Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ja информира јавноста дека денес 25.04.2016 година (понеделник) во просториите на Општина Велес со почеток во 16:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 51 седница.
За 51-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Советнички прашања.
Согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
2. Предлог-одлука за управување со отпадна електрична и електронска опрема од домаќинствата на територијата на Општина Велес.
Со оваа Одлука се уредени основните права и обврските на учесниците во системот за управување со отпадна опрема од домаќинствата. Законски основ за донесување на оваа Одлука е член член 25 од Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема според кој ”Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, се должни да организираат одделно собирање на отпадната опрема, да овластат собирач на отпадна опрема од домаќинствата, како и да определат и да организираат места, односно локации за одделно собирање на отпадна опрема од домаќинствата, во собирни центри на целото подрачјето на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, каде што крајните корисници ќе можат отпадната опрема од домаќинствата бесплатно да ја предаваат.” Носењето на оваа Одлука е утврдено како активност во Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2016г. Преку оваа Одлука и со воспоставувањето на ваков систем на своја територија, Општина Велес ќе даде свој придонес во исполнувањето на национални цели за постапување со отпадна опрема, каде е утврдено дека: “На територијата на Република Македонија до 31 декември 2020 година треба да се собере наjмалку 4 килограми годишно по жител отпадна опрема од домаќинствата”.
3. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на имиња на улиците во УЕ 1 УБ 1(Езеро Младост) во КО Башино село.
Советот на Општина Велес на ден 25.12.2009 година донесе Одлука за определување на имиња на улиците во УЕ 1 УБ 1 (Езеро Младост) во КО Башино село („Сл. гласник на Општина Велес“ бр. 19/09). Со оваа одлука се врши заменување на техничките броеви на улиците со нови имиња и се врши именување на 4 нови проектирани улици. На лице место извршен е увид на теренот, улиците се изведени согласно постоечкиот план УПВНМ измена и дополна на УП за вон населено место УЕ 1 – Блок 1 Езеро Младост во Велес, и со горе неведента Одлука истите се именувани како: Улица Костадин Кирков, Димитар Мечев (каде постои техничка грешка на првата буква „Н“ се заменува со „М“), Милан Арсов и Илија Трчков. Со донесувањето на новиот план-УПВНМ за изградба на комплакес со намена А4, времено сместување –викенд населба во КО Башино село и КО Новачани, општина Велес“, планираните улици се поврзуваат со веќе постоечките кои се уменувани со претходниот план (УПВНМ измена и дополна на УП за вон населено место УЕ 1 –Блок 1 Езеро Младост во Велес) и ќе се направи поврзување и продолжување на улиците именувани како Милан Арсов и Илија Трчков.
4. Предлог-план за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи.
Планот за заштита и спасување на општина Велес е изработен согласно Законот за заштита и спасување, Методологијата за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирање на заштитата и спасувањето, Уредбата за начинот на ракувањето и употребата на планот за заштита и спасување од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи на република Македонија и за содржината, ракувањето и употребата на плановите за заштита и спасување на единиците на локалната самоуправа,трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби и другите нормативни акти донесени врз основа на Законот за заштита и спасување,а кои се однесуваат на мерките за заштита и спасување.
5. Предлог-програма за енергетска ефикасност за период 2016-2018 година.
Програмата за енергетска ефикасност е програма изработена согласно со законот за енергетика на РМ (член 31) општината мора да ја изработи за период од 3 години. Општина Велес е меѓу првите општини која ја изработи својата прва програма за периодот 2009 – 14 година по што со новите законските измени им се наложи на општините, програмите да изработуваат со 3 годишни временски период на имплементација. За таа цел во 2013 се донесе втората програма на Општина Велес за периодот 2013-2015. Оваа програма е трета по ред и со оваа неа се има за цел да се изврши една поголема анализа на 22 поголеми објекти во надлежност на Општина Велес.
Оваа програма пред се треба да се разгледува како СТРАТЕШКИ документ кој ги дава правците на идното делување. Изработен е по најновите темлејти и методологии одобрени од агенцијата за енергетика на Р.М. според кој цел на оваа програма е да се направи анализа на поголем број на објекти со што се отвараат и поголем број на можности за аплицирање за средства особено пред странски донатори кои бараат усогласеност на одредени мерки со некој стратешки документи. Токму затоа и средствата кога би се реализирала во целост оваа програма би биле високи.
Програмата претходно доби позитивно мислење по направена анализа од страна на Агенцијата за Енергетика на Р.М. и после укажувањата за за превземање на мали корекции доби „Одобрение за усогласеност“ со Законот за енергетика на Р.М. Како додаден бенефит на оваа програма за Општина Велес се нејзините 22 анекси (анализи за објектите преставени во програмата, преку користење на термо камери за проценка на сосотојбата на објекти и нивните термо изалациони својства и анализа на потрошувачката на енергија) кои претставуваат добар основ за понатамошно следење на резултатите од спроведените енергетски-ефикасни мерки кои би биле реализирани.
6. Предлог-решение за давање согласност на Правилникот за внатрешна организација на работните места во ОЈУДГ „Димче Мирчев“Велес.
Од страна на управниот одбор на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес пристигна допис со кој бараат согласност од Советот на Општина Велес за Правилникот за внатрешна организација на работните места, донесен со Одлука од управниот одбор. Исто така за овој правилник е добиена согласност од Министерството за информатичко општество и администрација. Согласно член 17 став 7 од Законот за вработените во јавниот сектор актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места, раководното лице на институцијата го донесува по претходна согласност од Министерството за информатичко општество и администрација во однос на нивната меѓусебна усогласеност како и нивната усогласеност со одредбите од овој закон, како и од органот надлежен за давање согласност на актот утврден со закон или со друг пропис во однос на нивната усогласеност со тие закони или прописи.
7. Предлог-решение за давање согласност на Правилникот за систематизација на работните места во ОЈУДГ „Димче Мирчев“Велес.
Од страна на управниот одбор на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес пристигна допис со кој бараат согласност од Советот на Општина Велес за Правилникот за систематизација на работните места, донесен со Одлука од Управниот одбор. Исто така за овој правилник е добиена согласност од Министерството за информатичко општество и администрација. Согласно член 17 став 7 од Законот за вработените во јавниот сектор актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места, раководното лице на институцијата го донесува по претходна согласност од Министерството за информатичко општество и администрација во однос на нивната меѓусебна усогласеност како и нивната усогласеност со одредбите од овој закон, како и од органот надлежен за давање согласност на актот утврден со закон или со друг пропис во однос на нивната усогласеност со тие закони или прописи.
8. Предлог-решение за давање согласност на Статутарна одлука за дополнување на Статутот на ЈКП „Дервен“ Велес.
Од страна на ЈКП „Дервен” доставена е Статутарна одлука за измена на статутот на ЈКП „Дервен” донесена од Управниот одбор. Во одлуката е наведено дека се дополнува член 12 од Статутот со две нови точки 38.32 Обновување на посебно издвоени материјали и 46.77 Трговија на големо со отпадоци и остатоци. Потребата од дополнување на Статутот произлегува од потребата за добивање на дозвола за преработка, третман и складирање на отпад.
9. Информација за работа на Полициската станица Велес за 2015 година.
Согласно Законот за полиција, а врз основа на извршените работи и задачи од страна на ПС Велес во текот на 2015 година до Советот на Општина Велес доставена е информација за извршените работи и задачи на полициската станица Велес за периодот Јануари-Декември 2015 година. Советниците на 51-та седница, ќе ја разгледаат оваа информација и ќе се произнесат по истата.
Со последната 9-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 51-та седница на Советот на Општина Велес.
Ви благодарам!