Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ја информира јавноста дека на ден 12.08.2015 година е потпишано Решението за свикување на 39-тата седница.
По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот договорено е седницата да се одржи на 19.08.2015 година (среда) во просториите на Општина Велес со почеток во 14:00 часот.
За 39-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2015 година до 30.06.2015 година.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 30.06.2015 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 30.06.2015 година.
2. Предлог-одлука за заедничко организирање на јавен линиски превоз на патници на територијата на општина Велес и општина Лозово.
Со оваа Одлука се уредува заедничкото организирање на линискиот превоз на патници помеѓу Општина Велес и Општина Лозово. Притоа значително се олеснува организацијата на линискиот превоз помеѓу двете општини. Исто така поради реконструкција на магистралниот патен правец М5, превозниците кои ги одржуваат редовните линии од Штип кон Велес и обратно не застануваат на постојката Каратманово поради комплетно отстранување на истата. Од таа причина жителите од с.Каратманово, с.Дорфулија, с.Милино и пошироко целосно се одсечени со користење на јавен превоз на патници во двата правци. Па затоа со донесување на оваа одлука, а потоа и склучување на Спогодба многу ќе се олесни патувањето на граѓаните од Лозово до Велес и обратно. Исто така ќе се олесни организирањето и вршењето на линискиот превоз на патници помеѓу овие две општини, односно превозниците потребната документација за вршење на линиски превоз на патници ќе ја добиваат од надлежните органи во општините (лиценца, заверен возен ред и дозвола за линија). Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај на склучената спогодба помеѓу двете општини, согласност дава Министерот за транспорт и врски. Исто така Општина Лозово веќе донесе Одлука за заедничко организирање на јавен линиски превоз на патници на територија на Општина Велес и општина Лозово. Од оваа причина произлегува и вака предложената одлука.
3. Предлог-одлука за отуѓување на патнички моторни возила сопственост на Општина Велес.
Предлогот да се изврши отуѓување на патнички моторни возила сопственост на Општина Велес по пат на транспарентна постапка е поради нивната дотраеност, зголемена потрошувачка на гориво, губење на снага и потребата од замена на повеќе делови. По спроведената постапка за отуѓување, средствата кои ќе се добијат од продажбата ќе се наменат за набавка на нови возила. Отуѓувањето на патничките моторни возила ќе биде извршено во трансперентна постапка по пат на електронско јавно наддавање, согласно Законот за користење и располагање на стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.
4. Предлог-одлука за донесување на урбанистички план вон населено место за изградба на комплекс со намена А4, времено сместување- викенд населба во КО Башино село и КО Новачани Општина Велес.
Со оваа Одлука Советот на Општина Велес утврдува Урбанистички план вон населено место за изградба на комлекс со намена, А4 – времено сместување - викенд населба, во КО Башино Село и КО Новачани, Општина Велес.
Со утврдувњето на планска документација се создава можност за понуда на квалитетни услуги во функција на туристичкиот развој на Езерото Младост, а која се базира на популацијата и станбениот фонд во населбите во непосредна близина. Сето тоа би требало да предизвика позитивни ефекти врз целото непосредно окпружување од аспект на повисока организација, инфраструктурна опременост и уреденост на просторот.
Планскиот опфат за кој се изработува овој Урбанистички план вон населено место е со површина од 4,47 хектари.
5. Предлог-програма за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Велес за 2015 година.
Со овој предлог се врши дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови која предвидува изработката на Урбанистички план за вон населено место со површина од околу 10 хектари за А4 времено сместување, - место викано Зад Црква, КО Башино Село, Општина Велес. Исто така со дополнувањето се предвидува и изработка на општи акти за населени места:Бузалково, Кумарино, Мамутчево, Отовица, Раштани, Сујаклари, Црквино и Чолошево.
6. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2015 година.
Донесувањето на Програмата за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2015 година е поради донесувањето на Урбанистички план вон населено место за изградба на комплекс со намена А4- времено сместување-викенд населба- во КО Башино Село и КО Новачани овозможи формирање на нови градежни парцели за изградба на објекти за времено сместување, кои ќе бидат понудени на електронско јавно наддавање.
7. Извештај-елаборат за проценета штета од природна непогода врнежи од дожд и град што ја зафатија територијата на Општина Велес на 17 јуни 2015 година.
Во рамките на овој извештај детално е елаборарирана проценетата штета од природна непогода врнежи од дожд и град што ја зафатија територијата на Општина Велес на 17 јуни 2015 година. Притоа во невремето проследено со врнежи од дожд и град беа уништени дел од земјоделските посеви. Подрачјата кои беа зафатени се во атарите на селата Бузалково, Раштани и Рлевци.
8. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес.
9. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ОСУ„Јовче Тесличков“ Велес.
10. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ССОУ„Коле Неделковски“ Велес
11. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Св. Кирил и Методиј“ Велес.
12. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Благој Кирков“ Велес.
13. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Јордан Х.К.Џинот“ Велес.
14. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Стојан Бурчевски Буридн“ с. Иванковци.
15. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Васил Главинов“ Велес.
16. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ОOУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари.
До Општина Велес од страна на горенаведените средни и основни училишта доставено е барање за добивање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во учебната 2015/16 година. Со оглед на тоа што бројот на запишани ученици е помал од законски предвидениот за да се формира предвидениот број на паралелки, се предлага донесување на овие решенија.
17. Информација за движењето на акутните заразни заболувања на подрачјето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес за месец Јануари-Јуни 2015 година.
Согласно правните акти кои ја регулираат оваа проблематика, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес до Советот на Општина Велес доставува Информација за движењето на акутните заразни заболувања. Советниците ќе имаат можност да ја разгледаат информацијата и да продискутираат за движењето на бројката на заболени од заразни болести на подрајчето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес, а кое ги опфаќа општините Велес, Чашка и Градско.
18. Советнички прашања.
Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
Со последната 18-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 39-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 19-ти август 2015 година.
Ви благодарам!