Почитувани,
На денешната пресконференција сакам да ја информирам велешката јавност дека денес 13.10.2015 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 12:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 42 седница.
За 42-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2015 година.
Согласно измените и дополнувањата на Програмите за работа на Општина Велес за 2015 година донесени на претходна седница на Советот на Општина Велес, се јави потреба од измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2015година, односно втор ребаланс.
Со овој ребаланс се врши зголемување на планираните средства во вкупен износ од 37.666.417 денари. И тоа се зголемува основниот буџет за 2.519.961 денар, дотациите се зголемуваат за 1.414.000 денари (и се врши внатрешна пренамена на планираните расходи) и донациите се зголемуваат за 33.732.456 денари (согласно барањата на буџетските корисници).
Надвор од изменетите и дополнети програми кои се составен дел на Буџетот за 2015 година измени следат во: колоната за основен буџет, колоната за дотации и колоната за донации.
2. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Мамутчево, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
3. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Чалошево, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
4. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Раштани, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на овие Одлуки за селата Мамутчево, Чалошево и Раштани, ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање за одобренија на градење. Планскиот опфат ќе значи дека на овие простори се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
5. Предлог-одлука за прифаќање на донација од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ ДОО-Скопје.
Согласно Одлуката за управување со отпад од пакување кој претставува комунален отпад на територијата на Општина Велес: „ЈКП Дервен е должен во рок месеци од денот на донесувањето на оваа Одлука да склучи договор со колективен постапувач со пакување и отпад од пакување, кој има обезбедно дозвола од надлежен орган за понатамошно постапување со собраниот отпад од пакување”.
Согласно Одлуката, ЈКП „Дервен“ воспостави деловно-техничка соработка во врска со услугите за постапување со отпадот од пакување кој претставува комунален отпад на територијата на Општина Велес со Друштво за управување со пакување и отпад од пакување ПАКОМАК ДОО Скопје и склучи Договор бр. 03-807/1 од 22.04.2015г.
ПАКОМАК ДОО Скопје како овластено правно лице за постапување со отпад од пакување кој поседува дозвола за вршење на дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, основано од производители со цел за исполнување на обврските од Законот за управување со пакување и отпад од пакување, а заради остварената соработка има обврска да го помага развојот на системот за управување со отпад од пакување кој претставува комунален отпад на територијата на Општина Велес.
Со донацијата на оваа преса ПАКОМАК ДОО Скопје помага за развој и одржливост на системот за постапување со отпад од пакување. Понатамошниот корисник на донацијата ќе биде ЈКП „Дервен“ со што ќе се овозможи употреба на пакувањето на територијата на општината преку воспоставување на организиран систем за управување на отпадот од пакување кој представува комунален отпад.
6. Предлог-одлука за имплементација на проектот „ЕНЕРЏИНЕТ“финансиран од ЕУ преку „ИПА - Програмата за прекугранична соработка Грција - Македонија 2007-2013".
Со оваа Одлука, Општина Велес започнува со имплементација на проектот „Енерџинет“ финансиран од ЕУ преку „ИПА - Програмата за прекугранична соработка Грција - Македонија 2007-2013". Општина Велес ќе го имплементира проектот во период од максимум 15 месеци во согласност со Договорот склучен помеѓу Општина Велес и Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.
Вкупниот фонд за реализација на проектот на македонска страна изнесува 267.285 евра. 85% од вкупната сума се финасирани од Европската Унија.
Останатите 15% во првата фаза се финансирани од општините Велес и Прилеп. По доставувањето на финасискиот извештај, овие средства во буџетот на општината ќе ги покрие Министерството за локална самоуправа.
Општина Велес ќе го имплементира проектот како водечки партнер од Македонска страна и ќе ги координира активностите со Општина Прилеп како општина партнер од македонска страна.
Во реализација на проектот, Општина Велес ќе соработува со општините Флорина, Ираклеа и Визалтија од грчка страна.
82.000 евра ќе бидат искористени за поставување на термоизолациони фасади за енергетска ефикасност во 5 објекти (клонови 2,3,4,5 и 6) на детската градинка „Димче Мирчев“
Останатите средства се наменети за:
1. Организација на почетна средба- Тематска конференција во Велес
2. Организација на Денови на енергетска ефикасност во Велес (масовен настан на отворено)
3. Изработка на енергетски елаборат за еден објект во сопственост на општината (Клон 1 во градинката „Димче Мирчев)
4. Изработка на Стратегија за енергетска ефикасност SEAF (која ќе ги опфати сите објекти во сопственост на Општина Велес и ќе понуди долгорочни решенија за енергетска ефикасност) Стратегијата е во согласност со стандардите на ЕУ за изработка на SEAF.
Општина Велес ќе добие и опрема за отворање на кацеларија за енергетска ефикасност (компјутер и канцелариски мебел) во која во времетраењето на проектот работно ќе биде ангажирано едно лице.
7.Предлог-одлука за еднократен отпис на долг по основ на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување.
Од страна на Комисијата за постапување по барања за еднократно отпишување на долговите на граѓаните формирана од Владата на Република Македонија до Општина Велес беа испратени поединечни Одлуки за еднократен отпис на долг на физички лица од Општина Велес. Согласно Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните Единицата на локалната самоуправа донесува акт за отпис на долгот по основ на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување. По донесувањето на оваа одлука истата се доставува до должникот и до ЕВН Македонија.
8.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2015 година.
Поради зголемување на планскиот опфат на Урбанистички план вон населено место КО Башино Село бројот 34 хектари (површина на плански опфат) се заменува со бројот 53 хектари. Со изменувањето и дополнувањето на Законот за територијална организација на Локалната самоуправа во РМ Клуковец се дополнува во населени места. За да може да се изработи Општ акт потребно е да се стави во Програмата за изработка на урбанистички планови.
9.Предлог решение за именување членови на Комисија за избор на добитник на Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“.
Согласно Одлуката за востановување Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ и направената измена на Одлуката, постапката за спроведување на избор на добитник на Актерската награда „Петре Прличко“ ја спроведува Комисија формирана од три члена.
Членовите на Комисијата се стручни лица од областа на театарската уметност, предлози за членови на Комисијата предлагаат: еден член по предлог на Градоначалникот на Општина Велес и два члена о предлог на Народниот театар „ЈХК Џинот“.
10. Извештај за работата на општинската јавна установа за деца детска градинка „Димче Мирчев“ Велес за 2014/2015 година.
11. Предлог-Годишна програма за работата на општинската јавна установа за деца детска градинка „Димче Мирчев“ Велес за 2015/2016.
Советот на Општина Велес како основач на ОЈУДГ „Димче Мирчев” Велес согласно законската регулатива е надлежен да ги разгледа и да се прозинесе по однос на овие два значајни документи на институцијата. Се работи за Извештајот за работата на градинката „Димче Мирчев” кој претставува синтентизиран приказ на сите реализирани активности во 2014/2015 година и Годишната програма за работа која претставува краткорочен развоен документ и оперативен план со кој е програмирана целокупната активност.
Со последната 11-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 42-та седница на Советот на Општина Велес.
Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат на 13-ти октомври 2015 година.
Ви благодарам!