СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ДЕНЕС ЈА ОДРЖУВА СВОЈАТА 40-ТА СЕДНИЦА

Советот на Општина Велес денес 03.09.2015 година (четврток) ја одржува својата 40-тата седница.
За оваа седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог-одлука за определување на граници на заштитени зони околу водозафатните објекти-бунари за водоснабдување на градот Велес.
Во Општина Велес снабдувањето со вода за пиење се обезбедува од Хидросистемот Лисиче. Пред и во текот на градбата на хидросистемот, општината се обезбедуваше со вода за пиење од “Рени” бунарите 1,2 и 3, Топилнички бунар, бунар на АРМ и бунарскиот систем „Шорка”. За заштита на бунарите донесена е општинска Одлука за заштитни зони на изворите на водите за пиење. По ставање во целосна функција на хидросистемот, од 2010г. бунарите се ставени вон функција.
Во меѓувреме на просторот на широката и пошироката заштитна зона на бунарите изградени се бројни објекти за живеење, викенд куќи и објекти во кои се врши стопанска дејност. До Општината поднесени се барања за легализација на објектите кои се бесправно изградени, а не можат да бидат позитивно решени заради постојната заштита на бунарскиот систем.
Затоа беше потребно да се создадат услови да се промени оваа состојба затоа што бунарите се вон функција, а имаа строга заштита пропишана за примарни извори за водоснабдување.
Имајќи ги во предвид одредбите од Законот за водите во делот на заштитните зони и нивните граници, за потребите на Општина Велес е изработен Елаборат за утврдување на граници на заштитени зони околу водозафатните објекти-бунари за водоснабдување на градот Велес од страна на Градежен институт Македонија АД Скопје и ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија. Елаборатот е изготвен согласно Правилникот за содржината и начинот на изготвување на елаборат за одредување на границите за заштитените зони, заштитните мерки и другите услови за водите наменети за консумирање од страна на човекот.
Целта на Општина Велес е да ги сочува овие изворишта како алтернативни извори за водоснабдување на градот Велес, но и да создаде услови и механизми за решавање на еколошките проблеми создадени во пошироката и широката заштитна зона (урбанизирање на просторот, регулирање на отпадните води, отпадот и други влијанија врз животната средина).
Оваа Одлука се носи врз основа на Законот за водите каде е пропишано дека “Општините можат да укажат на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, за потребата од определување на заштитна зона. Одлуката за потребата од определување на заштитна зона ја донесува советот на општината”, по што Владата на РМ ќе ги определи заштитните зони во законски утврдена постапка.
2. Предлог-одлука за определување на граници на ерозивните подрачја и подрачјата загрозени од ерозија на територијата на Општина Велес.
Врз основа на потпишаниот Договор помеѓу Градежен Институт МАКЕДОНИЈА А.Д. - Скопје бр.0902-1443/5 и Општина Велес потребно е да се изработи Елаборат за утврдување на границите на ерозивните подрачја и подрачјата загрозени од ерозија на територијата на општината Велес.
За таа цел беа изведени теренски активности кои се состоеја од увид и проспекција на нај загрозените локации во градот Велес при што беа собрани одреден број податоци за состојбата и интензитетот на ерозионите процеси и појави кај истите. Со тоа беше извршен увид на актуелната состојба кај овие критични точки од аспект на инжинерскогеолошка стабилност на теренот и нивно понатамошно развивање, односно утврдување на можните мерки за санација кај истите.
Оваа Одлука се носи врз основа на Законот за водите каде е пропишано дека “Советот на општините и советот на град Скопје се должни на територијата на нивна надлежност да ги определат границите на ерозивното подрачје и подрачјето загрозено од ерозија и да ги утврдуваат мерките и работите за заштита на земјиштето од ерозија и уредувањето на пороите, врз основа на техничка документација”.
3. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за востановување Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“.
Актерската награда за животно дело беше востановена по предлог на Градоначалникот на Општина Велес, актерите од Народниот театар „ЈХК Џинот“ – Велес и членовите на Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“ од Скопје.
Одлуката предвидуваше оваа награда да се обезбедува од средства од сите три иницијатори за нејзино востановување. Во последните неколку години еден од основачите – Народниот театар од Велес се произнесе дека не е во состојба да го обезбеди паричниот дел од наградата, но за сметка на тоа актерите секоја година ќе продолжат без надоместок да играат претстава во чест на наградениот.
Исто така голем проблем се јави и со учеството во чинот на реализирање на постапката за доделување на наградата „Петре Прличко“ и со Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“ од Скопје. Ова Здружение веќе формално правно не постои затоа што не е пререгистрирано по Законот за здруженија и фондација, а со самото тоа нема ни буџет да го обезбеди својот дел од наградата.
Со измените на оваа Одлука Општина Велес од буџетот ќе го обезбеди паричниот дел на наградата што го обезбедуваше и до сега и ќе обезбеди и цветен аранжман и плакета со ликот на Петре Прличко за добитникот на наградата.
Што се однесува пак до предлозите за членови на Комисијата за избор на добитник на Актерската награда „Петре Прличко“, два члена од комисијата треба да бидат предложени од институцијата чија основна дејност е театарската уметност.
Во последните години стана пракса наградата да се врачува по повод Денот на Општина Велес – 9-ти Ноември затоа што тогаш во Велес има гости од повеќе збратимени градови од странство и овој настан е можност тие да се запознаат со нашата култура. Ова е особено значано сега кога сите гости ќе можат да ја видат и да ја почуствуваат атмосферата во новата театарска зграда.
4. Предлог-решение за одобрување средства од Буџетот на Општина Велес.
Со ова решение е предвидено да се доделат финансиски средства за настанат пожар во семејна куќа и за натпревар на светско првенство во Република Словенија на здружението за спортски риболовци „Бабуна“.
5. Предлог-решение за разрешување и именување претставник од Општина Велес за член на управниот одбор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна допис од Министерството за труд и социјална политика за номинирање на член на управен одбор во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Велес. Досегашниот член на управниот одбор со допис се обратила до ова Министерство и побарала разрешување поради лични причини. Согласно Законот за социјалната заштита Управниот одбор на центарот за социјална работа го сочинуваат пет члена именувани од основачот, од кои еден член предложен од советот на општината на чие подрачје е седиштето на центарот за социјална работа, еден член од редот на стручните работници во центарот за социјална работа и тројца претставницина основачот. Согласно Законските обврски потребно е Советот на Општина Велес да го донесе предложеното решение.
6. Годишен извештај на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Велес за учебната 2014/2015 година.
7. Годишен извештај за работа на ООУ „Васил Главинов“ Велес за учебната 2014/2015 година.
8. Годишен извештај за работа на ООУ „Блаже Конески“ Велес во учебната 2014/2015 година.
9. Годишен извештај на ООУ „Благој Кирков“ Велес за учебната 2014/2015 година.
10. Годишен извештај за работа на ООУ „Јордан Хаџи - Константинов Џинот“ Велес за учебната 2014/2015 година.
11. Годишен извештај за наставно воспитно - образовната работа во учебната 2014/2015 година на ООУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари.
12. Годишен извештај за работа на ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с.Иванковци во учебната 2014/2015 година.
13. Годишен извештај за работа на ООМУ „Стефан Гајдов“ Велес во учебната 2014/2015 година.
14. Годишен извештај за работа на ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес во учебната 2014/2015 година.
15. Годишен извештај за работа на ОСУ „Јовче Тесличков“ Велес за учебната 2014/2015 година.
16. Годишен извештај за воспитно – образовната работа на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес за учебната 2014/2015 година.
17. Годишен извештај за работата на ССОУ „Коле Неделковски“ Велес во учебната2014/2015 година.
18. Годишен извештај за работа на ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ – Велес воучебната 2014/2015 година на ОУД.
Годишните извештаи за работата на основните, средните училишта и ученичкиот дом во Општина Велес претставуваат синтетизиран приказ на постигањата на учениците, извршените работи и работни задачи на наставниците, стручните служби и раководните тимови. Во согласност со законските прописи, Советот на Општина Велес како основач на овие образовни институции е должен да ги разгледа и да се произнесе по годишните извештаи.
19. Предлог Годишна програма за работа на ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во учебната 2015/2016 година.
Годишната програма за работа на ученичкиот дом Лазар Лазаревски за учебната 2015/16 година, е краткорочен развоен документ и претставува оперативен план за работа со кој е програмирана целокупната активност. Тој е подготвен за да биде носител и столб на сите процеси во институцијата кои се планираат и ќе се реализираат во текот на оваа учебна година која што неодамна отпочна. Советот на Општина Велес како основач на домот е должен да ја разгледа и да се произнесе по предлог годишната програма.
Со последната 19-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 40-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 03-ри септември 2015 година.