СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ЈА ОДРЖУВА СВОЈАТА 47-MА СЕДНИЦА

Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ja информира јавноста дека денес 29.01.2016 година (петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 13:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 47 седница, прва за оваа година.
За 47-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог-одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Велес за 2016 година.

Согласно добиеното барање од Општинското основно училиште „Благој Кирков” Велес, во Буџетот на Општина Велес за 2016 година во колоната Донации се врши проширување на средствата во износ од 98.109 денари. Средствата ќе бидат потрошени за реализација на проектот Happy hearts never get old.

2. Предлог-одлука за донесување на детален урбанистички план за дел од УЕ1, УБ 10 Велес, Општина Велес.
Со оваа Одлука се врши донесување на деталниот урбанистички план кој го опфаќа просторот каде се наоѓа Општинската зграда и пошироко со површина од 11,07 хектари. Овој план кој е дел од урбаната единица 1 дел од блок 10, е со намена за домување и дел за јавни функции. Планската документација е во согласност со Генералниот урбанистички план, а истатата е во насока на поквалитетно урбанистичко планирање на просторот.

3. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Сојаклари, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на оваа Одлука за село Сојаклари ќе се задоволи потребата на граѓаните за барања за одобрение за градење. Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.

4. Предлог-одлука за купување на недвижен имот.
Од страна на сопственикот на горе неведениот недвижен имот, до Градоначалникот и Советот беше побарано да се изврши продажба на објект семејна ќука. Оваа куќа неодамна беше опожарена и истата сега е во многу лоша состојба. При извршениот увид од страна на стручни лица од општината утврдено е дека овај објект веќе е склон на паѓање и може да предизвика голема материјална штета. Истиот се наоѓа на улица која е доста фрекфентна и доколку дојде до паѓање на објектот може да дојде до несакани последици. Согласно одредбите од законот, општината може да ги сноси последиците доколку не превзела ништо во однос на расчистувањето на објектот на овој простор. Со купопродажбата на овој објект, општината ќе може да стопанисува со истиот и да изврши уредување на просторот за потребите на општината. Врз основа на ова му се предлага на Советот на Општина Велес како надлежен орган за решавање за имотот на општината, да ја донесе предложената одлука. Вредноста која е утврдена за купопродажба е врз основа на мислењето на овластениот проценител согласно методологијата. Со предложената одлука се задолжува Градоначалникот да го склучи Договорот за купопродажба и ја упише сопственоста.

5. Предлог-одлука за отстапување на основно средство опрема за видео надзор на општинските основни и средни училишта.
Од страна на Општина Велес се изврши набавка на видео опрема за вршење наздор на објекти во сопствененост на Општина Велес. Општината ќе изврши предавање/отстапување на основно средство опрема за видео надзор на општинските основи и средни училишта, заведено во книговодствената евиденција на општина Велес. Со поставувањето на опремата за видео надзор ќе се обезбеди поголема безбедност на објектите и учениците. Училиштата оваа опрема ќе ја заведат како основно средство во својата книговодствена евиденција и при тоа се должи истата да ја постават согласно зададените законски услови за овој вид на опрема, и за начинот на користење се должни да изготват Правилник за видео надзор.

6. Предлог-одлука за давање на управување на водоснабителниот систем во с.Новачани на ЈКП „Дервен“.
Согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води „Водоснабдителен или канализационен систем изграден со средства на граѓани, домашни и странски донатори или други корисници, со договор се отстапува на управување на давателот на услугата и претставува целина на единствениот водоснабдителен или канализационен систем“. Исто така согласно член 25 од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување во Општина Велес упатува на тоа дека „Одржувањето на изградените водоводни објекти и инсталации кои не се дел од јавниот водоснабдителен систем, се преотстапува на давателот на услугата со Одлука на Советот на општината“. При ова се формира Комисија од основачот која ќе ја утврди техничка исправност констатирана на записник. Во случај кога водоводни објекти и инсталации се технички исправни дава позитивна препорака за преотстапување. Во случај кога водоводни објекти и инсталации се технички неисправни Комисијата дава препораки за превземање на мерки и активности за доведување на истите во технички исправна состојба. За конкретниот водоснабителен систем (село Новачани), Комисијата има составено запинсик во кој константира дека објектите ги исполнуваат сите услови за примопредавање.

7. Предлог-одлука за прифаќање на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Велес и Општина Петровец.
До Општина Велес пристигна предмет доставување на Одлука за прифаќање на иницијативата за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Петровец и Општина Велес и Одлука за формирање на заедничка Комисија која ќе го изготви Договорот за воспоставување на МОС помеѓу Општина Петровец и Општина Велес. Согласно Законот за меѓуопштинска соработка е предвидено дека Советот на општината одлучува по предлог за воспоставување на МОС со донесување на Одлука за прифаќање на предлогот за воспоставување на Меѓуопштинска соработка.

8. Предлог-план за запишување на ученици во прва година во Средните општински училишта во Општина Велес за учебната 2016/2017 година.
За успешно подготвување на Конкурсот за запишување на учениците во прва година во средните училишта во учебната 2016/2017 година во Република Македонија, како обврска на Министерството за образование и наука регулирана со Законот за средното образование е и негово објавување во средствата за јавно информирање најдоцна до 31 март. Поради ова потребно е Општина Велес да утврди свој предлог за опфат на сите ученици кои оваа учебна 2015/2016 година завршуваат деветто одделение од основното образование и задолжително го продолжуваат средното образование. Следната учебна година според оваа програма се планира да се запишат во прва година 1122 ученици во 33 паралелки, од кои 32 на македонски наставен јазик и 1 паралелка на албански наставен јазик која е во гимназиското образование.

9. Годишен извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2015 година.
Врз основа на Законот за управување со отпадот, Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Велес до Советот се доставува на разгледување Годишен извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес во 2015 година. Истиот го опфаќа периодот јануари-декември 2015 година. Општината во соработка со ЈКП „Дервен” во 2015 година реализираше низа активности согласно утврдените стратешки цели и приоритети во Програмата за управување со отпад за 2015година и Планот за управување со отпад за Општина Велес (2013-2017).

10. Предлог - програма за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2016 година.
Планот за управување со отпад 2013-2017 за Општина Велес усвоен од Советот на Општина Велес се имплементира преку Годишни програми за управување со отпад на Општина Велес. Годишната програма за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2016 г. обезбедува координиран пристап на учесниците во системот на управување со отпад: Општината како генерален носител на активностите и ЈКП Дервен како изведувач на активностите и овлaстен оператор на системот за управување со отпад на територијата на Општина Велес.

11. Годишен извештај за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на Општина Велес за 2015 година.
Врз основа Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Статутот на Општина Велес, Советот треба да го разгледа и да се произнесе по однос на Годишниот извештај за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за периодот од 01.01.2015 до 31.12.2016 година.
Податоците во извештајот се внесени врз основа на сублимираните предмети во документацијата на општината за 2015 година како и врз основа на известувањата, извештаите и информациите доставени до Општина Велес од страна на јавните претпријатија, училиштата и локалните установи (по пошта, електронска пошта или информација по телефон) .
Општина Велес, Јавните претпријатија, училиштата и локалните установи како иматели на информации се обврзани секој поединечно до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер да достават Годишен извештај за примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Сублимираниот Годишен Извештај, по разгледувањето од страна на Советот на Општина Велес ќе биде доставен до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

12. Предлог-решение за одобрување средства од Буџетот на Општина Велес.
До Советот на Општина Велес пристигнаa барањa за финансиска помош од страна на неколку лица кои се однесуваат за настанат пожар во семејна куќа и за учество во планинарска експедиција. Советот на Општина Велес ќе одлучува по овие барања и ќе одлучи за висината на финансиските средства за барателите.

13. Предлог-решение за разрешување и именување на член на Надзорниот одбор за материјално и финансиско работење на ЈКП „Дервен“.
До Советот на Општина Велес пристигна допис од Член на Надзорниот одбор на ЈКП „Дервен” Велес со кој поради лични причини се бара разрешување од должноста член на Одборот за контрола на материјално финансиското работење. Од таа причина Советот потребно е да именува нов член во овој орган на управување на комуналното претпријатие „Дервен”.

14. Предлог-план за работа на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ во 2016 година.
Планот за работа за 2016 година на ЈКП „Дервен” тргнува од целите и интересите утврдени од страна на претпријатието за постигнување на подобри резултати во работењето, а истиот е во согласност со расположливите средства за работа и достигнатиот степен на развој. Планот за работа претставува основа за работење на претпријатието во 2016 година, а неговата реализација ЈКП „Дервен” ќе ја оствари во соработка со граѓаните на Општина Велес, деловните партнери и корисници на услуги како и со локалната самоуправа. Со реализацијата на овој план се очекува претпријатието да работи финансиски успешно, што ќе овозможи граѓаните и правните лица да бидат обезбедени со квалитетни услуги во областа на водоснабдувањето, комуналната хигиена, пазарните услуги и одржувањето на зелените површини во градот.

15. Предлог-програма за работа и финансиски план на ЈПССО Парк-спорт Велес за 2016 година.
Програмата за работа на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти „Парк-Спорт” Велес, за 2016 година, се темели пред се на условите и можностите кои ги нудат спортските објекти со кои стопанисува ЈП, а во кои ќе се одвиваат планираните програмски активности во текот на 2016 година. Инаку со одлука на Советот на Општина Велес на ЈП му се доделени да стопанисува со спортската сала „Гемиџии”, салата за гимнастички спортови „Партизан”, помошното фудбалско игралиште „Петар Поп Арсов” и градскиот стадион. Овогодинешната програма се темели на јасно утврдени цели и активности, кои ЈП „Парк-Спорт” Велес има намера да ги превземе за развој на спортот и спортските актвиности како на спортските друштва и клубови така и на сите граѓани во општината.

16. Предлог-програма за работа на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Велес за 2016 година.
Согласно Законот безбедност на сообраќајот на патиштата, а со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Општина Велес, Општинскиот совет надлежен за оваа проблематика има донесено Годишна програма за работа во текот на 2016 година. Истата е изработена согласно дадените насоки ид Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. На денешната седница, членовите на Советот на Општина Велес ќе ја разгледаат и ќе го кажат своето мислење по вака предложената програма.

17. Предлог-годишна програма за работа на Локалниот совет за превенција на детско претстапништво за 2016 година.
Согласно Законот за правда за децата и деловникот за работа на Општинскиот Совет за превенција до мене како претседател на Советот беше доставена Годишната програма за работа на Општинскиот Совет за превенција на детско престапништво за 2016 година. Оваа програма претходно е усвоена на седница на општинскиот совет за превенција, а за нејзино конечно стапување на сила потребно е да се произнесат и членовите на Советот на Општина Велес.

18. Информација за движењето на акутните заразни заболувања на подрачјето на ЈЗУ Центар за јавно здравје - Велес за месец јули-декември 2015 година.
Согласно правните акти кои ја регулираат оваа проблематика, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес до Советот на Општина Велес доставува Информација за движењето на акутните заразни заболувања. Советниците ќе имаат можност да ја разгледаат информацијата и да продискутираат за движењето на бројката на заболени од заразни болести на подрајчето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес, а кое ги опфаќа општините Велес, Чашка и Градско.