СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ЈА ОДРЖУВА СВОЈАТА 46-ТА СЕДНИЦА

Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ja информира јавноста дека денес 28.12.2015 година (понеделник) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 46 седница, последна за оваа година.

За 46-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Советнички прашања

Согласно деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.

2. Предлог - Буџет на Општина Велес за 2016 година.

На последната седница на Советот на Општина Велес за оваа година, согласно законските рокови и воспоставената пракса ќе се најде на разгледување еден од најважните документи за функционирањето на локалната самоуправа – Предлог-Буџетот на Општина Велес за 2016 година.

Овој Предлог-Буџет е изготвен согласно основните насоки за подготовка на буџетите на општините за 2016 година, а тоа се остварување на стратешките определба за зголемување на економскиот раст и конкурентноста на економијата на трајна основа, зголемување на вработеноста, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на населението.

3. Предлог-одлука за извршување на Буџетот на Oпштина Велес за 2016 година.

Со Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Велес за 2016 година се прецизира начинот на трошењето на паричните средства во Буџетот на Општина Велес, начинот на пренамена во рамките на одобрените буџети на буџетските корисници и вредноста на бодот. Со оваа Предлог-одлука за извршување на Буџетот е регулирана и висината на разни надоместоци по разни основи, буџетска резерва, за отпремнини за пензионирање, во случај на боледување подолго од шест месеца, во случај на смрт на вработен или член на негово потесно семејство, јубилејни награди и др.

4. Предлог-одлука за утврдување на вредност на бодот за платите на државните службеници за 2016 година.

Согласно Законот за административни службеници, Советот на општината со одлука ја утврдува вредноста на бодот за платите на државните службеници на предлог на градоначалникот, а во рамки на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распоредени по соодветни нивоа за тековната година. Вредноста на бодот за пресметување на платата на државните службеници во општините, градот Скопје и општините во градот Скопје се утврдува секоја година со Одлуката за утврдување на вредност на бодот за платите на државните службеници која ја донесува Советот. Со оглед на наведеното, градонечалникот предлага Советот на општината да ја донесе предложената одлука.

5. Предлог-одлука за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Велес.

Согласно Законот за локалната самоуправа, организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Велес, видовите и бројот на организациони единици, условите за нивно образување и раководење со нив се уредува со Одлука која ја донесува Советот на општината. Донесувањето на оваа Одлука е врз основа на Законот за вработените во јавниот сектор нов закон според кој треба да се направи усогласување на одредбите со истиот. Од оваа причина е потребата од донесување на нова Одлука, а со нејзиното донесување претходно донесената Одлука престанува да важи.

6. Предлог-одлука за утврдување на пазарната вредност на градежното земјиште на подрачјето на Општина Велес.

Согласно измените на Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот, предвидено е - Пазарната вредност на градежното земјиште се утврдува според просечната цена на извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процена на земјиштето. Согласно ова се предлага донесување на оваа Одлука.

7. Предлог-одлука за определување на критериумите за утврдување на пазарната вредност на земјоделско земјиште на територијата на Општина Велес.

Оваа одлука се носи согласно Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија каде што е предвидено дека Пазарната вредност на земјоделското земјиште, шумите и пасиштата се утврдува според просечната цена на извршените купопродажби во годината која и претходи на годината за која се врши процената на земјиштето. Согласно ова се предлага до Советот на Општина Велес донесување на оваа Одлука.

8. Предлог-одлука за определување зони и подзони на територијата на Општина Велес со примена на Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот.

Со донесување на Одлуките од страна на СОВ со кои се именуваат нови улици или се врши промена на името на улиците, се пројави потреба од промена на Одлуката за определување зони и подзони на територијата на Општина Велес со примена на Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот. Во истата треба да се определи која улици во која зона се предвидува и по која цена ќе се врши пресметувањето при утврдувањето на пазарната вредност. Поради ова предлагаме донесување на нова Одлука во која ќе бидат вклучени сите нови и променети имиња на улици во Општина Велес.

9. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Oдлуката за откажување од корисничко право од недвижен имот за КО Велес.

Советот на Општина Велес на седницата одржана на 13.11.2015 година ја донесе Одлуката за откажување од
корисничко право од недвижен имот за КО Велес, која е потребна за продолжување на процесот на легализација на баратели на бесправно изградени објекти и откуп на земјиште под објект. Поради тоа што на КП бр.7923 евидентирано во ИЛ бр.7802 за КО Велес, покрај тоа што општината се наоѓа како корисник на оваа КП, истовремено е и сосопственик на објект со барателот за легализација, па од оваа причина општината го повлекува барањето за откажување од корисничко право. Што се однесува за другата промена која се предлага е од причина што со вадење на нови податоци од катастарот на недвижности, оваа парцела е исцепена во неколку и објектот кој е предмет на легализација се наоѓа на КП18016 /3.

10. Предлог-одлука за отуѓување на недвижен имот сопственост на Општина Велес по пат на продажба, објект во с.Долно Оризари (КП 1913).

Со оваа Одлука се врши отуѓување на недвижен имот сопственост на Општина Велес, објект поранешна училишна зграда која се наоѓа на КП 1913 заведена во ИЛ 1393 со вкупна површина од 874 м2. Објектот се наоѓа во лоша состојба, оставен на забот на времето истиот подолго време не се користи и е напуштен. Затоа се предлага донесување на оваа Одлука со која објектот ќе се стави во одредена функција со можноста истот да се отуѓи и продаде, ќе се овозможи обновување на оваа зграда, со нова градба или реконструкција на истата, со што ќе се придонесе да се разубави просторот во селото. Предложената почетна цена е постигната по спроведена проценка за состојбата на објектот од страна на овластен проценител, прилог кон оваа Одлука.

11. Предлог-одлука за отуѓување на недвижен имот сопственост на Општина Велес по пат на продажба, објект во с.Горно Оризари (КП 2664).

Со оваа Одлука се врши отуѓување на недвижен имот сопственост на Општина Велес, објект поранешна училишна зграда која се наоѓа на КП 2664 заведена во ИЛ 51010 со вкупна површина од 249 м2. Објектот подолго време не се користи, истиот е напуштен и руиниран. Порано овој објект бил училишна зграда каде се изведувала настава, денес учениците учат во нова зграда, што значи дека овој објект моментално не е во функција никој не го одржува и има видни оштетувања. Согласно погоре наведеното се предлага донесување на оваа Одлука се со цел објектот да се отуѓи и продаде со што ќе се овозможи обновување на оваа зграда, со нова градба или реконструкција на истата. Предложената почетна цена е постигната по спроведена проценка за состојбата на објектот од страна на овластен проценител, прилог кон оваа Одлука.

12. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за склучување спогодба за основање на локален економско-социјален совет.

Советот на Општина Велес на седницата одржана на 07.07.2015година ја донесе Одлуката за склучување на спогодба за основање на локален економски-социјален совет, со која се предложи склучување на Спогодба помеѓу Општина Велес и организацијата на работодавачи на Република Македонија и Сојуз на Синдикати на Македонија. Но со доставувањето на предлог текстот на Спогодбата од страна на координаторот за промоција за Социјалниот дијалог од Скопје (Меѓународна организација на трудот), се предложи истата да се потпише и од други потписници: Конфедерација на слободни синдикати на Македонија и Бизнис конференција на Македонија кои ќе членуваат со по 1 член. Тие се и членови и во Националниот ЛЕСС како и во другите совети кои се формираа во општините. На ден 26.08.2015година, се изврши потпишување на истата со сите горе неведени членови. Поради ова мора да се изврши усогласување на веќе донесената Одлуката со Спогодбата за бројот на членовите и страните потписници на истата.

13. Предлог-одлука за давање на управување на водоснабдителниот систем во село Црквино на ЈКП „Дервен“.

Согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води „Водоснабдителен или канализационен систем изграден со средства на граѓани, домашни и странски донатори или други корисници, со договор се отстапува на управување на давателот на услугата и претставува целина на единствениот водоснабдителен или канализационен систем“. Додека член 25 од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување во Општина Велес упатува на тоа дека „Одржувањето на изградените водоводни објекти и инсталации кои не се дел од јавниот водоснабдителен систем, се преотстапува на давателот на услугата со Одлука на Советот на општината“. При ова се формира Комисија од основачот која ќе ја утврди техничка исправност констатирана на записник. Во случај кога водоводни објекти и инсталации се технички исправни дава позитивна препорака за преотстапување. Во случај кога водоводни објекти и инсталации се технички неисправни Комисијата дава препораки за превземање на мерки и активности за доведување на истите во технички исправна состојба. За конкретниот водоснабителен систем (село Црквино), Комисијата има составено запинсик кој е составен
дел на оваа Одлука.

14. Предлог-програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република
Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2016 година.

Согласно со Закон за градежно земјиште општините можат да ги вршат работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија, доколку исполнат одредени услови меѓу кои и донесување на оваа програма. Во оваа програма се опфатени 7 урбанистички плана во кој се опфатени 50 градежни парцели за продажба и 19 градежни парцели за краткотраен закуп.

15. Предлог-програма за одржување на јавната чистота на територијата на Општина Велес за 2016 година.

Програмата за одржување на јавната чистота на територијата на Општина Велес согласно Законот за јавна чистота се фокусира на одржувањето на јавната чистота во три сегменти: метење, миење на јавните површини и рачно чистење на снег и мраз во зимски услови. Во програмата е даден приоритет на површините кои ќе ги одржува изведувачот на програмата (ЈКП Дервен) според густината на населеност, фреквенција на граѓани и сообраќај, постоење на социјални, културни и воспитно-образовни објекти. При изготвување на програмата земено е во предвид и јавното мислење за потребите за одржување на јавните површини искажано преку претставки или др. начин на комуникација со граѓаните, како и преку работата на терен на надлежните инспекциски служби во општината и стручните служби во ЈКП Дервен.
Во Програмата е зголемена површината на одржување на јавната чистота од 2016г. за нови 78.000м2 и тоа површина за метење. Дел од површините во редовно одржување се предвидени во координација со активностите помеѓу други општински програми (култура, обележување на годишнини на значајни настани и личности).
Врз основа на горенаведното, за реализација на оваа Програма потребни се 10.000.000,00 денари кои ќе се финансираат од Буџетот на Општина Велес, со средства предвидени во Програмата за уредување на градежно земјиште на територијата на Општина Велес за 2016 година.

16. Предлог-програма за работа на Советот на Општина Велес за 2016 година.

Советот на општината секоја година на крајот на годината донесува Програма за работа за наредната година. Од страна на Претседателот на Советот на општина Велес со допис беше побарано од сите јавни институции формирани од општината да го достават свои предлози, согласно планираните активности на Советот за наредната година. Истите го испочитуваа рокот и ги доставија своите мислење и предлози кои се дел од вака предложената Програма.

17. Предлог-годишна програма за работа на Совет на млади на Општина Велес за 2016 година.

Програмата за работа на Советот на млади на Општина Велес е изработена од членовите на Советот на млади во координација со претставници на општинската администрација. Целта на програмата е да делува во насока на реализирање на приоритетните цели за кои е основан Советот на млади. Програмата предвидува реализација на активности со кои се таргетира младинската популација на Општина Велес и нејзини главни приоритети се: професионализација и јакнење на капацитетот на Советот на млади со цел поставување на основите за јак младински совет кој во иднина би имал зајакнати капацитети за раководење со процесите и подобрување на стандардите на младите во Општина Велес, интеграција на младинското преставување во општествено-политичките процеси и зајакнување на младинските стандарди и информативност.

18. Предлог-програма за уредување и одржување на градското зеленило на територијата на Општина Велес во 2016 година.

Програмата на ЈКП Дервен за одржување на јавните зелени површини е насочена кон одржување на зеленилото во парковските површини, зеленилото во скверовите во централното градско подрачје и скверовите во споредните улици со цел хортикултурно уредување и високо естетско оплеменување на просторот со што ќе се постигне поурбан изглед на градот. Општа цел на Програмата е да се обезбеди редовно одржување на Јавните зелени површини со што ќе се овозможи биолошко зачувување и правилен развој на постоечкото зеленило.

19. Предлог-програма за реконструкција и подигнување на нови зелени површини на територија на Општина Велес за 2016 година.

Предлог-програмата за реконструкција и подигнување на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2016 година е изработена од страна на стручните служби при ЈКП Дервен и усвоена од страна УО на комуналното претпријатие. Со неа се предвидува реконструкција на зелените површини и хортикултурното уредување на повеќе локации во градот. За таа цел потребно е Советот на следната седница да ја разгледа и да се произнесе по предложената програма за реконструкција и подигнување на нови зелени површини на територијата на Општина Велес за 2016 година.

20. Извештај за реализација на Вардарска регата „Гемиџии“ за 2015 година.

21. Извештај за реализација на интернационалниот фестивал на античка драма „СТОБИ“ за 2015 година.

22. Извештај за реализација на 52 –те „Рацинови средби“.

23. Извештај за реализација на 48 –те детски „Рацинови средби“.

24. Извештај за реализација на Оперативен план за родова еднаквост.

25. Извештај за единаесеттата ликовна колонија „Папрадишки мајстори 2015“.

Организаторите на 5-те манфистеции кои беа одржани изминатиов период: 12-тиот Интернационален фолклорен фестивал, Вардарската регата „Гемиџии”, Интернационалниот фестивал на античка дрма „Стоби”, 52-те Рацинови средби и 48-те детски Рацинови средби, Оперативен план за родова еднаквост, и единаесеттата ликовна колонија „Папрадишки мајстори 2015“според одлуката на Советот и Договорот за делегирана надлежност должни се да достават Извештај за реализацијата. Овие извештаи ги вклучуваат сите аспекти од спроведувањето на манифестациите вклучувајќи го и финансискиот сегмент. Истите се во насока на јавно и транспарентно презентирање на реализираното во рамките на културните манифестации кои Општина Велес ги поддржува и финансира. Истата обврска се однесува и за Организацијата на жени на Општина Велес за реализацијата на Оперативниот план за родова еднаквост.

26. Предлог-решение за давање согласност на Статутарна Одлука за измена на член 15 и член 16 од Статутот на ЈКП „Дервен“.

До Советот на Општина Велес беше доставена Статутарната Одлука за измена на член 15 и член 16 од Статутот на ЈКП „Дервен“ донесена од управниот одбор на ЈКП „Дервен“ на седницата одржана на 17.12.2015 година. Согласно Законот за јавните претпријатија основачот на јавното претпријатие дава согласност на Статусните промени и организирањето на јавното претпријатие, согласно ова се предлага ова Решение до СОВ .

27. Предлог-решение за разрешување и именување претставник на Општина Велес за член на Училишен одбор во ООУ „Рајко Жинзифов“ село Оризари.

До Советот на Општина Велес пристигна барање од претседателот на училишниот одбор на ООУ „Рајко Жинзифов“ за разрешување на член на УО, поради често патување во странство не е во можност да присуствува на состаноците на училишниот одбор. Поради наведената причина се бара да се разреши досегашниот член и да се именува нов.

Со последната 27-ма точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 46-та седница на Советот на Општина Велес.

Ви благодарам!