СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ВО ВТОРНИК ЌЕ ЈА ОДРЖИ СВОЈАТА 37-МА СЕДНИЦА

Претседател на Советот на Општина Велес Александар Колев ја информира јавноста дека на ден 16.06.2015 година е потпишано Решението за свикување на 37-та седница.
По претходна координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договорено е седницата да се одржи на 23.06.2015 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 14:00 часот.

За 37-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1.Предлог-одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Со оваа Предлог-Одлука за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2015 година, се врши проширување на средствата во делот за Донации со вкупен износ од 12.677.326 денари. Со овие средства се обезбедуваат административни услови за инплементација на проектот „Тематска мрежа за одржлива енергија на прекуграничните локални власти – ЕНЕРЏИНЕТ”.
Врз основа на договорот склучен помеѓу Општина Велес како водечки партнер и Европската Унија, трансферирани се средства во висина од 204.473,02 евра. Од пристигнатите средства 106.080,61 евро или 6.576.998 ден.се наменети за инплементација на активности во Општина Велес, а 98.392,41 евро или 6.100.328 ден. ќе бидат трансферирани на Општина Прилеп партнер во проектот.
Затоа се врши проширување на Буџетот на Општина Велес во колоната за донации за 2015 година и во приходниот и во расходниот дел за 12.677.326 денари.
Средствата во износ од 6.576.998 денари ќе бидат потрошени за реконструкција на фасади на објектите на Детската Градинка „Димче Мирчев”, со што би се постигнала нивна термоизолација.
2.Предлог-одлукa за давање согласност за намена на инвестиција и за апликација на проект „Водоснабдување на село Чалошево од градскиот водоснабдителен систем“.
Со донесувањето на Одлуката за давање согласност за намена на инвестиција и за апликација на проект ќе се отворат можности за аплицирање во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, Мерка 321 „Подобрување на квалитетот на живот во рурални средини“ што ја спроведува Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2015 година.
Водоснабдувањето на населено место Чалошево ќе се изврши од водоводната мрежа на град Велес, а приклучувањето ќе се изврши согласно издадените хидротехнички услови.
Целта на ова решение е обезбедување на исправна вода за пиење од градскиот водоснабдителен систем на градот Велес.
Преку инвестиции во комуналната инфраструктура се очекува подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини со што се дава позитивен импулс на понатамошно развивање на населените места во Општина Велес и стимулирање на рамномерен регионален развој.
Одлуката ќе биде доставена до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2015 година.
3.Предлог-одлукa за утврдување на приоритет на „Водоснабдување на село Чалошево од градскиот водоснабдителен систем“.
Со оваа Одлука Советот на Општина Велес утврдува приоритет на проектот „Водоснабдување на село Чалошево од градскиот водоснабдителен систем“ по чие донесување на сила Општина Велес ќе исполни еден од критериумите за учество на повикот за проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Одлуката на Советот на Општина Велес е неопходна за поднесување на апликацијата.
Инаку во 2014 година, во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2014 година, Општина Велес доби средства за реализација на 3 проекти од страна на Агенцијата со кои беа изградени колектор и пречистителна станица во селото Раштани, улица во селото Иванковци и беше поставена урбана опрема на пешачката патека на езерото Младост. Претходно како дел од оваа програма беше доизграден и патот до с. Ораовец.
4.Предлог-одлука за давање согласност за намена на инвестиција и за апликација на проект „Изградба на улици во село Иванковци“.
И оваа предлог-одлука е во правец на планираното аплицирање во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој која ја спроведува надлежната Агенција.
Со проектот „Изградба на улици во село Иванковци“ ќе се уреди центарот на селото, ќе се овозможи поврзување на централната со попречните селски улици и ќе се реши проблемот со прифаќањето и одведување на атмосферските води.
Реализацијата на проектот ќе овозможи олеснување на работата на правниот субјект во селото кој се занимава со транспорт и услуги, ќе ја олесни сообраќајната комуникација и транспортот на земјоделските производи и ќе го стимулира развојот на локалната заедница.
Со овој проект е предвидена изградба на улица во центарот на селото - УЛИЦА 6, во должина од 353,24 м со канал за прифаќање на атмосферските води, како и изградба на УЛИЦА 4 во должина од 257,72м.
Преку инвестиции во патната инфраструктура се очекува подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини со што се дава позитивен импулс на понатамошно развивање на населените места во Општина Велес и стимулирање на рамномерен регионален развој.
5.Предлог-одлука за утврдување на приоритет на „Изградба на улици во село Иванковци“.
Одлуката на Советот на Општина Велес за давање на приоритет на овој проект е неопходна за поднесување на апликацијата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
6.Предлог-одлука за давање согласност за намена на инвестиција и за апликација на проект „Поставување на урбана опрема на дел од пешачката патека на езеро Младост“.
Поставувањето на урбана опрема на изградените патеки на езерото Младост е предвидено преку поставување на 4 видиковци на четирите највпечатливи локации на патеката како и поставување на корпи за отпадоци во должината на патеката.
Реализацијата на проектот ќе придонесе во заложбите за развој на транзитниот туризам на езерото Младост, како атрактивна дестинација за туристите и посетителите од земјава и странство. Фактот што по автопатот Е-75 (Коридор 10) годишно минуваат околу 4 милиони туристи налага активности кои ќе допринесат за одржливиот развој и развојот на туризмот во непосредба близина на автопатот. Езерото Младост со својата атрактивна локација секоја година привлекува се поголем број туристи и посетители. Општина Велес во рамките на заложбите за развој на езерото Младост изгради патеки кои овозможуваат одмор и рекреација во атрактивно опкружување со поглед кон езерото. Нивното уредување со места за одмор и соодветна урбана опрема ќе придонесе за привлекување на уште поголем број посетители.
7.Предлог одлука за утврдување на приоритет на „Поставување на урбана опрема на дел од пешачката патека на езеро Младост“.
8.Предлог-одлука за донесување на Детален урбанистички план за УЕ7, дел од УБ39, од Генерален урбанистички план на град Велес, опфат помеѓу улиците Андон Шурков, ул.бр.10 и улиците новопроектирана 1 и новопроектирана 2, локалитет Димко Митрев (нов погон), КО Велес, Општина Велес.
Со оваа Одлука се врши донесување на гореспоменатиот ДУП. Истиот опфаќа површина во рамките на предвидените граници во износ од 2,10 ха. Co предложеното решение се задржува предвидената со ГУП намена на површини за Стопанство, односно Г2- лесна индустрија. Во споредба со постојната неизградена површина во новото планското решение постои поголема искористеност на земјиштето со што се придонесе и за уредувањето на комуналниот систем. На овој начин ќе се овозможи и поголем квалитет, односно повисок стандард на живеење за жителите во непосредната околина и пошироко.
9.Предлог-програма за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2015 година.
Со овој предлог се врши дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови која предвидва изработката на Детален урбанистички план за дел од УБ32 од УЕ4 и дел од УБ 47 од УЕ 9, Велес, Општина Велес. Во опфатот на планот се семејни куќи, стамбени згради, постојната автобуска станица, градскиот пазар и стариот театар. Инвеститор на овој урбанистички план е Општина Велес. Со новиот ДУП ќе се овозможи планирање на современ пазар, автобуска станица и станбена зграда на местото на стариот театар. Површината на опфатот изнесува 7,80 ха.
10.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој за 2015 година.
Со оваа Програма за дополнување во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој за 2015 година се обезбедуваат административни услови за имплементација на проектот „Тематска мрежа за одржлива енергија на прекуграничните локални власти –ЕНЕРЏИНЕТ“. Проектот е одобрен за финансирање во рамките на третиот објавен повик од Програмата за прекугранична соработка Грција - Македонија кој е дел од Компонента 2 - на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија.
Проектот ќе ги опфати следните активности во Велес:
• Реконструкција на фасади на објектите клон 2, клон 3, клон 4, клон 5 и клон 6 на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“-Велес во насока на зајакнување на енергетската ефикасност (термоизолација).
• Опремување на канцеларија за енергетска ефикасност.
• Изработка на енергетски елаборат за објектот клон 1 во ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“.
• Изработка на Акционен план за одржлива енергија-Велес (SEAP).
• Организација на денови на одржлива енергија.
• Организација на тематска конференција.
Проектот кој ќе трае 15 месеци е во вкупна вредност од 267.285 евра на македонска страна. 85% од оваа сума е кофинасирана од Европската Унија, а 15% ќе бидат покриени од Министерството за локална самоуправа по завршувањето на проектните активности и доставување на финален извештај одобрен од ЕУ. Тековните активности за учество во проектот во меѓувреме ќе бидат покриени од ставката „Учество во Меѓународни проекти“ во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на локалниот економски развој во 2015 година.
11.Извештај за работа на ЈКП „Дервен“ во периодот од 01-03 месец 2015 година.
12.Извештај за за работата со финансиски резултати на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес за периодот од 01.01.2015 година до 31.03.2015 година.
Извештаите за работата на ЈКП „Дервен“ и ЈПССО „Парк Спорт” го прикажуват работењето на претпријатијата во текот првиот квартал од оваа година и истите ги содржат основните податоци за работењето заедно со финансиските показатели. Овие документи се претходно усвоени од страна на Управните и Надзорните одбори на двете претпријатија.
13.Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 13-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 37-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 22 јуни 2015 година.