие правилници.
7. Предлог- програма за управување со отпад на територијата на општина Велес за 2015 година.
Планот за управување со отпад 2013-2017 за Општина Велес усвоен од Советот на Општина Велес се имплементира преку Годишни програми за управување со отпад на Општина Велес. Годишната програма за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2015г. обезбедува координиран пристап на учесниците во системот на управување со отпад: Општината како генерален носител на активностите и ЈКП Дервен како изведувач на активностите и овлaстен оператор на системот за управување со отпад на територијата на Општина Велес.
8. Информација за превземените мерки и активности на Градоначалникот и Општина Велес за настанатите поплави во месец Февруари 2015 година која ја зафатија Општина Велес.
По добиеното известување од Владата на Република Македонија, за можно невреме кое ќе ја зафати нашата земја, Општина Велес ги превзема сите потребни мерки за спречување на настанување штети од невремето. По ова кризниот штаб во најбрз период одржа неколку состаноци и донесе заклучоци за превземање на повеќе активности се со цел да се превземат сите безбедносни мерки за заштита од најавеното невреме. Врз основа на информацијата може да се констатира дека Општина Велес ги имаше ставено на располагање сите неопходни ресурси и во постојана координација и комуникација со надлежните институции благовремено ги превзема превентивните мерки за избегнување на можни несакани последици.
Со последната 8-ма точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 32-ва седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 26 февруари 2015 година.