Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ja информира јавноста дека денес 29.08.2016 година (понеделник) во просториите на Општина Велес со почеток во 15:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 55 седница.
За 55-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Советнички прашања.
Согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
2. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2016 година до 30.06.2016 година.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 30.06.2016 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 30.06.2016 година.
3. Предлог- измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2016 година.
Согласно измените и дополнувањата на: Програмата за активностите на Општина Велес во областа на ЛЕР во 2016 год., Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2016 година, Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита во 2016 година, Програмата за активностите на Општина Велес во областа на спорт и млади во 2016 год.,Програма за активностите на Општина Велес во областа на заштитата на животната средина во 2016 год. и Програмата за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина на просторот на Општина Велес во 2016 год., донесени на седница на Советот на Општина Велес, се јави потреба од измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2016 година, односно прв ребаланс.
Со овој ребаланс се врши зголемување на планираните средства во вкупен износ од 29.677.737 денари.И тоа се зголемуваат: основниот буџет за 14.937.196 денари, самофинансирачките активности за 8.607.628 ден. и дотациите за 6.132.913 денари.
Надвор од изменетите и дополнети програми кои се составен дел на Буџетот за 2016 година измени следат во: колоната за основен буџет (програмата Е0‐ Општинска администрација, ЕА‐Капитални трошоци на Општина, Д0‐Градоначалник и А0‐Совет на Општина) ; колоната за самофинансирачки активности и колоната за дотации. Извршено е корегирање кај оние подставки каде има потреба,поточно кај оние подставки каде е забележан поголем процент на извршување, се испланирани дополнителни средства,додека кај оние каде има мало извршување е извршено намалување на планираните средства.
4. Предлог-одлука за давање на користење на недвижна ствар, спортски терен (двоен тениски терен).
Од страна на сопственикот Општина Велес извршено е упишување на сопственоста на објектот спортски терен-двоен тениски терен. Изградбата на овој терен е извршено со проект и помош од страна на Агенцијата за спорт и млади. По изградбата на истото и предавањето на изградениот објект, договорот е основ за упис на сопственоста со одобрени за градење на име на општината. Сопственикот, одлучува со давањето на овој објект на времено користење на своето претпријатие ЈПССО „Парк Спорт“, да ја заокружи целината на спортски терени со кои ќе стопанисува јавното претпријатие во име на општината. За начинот на работа и стопанисување со истото јавното претпријатие овој терен ќе го вкллучи во својата годишна програма, на начин соодветен на неговата намена.
5. Предлог-одлука за начинот и условите за одржување хигиена од фекални остатоци создадени од запрежни возила и добиток по улиците и јавните површини во Општина Велес – градско подрачје.
Се почеста е сликата на улиците низ градското подрачје на Велес да се движат запрежни возила и добиток. Од страна на лицата што управуваат со нив не се преземаат никакви мерки за отстранување на фекалните остатоци што се создаваат при движење или за време на стоење на коловозите, тротоарите и парковите површини. За контрола на начинот на движење на запрежните возила и добитокот како учесници во сообраќајот надлежен е секторот за внатрешни работи, но одржувањето на хигиената на добитокот во движење и при стоење на јавно прометни површини и улици не е регулирано во ниедна Одлука. Со оваа Одлука се обврзуваат лицата што управуваат со запрежни возила или го водат добиток да водат сметка за одржување на хигиената со обезбедување на хигиенска опрема (кесе, метла, лопатка и др.) за прибирање на фекалните остатоци при движење.
6. Предлог-одлука за формирање на Локалнa комисиja за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Општина Велес.
По остварените средби со членови на Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Македонија, а во согласност со Национална Стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2013-2016 и Национален акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2013-2016, каде што е предвидено да се формираат и локални комисии за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. Претходно со допис се обративме до наведените институции од кои побаравме да номинираат лице од нивната институција кое ќе членува во оваа Комисија. Согласно погоре наведеното се предлага вака изготвената Одлука.
7. Предлог-Програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2016 година.
Измената на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2016 година произлегува од потребата за дополнување со нова планирана урбанистичка документација и тоа: Локална урбанистичка планска документација во делот на КО Сојаклари со која ќе се овозможи градба на објекти со намена Г2-лесна и незагадувачка индустрија на сопствено земјиште. Локацијата е постоечката фабрика ЗДВИ “Алевадо” и изработката на ова ЛУПД е со цел да се овозможи развој на постоечката фабрика. Исто така предвидено е и изработка на Локална урбанистичка планска документација со намена Д3-спорт и рекреација (спортско игралиште) во КО Црквино. Со донесувањето на ова ЛУПД ќе се овозможи издавање на одобрение за градење на игралиштето, а со тоа и финансирање на дел од изградбата од страна на Агенцијата за млади и спорт.
8. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ССОУ„Димитрија Чуповски“ Велес.
9. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ОСУ„Јовче Тесличков“ Велес.
10. Предлог- решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ССОУ„Коле Неделковски“ Велес
11. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Благој Кирков“ Велес.
12. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Јордан Х.К.Џинот“ Велес.
13. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Стојан Бурчевски Буридн“ с. Иванковци.
14. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ„Васил Главинов“ Велес.
15. Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ОOУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари.
До Општина Велес од страна на горенаведените средни и основни училишта доставено е барање за добивање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во учебната 2016/17 година. Со оглед на тоа што бројот на запишани ученици е помал од законски предвидениот за да се формира предвидениот број на паралелки, се предлага донесување на овие решенија.
16. Предлог - Решение за разрешување на член на Советот на млади на Општина Велес.
Од Советот на Млади на Општина Велес до Советот на Општина Велес пристигна допис со кој известуваат дека досегашен член има повеќе од 5 ненајвени отсуства што е причина за разрешување согласно Деловникот за работа на Советот на млади.
17. Предлог- за разрешување и именување на претставници на Општина Велес за членови на Училишниот одбор на ССОУ „Коле Неделковски“- Велес.
До Општина Велес пристигна допис од ССОУ „Коле Неделковски“ со кое известуваат дека на досегашните членови на училишниот одбор кој се именувани од СОВ им истекува мандатот на 13.07.2016 година и се бара именување на нови членови.
18. Информација за движењето на акутните заразни заболувања на подрачјето на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес за месеците од Јануари до Јуни.
Согласно правните акти кои ја регулираат оваа проблематика, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес до Советот на Општина Велес доставува Информација за движењето на акутните заразни заболувања. Советниците ќе имаат можност да ја разгледаат информацијата и да продискутираат за движењето на бројката на заболени од заразни болести на подрајчето на ЈЗУ центар за јавно здравје – Велес, а кое ги опфаќа општините Велес, Чашка и Градско.
Со последната 18-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 55-та седница на Советот на Општина Велес.