На ден 09.04.2015 година, Претседателот на Советот Александар Колев, го потпиша Решението за свикување на следната 35-та седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 16.04.2015 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 12:00 часот.
За 35-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог измени и дополнување на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Согласно измените и дополнувањата на: Програмите за активностите на Општина Велес во областа на ЛЕР, културата, социјалната заштита, уредувањето на градежно земјиште и заштита на животната средина на просторот во 2015 год., донесени на седница на Советот на Општина Велес, се јави потреба од измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Со овој ребаланс се врши зголемување на планираните средства во вкупен износ од 33.476.027 денари.И тоа се зголемува основниот буџет за 25.782.000 денари, додека самофинансирачките активности се зголемуваат за 2.902.884 денари и дотациите за 4.791.143 денари.
Надвор од изменетите и дополнети програми кои се составен дел на Буџетот за 2015 година измени и дополнувања следат и во програмата Е0- Општинска администрација и А0-Совет на Општина.
Со цел да се искористат непотрошените парични средства од 2014 година,во колоните за самофинансирачки активности и дотации, се изврши зголемување на соодветни приходни и расходни подставки,а во согласност со барањата на буџетските корисници.
2. Предлог одлука за давање на трајно користење на живини сијалици и канделабри на касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ Велес.
Од страна на Командантот на Касарната „Алексо Демниевски Бауман“ до Градоначалникот на Општина Велес пристигна барање за одстапување на десет нови канделабри за улично осветлување и стари живини сијалици.
За ова побарано е мислење од Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, сообраќај, патишта, локален економски развој и информатичка технологија, и од нив добиено е мислење со образложение дека: Општина Велес по реконструкцијата на уличното осветлување на живините светилки со нови штедливи, располага со старите кои се уредно зачувани и дел од нив можат да се дадат на Касарната „Алексо Демниевски Бауман“. Во однос на барањето за нови канделабри Општината може да додели на трајно користење десетина за да се постават во дворот на касарната, а со тоа ќе се подобри осветлувањето во овој дел.
3. Предлог одлука за доделување на гробни места без надоместок на Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Велес.
Од Јавната установа меѓуопштински центар за социјална заштита Велес до Општина Велес пристигна барање за доделување на две гробни места за погребување на лица сместени во социјални установи и лица кои немаат блиски сродници без надоместок.
Општина Велес испрати допис до ЈКП „Дервен“ за определување на локации на гробни места. Од нивна страна пристигна известување за определените локации согласно оваа потреба. Притоа, според Законот за гробишта и погребални услуги се предлага донесување на предложената Одлука.
4. Годишен извештај за работата на Центарот за развој на Вардарски плански регион за 2014 година.
Во согласност со воспоставената пракса за транспарентност во работењето на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, до Советот на Општина Велес доставен Годишен извештај за работата на Центарот за развој на Вардарски плански регион за 2014 година.
Во годишниот извештај се наоѓаат податоци за структурата на организационата поставеност на центарот, за седниците на Советот за развој на ВПР, спроведените јавни набавки и други активности од доменот на работа на центарот во 2014 година.
Дел од овој извештај се и информациите за аплицирани и одобрени проекти на ВПР од страна на Министерството за локална самоуправа за 2014 година, аплицирани проекти на Центарот за развој во 2015 година, како и аплицирани и имплементирани проекти кои се финансирани од странски извори на финансирање.
5. Годишен извештај за спроведување на програмата за развој на Вардарски плански регион за 2014.
И овој Извештај за спроведувањето на програмата за развој на Вардарскиот плански регион за 2014 година е во согласност со претходно наведениот принцип за транспарентно работење, и истиот е доставен до за разгледување до Советот на Општина Велес.
Во рамките на овој извештај се наоѓаат:
- Проектите кои се имплементирани во 2014 година во рамки на програмата за рамномерен регионален развој за 2014 година;
- Реализираните проекти финансиски поддржани од програмата за регионален економски развој во Македонија – ГИЗ РЕД;
- Реализираните проекти и активности финансиски поддржани од програмата за развој на обединетите нации – УНДП во РМ и
- Проектите чија реализација е во тек а се финансиски поддржани од USAID и SDS.
На оваа 35-та седница на Советот, Годишниот извештај за спроведување на програмата за развој на Вардарскиот регион за 2014 година ќе биде предмет на разгледување од страна на советниците.
6. Предлог решение за одобрување средства од Буџетот на Општина Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна барање за финансиска помош од Синиша Јовиќ и Тамара Савевска ученици во ПСУ „Јахја Кемал“ кои ќе учествуваат на натпревар во Хјустон Тексас, САД - научен собир за средношколци на светско ниво.
Истите имаат аплицирано со нивен проект на тема „Портлант цемент и хидрантна вар ефикасни неоргански адитиви за стабилизација/солидификација на згура богата со цинк и олово“ и се избрани за учество.
Целта на нивното истражување е да се најде соодветно решение за стабилизација на згурата богата со олово и цинк и да се преобрази во содржина која нема да биде реактивна и ќе биде погодна за соодветнодепонирање, и ќе се оневозможи понатамошно загадување.
7. Предлог решение за распределба на финансиски средства за поддршка на квалитетен спорт во Општина Велес за 2015 година.
Согласно одредбите од Законот за спортот, Сојузот на спортови му предлага на Советот на Општина Велес, Програма за активностите во областа на спортот. Врз основа на тој предлог и потребите на општината во оваа област, донесена е Програмата за активностите на локалната самоуправа во областа на спортот и младите за 2015 година, во која особено внимание се посветува на создавањето услови за развој на масовните спортови и училишниот спорт, како и поддршката на спортските клубови од општината.
Средствата што се распределуваат со ова Решение се наменети за обезбедување средства за надомест за користење на спортските објекти за да можат сите клубови од градот во сите спортови да имаат подеднакви услови за тренинг. Истото се однесува и за поддршката што општината ја дава на младинските и кадетските екипи.
8. Предлог решение за давање Мислење за програмата за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на ООУ „Блаже Конески“ Велес.
9. Предлог решение за давање Мислење за програмата за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на ООУ „ Васил Главинов“ Велес.
10. Предлог решение за давање Мислење за програмата за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на ООУ „ Јордан Хаџи Константинов-Џинот “ Велес.
11. Предлог решение за давање Мислење за програмата за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на ООУ „Благој Кирков“ Велес.
12. Предлог решение за давање Мислење за програмата за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на ООУ „Рајко Жинзифов“ Долно Оризари“ Велес.
13. Предлог решение за давање Мислење за програмата за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на ООУ „Стојан Бурчевски-Буридан“ с.Иванковци Велес.
Врз основа на Законот за локална самоуправа, Статутот на Општина Велес и врз основа на Правилникот за изведување на ученичките екскурзии и другите слободни активности на учениците, потребно е Советот да даде мислење за програмаите за изведување на научно рекреативни екскурзии во учебната 2014/2015 година на овие образовни институции.
Инаку од страна на СОВ на 24-тата седницата одржана на 30.09.2014 година беа усвоени Годишните програми за работата на овие основни училишта за учебната 2014/2015 година.
Со цел да биде испочитуван Правилникот за начинот за изведување на ученичките екскурзии и другите слободни активности на учениците од основното образование, се бара одобрување – мислење од Советот на Општина Велес, најмалку 30 дена пред нивното изведување. Научно-рекреативните екскурзии ќе се реализираат во текот на месец мај 2015 година.
Според роковите за реализација, се предлага оваа точка да се најде на дневниот ред за оваа 35-та седница.
14. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 14-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 35-тата седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат денес, 15.04.2015 година.