Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ја информира јавноста дека на ден 12.05.2015 година е потпишано Решението за свикување на 36-тата седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договорено е седницата да се одржи на 19.05.2015 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 12:00 часот.
За 36-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2015 година до 31.03.2015.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 31.03.2015 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 31.03.2015 година.
2. Предлог-одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Со оваа Предлог-Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година, се врши проширување на средствата во Буџетот во колоната за Донации во вкупен износ од 244.660 денари.
Согласно Договорот за грант-донација склучен со Германската амбасада, Општина Велес и ЈКП „Дервен” Велес за реализација на Проектот за набавка на пумпа за вода за водоснабдување во селото Караслари, како би можело да се реализираат планираните активности, потребно е да се изврши зголемување на приходите и расходите за 244.660 ден. во колоната за Донации во Буџетот на Општина Велес за 2015 год.
3. Предлог-одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка со општините Велес, Кавадарци, Градско, Чашка и Росоман.
Од страна на Центарот за развој на Вардарски плански регион пристигна барање за поведување на иницијатива за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу општините Велес, Кавадарци, Градско, Чашка и Росоман. По согледувањето на барањето се изработи проценка за потребата од воспоставување на МОС помеѓу соседните општини и токму во овој правец е и предложената Одлука до Советот на Општина Велес.
Целта на оваа соработка е да ги идентификува, координира и да реши дел од потребите во ранливата група на лица во вардарскиот плански регион, преку заедничка соработка меѓу општините, бизнис секторот, граѓаните и НВО сектор. Конкретни активности ќе се имплементираат во сите пет општини со кои ќе се добие поквалитетна социјална грижа за лицата од ранливите групи. Согласно Законот за меѓуопштинска соработка, меѓуопштинската соработка може да се остварува и со формирање на заедничко работно тело, кое е формирано од претставници од сите општини, бизнис асоцијации, образовните институции, здруженија на граѓани, фондации и Регионална бизнис комора.
4. Предлог-одлука за збратимување на Општина Велес со Општина Бига, Република Турција.
Врз основа на воспоставените контакти на Градоначалникот на Општина Велес м-р Славчо Чадиев со Градоначалникот на Општина Бига Исмаил Ишик и донесувањето на Одлука за збратимување од страна на Бига, Советот на Општина Велес потребно е да ја донесе оваа Одлука за збратимување.
Културната размена, трговската размена, локалниот економски развој и сите други области на надлежност на двете општини ќе бидат предмет на взаемната соработка во интерес на граѓаните на двете општини.
Врз основа на оваа одлука и одлуката на Советот на Општина Бига, двајцата градоначалници ќе потпишат Договор за збратимување и взаемна соработка.
5. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Иванковци, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на оваа Одлука ќе се определи планскиот опфат на село Иванковци, со кој ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање за одобренија на градење. Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
6. Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Детален урбанистички план за дел од УБ 16, дел од УБ 19 и УБ 20 во УЕ II - мв Трпезица, Велес, Плански период 2015-2020 г.
Деталниот урбанистички план за наведениот локалитет се изработува, пред се, да се усогласат градежните парцели со состојбата на лице место, како и да се направат интервенции во просторниот концепт, за да се добие подобра искористеност на самиот простор и да се подигне нивото на функционалност на истиот.
Основна и носечка намена (согласно одредбите на ГУП на Велес од 2006 г.) во рамки на овој опфат е А - домување, вклучувајќи и содржини од класите на мали комерцијални и деловни дејности како компатибилни намени. Исто така во состав на опфатот е вклучена и намената Е1 комунална инфраструктура.
Вкупната површина на планскиот опфат, во рамките на наведените граници, изнесува 41,94 ха со 217 градежни парцели од кои 213 се со намена А1- Домување во станбени куќи.
7. Предлог-одлука за утврдување на Нацрт Урбанистички план вон населено место (УПВНМ), за стопански комлекс, со основна класа на намена на површини Г - (производство, дистрибуција и сервиси), односно класа на намена Г2 - лесна и незагадувачка индустрија, Г3 - сервиси и Г4 - стоваришта, на локалитет во м.в."Кумсал", КО Мамутчево, Општина Велес.
Со оваа Одлука Советот на Општина Велес утврдува Нацрт Урбанистички план вон населено место за стопански комлекс а кој се однесува на новата индустриска зона во близина на с. Мамутчево. Локалитетот е со опфат од 67,31 хектари, а го тангира локаланиот општински патен правец (за с. Мамутчево) и магистралниот пат Велес-Кочани-Делчево-Република Бугарија (А-3). Имајќи ја во предвид одличната местоположба на оваа зона, а исто така и претходнното искуство со индустриската зона Караслари каде огромен беше интересот на инвеститорите за изградба на свои капацитети, сметаме дека ваквиот потег е од голема важност за понатамошниот Локален економски развој и креирањето на нови работни места.
8. Предлог-одлука за еднократен отпис на долг по основ на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување.
Од страна на Комисијата за постапување по барања за еднократно отпишување на долговите на граѓаните формирана од Владата на Република Македонија до Општина Велес беа испратени поединечни Одлуки за еднократен отпис на долг на физички лица од Општина Велес. Согласно Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, Единицата на локалната самоуправа донесува акт за отпис на долгот по основ на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување. По донесувањето на оваа одлука истата се доставува до должникот и до ЕВН Македонија.
9. Предлог-одлука за основање на локален Економско – социјален совет на Општина Велес.
Локалниот економско-социјален совет на Општина Велес се формира како консултативно и советодавно тело во кое членуваат претставници на општината, преставници на работодавачи и синдикати. Членовите на ова тело разгледуваат прашања, даваат мислења, предлози и препораки до Советот на општина Велес и други тела, за одредени прашања од економско социјалната сфера.
Откако ќе биде донесена одлуката на Советот на општината за формирање на ЛЕСС, се смета дека формално правните услови за формирање на ЛЕСС се исполнети и целата постапка за формирање на ЛЕСС се завршува со потпишување на Спогодбата за формирање на ЛЕСС од страна на Градоначалникот на општината и официјалните претставници на социјалните партнери. Спогодба за формирање на ЛЕСС се разгледува и усвојува од страна на Советот на општината, пред истата да биде потпишана.
Во моментов во Република Македонија постојат вкупно 9 ЛЕСС и тоа во следните општини: Битола, Тетово, Гостивар, Гази Баба, Кавадарци, Куманово, Струмица, Штип и во градот Скопје.
10. Предлог-решение за именување членови на Совет на млади на Општина Велес.
Советот на Општина Велес на една од претходните седници донесе Одлука за основање Совет на млади во Општина Велес. Согласно ова беше распишан јавен повик за предложување на кандидати за членови на Советот на млади. Комисијата за мандатни прашања и именувања на својата седница ги разгледа пристигнатите апликации и до Советот на Општина Велес доставува предлог за именување на кандидати кои ги исполнуваат критериумите кои се предвидени во јавниот повик.
11. Предлог-решение за разрешување и именување членови на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво на Општина Велес.
Од страна на претседателката на Советот за превенција од детско претстапништво Нада Трајкова, до сите институциите кои имаат претставник, односно член во Советот, беше испратен допис за нередовноста на состаноците од именуваните членови.
Со цел Советот непречено да функционира, од страна на институциите кои имаат делегирано член беа доставени нови предлози за именување на член од нивната институција за Советот од детско претстапништво.
Потребно е разрешување на досегашните членови од институциите ООУ „Васил Главинов“, ООУ „Рајко Жинзифов“, ССОУ „Димитрија Чуповски и ООУ „Стојан Бурчевски Буридан и именување на нови, како во предлог решението.
12. Предлог-решение за давање согласност на Одлука за учество во проект за заедничка набавка на комунални возила.
До Советот на Општина Велес пристигна одлука од Управниот одбор на ЈКП „Дервен“ за учество во проект за заедничка набавка на комунални возила и мислење од Надзорниот орган за оваа одлука. Набавката на комуналните возила е преку поднесување на заедничка апликација подготвена од Здружението на комунални претпријатија АДКОМ до секретаријатот за европски прашања. Донатор на проектот е Центар за меѓународна соработка и развој на Р.Словенија. Во набавката на комунални возила ЈКП „Дервен“ учествува со 49 % од вредноста на вкупната набавка. Со апликацијата јавното претпријатие е задолжено да достави мислење/согласност од основачот. Затоа се предлага донесување на ова решение од Советот на Општина Велес.
13. Анализа за оправданоста од поведување Иницијатива за покренување постапка за спојување на паралелките од населба Превалец при ООУ „Рајко Жинзифов“-Оризари кон ООУ„Васил Главинов“- Велес.
Изготвувањето на Анализа за оправданоста од поведување на Иницијатива за покренување постапка за спојување на паралелките (I,II,III, IV и V одделение) од населба Превалец при ООУ „Рајко Жинзифов“-Оризари кон ООУ„Васил Главинов“-Велес се темели врз основа на: барањето од страна на родителите на учениците кои учат во подрачното училиште во Превалец, на реалната состојба на гравитирање на училиштата кон територијата на која се наоѓаат и остварување на генералната цел на Општина Велес во креирање услови кои ќе овозможат ефикасно, ефективно и рационално организирано образование во општинските училишта. Врз основа на анализата каде детално е наведена оправданоста од поведување на оваа Иницијатива, советниците на 36-тата седница ќе се произнесат и ќе го изнесат своето мислење од однос на истата.
14. Информација за пристигнати пријави по јавниот повик за пројавување интерес за користење на простории во сопственост на Општина Велес.
Комисијата за распределба на простории во сопственост на Општина Велес на невладини организации, здруженија на граѓани и фондации формирана од Советот на општината, одржа состанок на кој се одлучи да се објави јавен повик за пројавување на интерес за користење на простории во сопственост на Општина Велес на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани невладини организации, здруженија на граѓани и фондации.
Комисијата изработи и правилник за користење на простории во сопственост на Општина Велес од страна на невладини организации, здруженија на граѓани и фондации, кој пред да се предложи за донесување до Советот објави беше предмет и на јавна расправа.
На расправата присуствуваа претставници од повеќе невладини организации, здруженија на граѓани и фондации, кои ги искажаа нивните мислења за содржината на правилникот. По одржаната расправа истиот со дадени забелешки беше предложен како точка на дневниот ред и се донесе на 34-тата седница на Советот на Општина Велес.
По објавувањето на јавниот повик број 27-2530/1 за пројавување на интерес за користење на простории во сопственост на Општина Велес пристигнаа вкупно 33 пријави во предвидениот рок од јавниот повик.
Со последната 14-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 36-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 18-ти и 19-ти мај 2015 година.