СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ВО ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ЈА ОДРЖИ СВОЈАТА 34-ТА СЕДНИЦА

Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани,

На денешната пресконференција дозволете ми да Ве информирам дека на 23.03.2015 година како Претседател на Советот на Општина Велес, го потпишав Решението за свикување на следната 34-та седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 30.03.2015 година (понеделник) во просториите на Општина Велес со почеток во 12:00 часот.

За 34-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Со оваа Предлог-Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година, се врши проширување на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година, во колоната Донации за вкупен износ од 3.340.808 денари.
Согласно договорот за грант-донација број 24-1809/1 од 11.03.2015 година скучен со Јапонската амбасада и Општина Велес за реализација на Проектот за рехабилитација на заеднички простории за три училишта во Општина Велес: Благој Кирков, ЈХК Џинот и Маца Овчарова, за да се реализираат планираните активности, потребно е да се изврши зголемување на приходите и расходите за 3.340.808 денари во колоната за Донации во Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
2. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Долно Караслари, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на оваа Одлука за село Долно Караслари ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање за одобренија на градење. Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
3. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2015 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата за 2015 година се вршат поради добивањето на проектот „Велес град на културата“.
Средствата предвидени од Општина Велес не ги надминуваат веќе предвидените средства во програмата, туку се врши прелевање од една ставка во друга. Притоа водено е сметка со намалување на средствата во одредени позиции да не се доведе во прашање нивната реализација. Дел од манифестациите предвидени во проектот „Велес град на културата“ се планирани и во Програмата за култура за 2015 година со што се обезбедува целосно финансиско покритие на проектот „Велес град на културата“.
4. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита во 2015 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјална заштита за 2015 година се должат на потребата од реконструкција на просториите во објектот на Агенцијата за вработување каде ќе се отвора Дневен центар за лица со оштетен вид. Проектот е во партнерство со МТСП кое обезбедува опрема на дневниот центар, а просторот го обезбедува Владата на Република Македонија. Бидејќи обврска на Општина е да го адаптира просторот, неопходна беше оваа измена на програмата. Од друга страна пак заврши проектот на општина Велес за грижа за стари лица во домашни услови. Предвидените средства од овој проект се пренаменуваат за реконструкција на Дневниот центар за лицата со оштетен вид. Измените се вршат внатре во ставките на Програмата и не го менуваат вкупниот износ.
5. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес во 2015 година.
Измените во Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес во 2015 година се должат на неколу работи. Средствата наменети за уредување на простори во рурални подрачја се зголемуваат за дополнителни 1.000.000,00 денари за подобрување на комуналната инфраструктура, а со тоа и условите за живот и работа во руралните средини.
Во делот за Чистење на канали за атмосверска канализација, износот се зголемува за дополнителни 500.000,00 денари. Поради интензивните поројни дождови атмосверските канали се наталожија со земја и песок и за нивно правилно функционирање беше потребно почесто прочистување.
Средствата предвидени за изведба на крак за фекална канализација од Панини до колектор се зголемуваат за дополнителни 2.000.000,00 поради лошите временски услови (чести врнежи во текот на есенскиот и зимскиот период) кои не дозволина фекалната канализација да се реализира во целост во 2014 година.
Во делот на Инфраструктура во индустриски зони и Сателитски населби износот се зголемува за 5.000.000,00 денари поради тоа што поголем дел од предвидените активности што беа предвидени во 2014 година поради лошите временски услови ќе се реализираат во 2015 година .
Со измената се врши и интервентно зголемување на средствата за 4.000.000 денари во делот за Бетонирање на улици и потпорни ѕидови како и за редовно одржување, поради зголемениот обем на потребни интервенции настанати од интензивните врнежи, а со тоа и настанати оштетувања на улиците и потпорните ѕидови во градот.
6. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој за 2015 година.
Оваа измена во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој за 2015 година се должи на процедурата за плаќање на одобрените средства од Агенцијата за финансиска поддршка за реализација на проектот „Основен проект за 1 дел од фекална канализација со анаеробна пречистителна станица за населено место Раштани“, по извршена ревизија на изведбените работи од проектот.
7. Предлог-правилник за користење на простории сопственост на Општина Велес од страна на здруженија, фондации и сојузи од Општина Велес.
Советот на Општина Велес во 2004 година донесе Правлникот за користење на простории од страна на здруженија на граѓани и фондации –Велес, преку кој се вршеше распределба на простории во сопственост на Општина Велес на ЗГ и други НВО организации.
Од страна на поголем број на ЗГ до СОВ во периодот (2012/2013 година) има поднесено голем број на барања за добивање на просторија, во која истите би ја вршеле својата дејност. Врз основа на ова, Советот формираше Комисија за распределба на простории сопственост на Општина Велес на невладини организации, здруженија на граѓани и фондации.
Оваа Комисија изготви нов Правилник за користење на простории сопственост на Општина Велес од страна на здруженија, фондации и сојузи од Општина Велес. Поради поголема транспарентност и ефикасност, Комисијата сакаше да го слушне и мислењето на корисниците за изготвениот Правилник, за зададените критериуми, и условите врз основа на кои може да се добие просторија на користење, затоа на ден 10.03.2015 година направи Јавен повик до сите заинтересирани ЗГ и фондации и ги повика да дадат свое видување за новиот правилник. На средбата имаше повеќе од 20 учесника и дадоа повеќе забелешки кои дел од нив се прифатени во Правилникот.
8. Предлог-решение за распределба на финансиски средства за поддршка на квалитетен спорт во Општина Велес за 2015 година.
Согласно одредбите од Законот за спортот, Сојузот на спортови му предлага на Советот на Општина Велес, Програма за активностите во областа на спортот. Врз основа на тој предлог и потребите на општината од оваа област, донесена е Програмата за активностите на Општина Велес во областа на спорт и млади за 2015 година, во која особено внимание се посветува на создавањето услови за развој на масовните спортови и училишниот спорт, како и поддршката на спортските клубови од општината. Средствата што се распределуваат со ова Решение се наменети за обезбедување средства за надомест за користење на спортските објекти за да можат сите клубови од градот, во сите спортови, да имаат подеднакви услови за тренинг. Истото се однесува и за поддршката што општината ја дава на младинските и кадетските екипи.
9. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за расходување на ситен инвентар наООУ „Благој Кирков“ Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна допис од ООУ „Благој Кирков“ Велес за добивање на согласност на Одлуката за расходување на ситен инвентар донесена од Училишниот одбор. Во прилог доставен е и Записник од Комисијата за отпис на ситен инвентар за расходување на 40 радијатори и 100 ученички столчиња за кои е константирано дека се дотраени и нефункционални, поради ова се предлага донесување на вака предложеното Решение.
10. Предлог-решение за разрешување и именување претставници на Општина Велес за членови на училишен одбор на ООМУ „Стефан Гајдов“-Велес.
11. Предлог-решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес за член на училишен одбор на Средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“-Велес.
12. Предлог-решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес за член на училишен одбор на Средното стручно општинско училиште „Димитрија Чуповски“-Велес.
Од страна ООМУ „Стефан Гајдов“ Велес и ССОУ „Коле Неделковски“ Велес до Советот на Општина Велес е испратен допис со кој не известуваат за изминат мандат на членови во училишниот одбор. Исто така, ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес извести и за пристигнато барање од член на УО за престанок на неговиот мандат од лични причини. Согласно законската регулатива, Советот како основач на овие институции е обврзан да донесе решение за разрешување и именување на нови претставници во Училишните одбори.
13. Информација за работата на Полициската станица Велес за 2014 година.
Согласно Законот за полиција, а врз основа на извршените работи и задачи од страна на ПС Велес во текот на 2014 година до Советот на Општина Велес доставена е информација за извршените работи и задачи на полициската станица Велес за периодот Јануари-Декември 2014 година. Советниците на 34-тата седница, ќе ја разгледаат оваа информација и ќе се произнесат по истата.
Со последната 13-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 34-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 30 март 2015 година.
Ви благодарам!