Претседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ja информира јавноста дека денес 27.10.2016 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 14:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 58-ма седница.
За 58-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Советнички прашања.
Согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Велес пред советниците е должен да одговори на прашањата кои тие ги имаат, а кои се во интерес на потребите на сите граѓани од Општина Велес.
2. Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2016 год. до 30.09.2016 год.
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 30.09.2016 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 30.09.2016 година.
3. Продлог-одлука за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена Д2 (Заштитно зеленило) во класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесени се барања за утврдување на правен статус на бесправен објект од 4-цa баратели. Бесправните објекти кои се предмет на барањата за утврдување на правен статус се наоѓаат на земјиште чијашто класа на намена согласно Генералниот урбанистички план на град Велес е Д2-Заштитно зеленило. Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти кои несомнено се изградени пред многу години и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена Д2-Заштитно зеленило во класа на намена А1-Домување во станбени куќи. На овој начин голем дел од започнатите постапки би се завршиле и барателите ќе добијат Решенија за утврдување на правен статус кои престставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
4. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за постапување со комуналниот и другите видови неопасен отпад на територијата на Општина Велес.
Согласно член 42-а од Законот за управување со отпадот пропишана е обврската на правните и физичките лица за предавање на отпад, односно оставање на истиот на места определени од страна на Градоначалникот на општината. Заради потребата од утврдување на нови локации или ревидирање на постојните локации, се пропишува постапка за определување на местата за поставување на садови за отпад. Правните и физичките лица при активностите на градење и рушење многу често вршат времено складирање на инертниот отпад/градежниот шут на јавна површина со што се предизвикува нагрдување и неуреденост на просторот во урбаната средина. Со оваа Одлука се пропишува воведувањето на нова услуга – изнајмување и користење на контејнери од 5м3 од отворен тип за складирање на отпад од градење и рушење, како и правата и должностите на корисниците и давателот на услугата. Со донесувањето на оваа Одлука ќе се создадат услови кои ќе го намалат/спречат оставањето на градежен шут на јавни површини додека се извршуваат градежните активности и ќе овозможат поефикасно спроведување на забраната за оставање на отпад од градежни активности во прописите за јавна чистота.
5. Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на стипендии за стипендирање на талентирани ученици и студенти во Општина Велес за учебна година.
Комисија за стипендирање на талентирани ученици и студенти формирана од Советот на Општина Велес ја спроведува постапката за определување на стипендијанти/ талентирани ученици и студенти за секоја учебна година. Искуството наназад покажува дека Општина Велес на своето подрачје има талантирани ученици и студенти кои постигнуваат континуиран одличен успех, висок студентски просек и солидни резултати на општински и меѓународни натпреварувања. Токму за тоа заслужуваат стимул со финансиска поддршка, а се и пример за мотивација за останатите ученици и студенти. Поради ова се прифаќа предлогот /иницијативата за промена на Одлуката со која се зголемува бројот на стипендии за наредните учебни години. Средствата за овој број на стипендии веќе се обезбедени во Буџетот на Општина Велес Стипендиите на добитниците им се врачуваат на свеченост, организирана од страна на Општина Велес.
6. Предлог-програма за изменување и дополнување Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2016 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата за 2016 година се должат на потребата за зголемување на ставката за Видео надзор на објектите од областа на културата. Трошоците се зголемени затоа што видео надзор се постави и на Спомен-костурницата, во куќите на уметноста и Ликовниот салон. Со оваа ставка се опфаќа како поставувањето, така и одржувањето и следењето на видео надзорот. Што се однесува до ставката за изградба на споменици, во 2016 година реално нема да се реализира предвидената сума затоа што останува за наплата само подготовката на постаментите за формирање на алејата на хероите на Спомен-костурницата за што веќе е даден налог на изведувачот.
7. Програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2016 година.
Измената на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2016 година произлегува од потребата за дополнување со урбанистичка документација и тоа: Изменување и дополнување на Детален урбанистички план за Централно градско подрачје, дел од урбан блок 32 во УЕ4 – Општина Велес, Детален урбанистички план за дел од УЕ 7, дел од УБ 38, Општина Велес и Урбанистички план вон населено место за изградба на комплекс со намена А4-времено сместување-викенд населба- во КО Башино село вон г.р., Општина Велес за продолжување на постоечката викенд населба. Промена се прави и во насловот на ЛУПД за Д3 – спорт и рекреација која предвидува изградба на мото крос патека, од причина што е настаната промена во границите на планскиот опфат.
8. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2016 година.
Измените и дополнувањата на Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2016 година се направени во неколку делови, и тоа:
Во делот на Испитување на носивост на мостовски конструкции на територија на Општина Велес се бришат средствата бидејќи нема спроведено постапка за избор на економски оператор за вршење на тој вид на работи, апостапката е сложена и обемна и истата ќе биде предвидена со програмата за 2017 година.
Средствата наменети за уредување на простори во рурални подрачја се зголемуваат за дополнителни 2.000.000,00 денари за подобрување на комуналната и патната инфраструктура, а со тоа и условите за живот и работа во руралните средини.
Средствата наменети за уредување на градежно земјиште капитални трошоци се намалуваат, односно точката – Изработка на проектна документација за мостот кој ќе го поврзува градот со Населба Речани (од Малина до Македонија пат) се брише бидејќи се донесува Генерален урбанистички план со кој ќе се одреди точната локација на мостот.
Средствата наменети за урбана опрема капитални расходи се зголемуваат, се зголемуваат за дополнителни средства, бидејќи во периодот што следи ќе биде потребно да се постават ракофати и огради и урбана опрема по доставените барања од граѓани, а точка 3 – Видиковци се намалува бидејќи не е предвидено да се изведуваат видиковци на нови локации до крајот на тековнава година, а новите предлози се очекуваат со доставување на приоритети од МЗ и УЗ.
Во делот на Одржување на водоводни линии во населени места на територија на Општина Велес и превземање на потребни активности за доведување во состојба на бактериолошка исправност на селските водоводи средствата се намалуваат бидејќи со преостанатите средства се покриваат досегашните превземени активности околу одржување на селските водоводи.
Во точката Отплаќање на главница по користен кредит за изградба на водоснабдителен систем на езеро Младост, урбан блок 1, урбан блок 2 и урбан блок 3 со поврзување од градскиот водоводен систем (две рати во февруари и во август) се брише бидејќи согласно инструкциите на Министерство за финансии овие средства се предвидени и реализирани во програмата А0 - Совет на општина.
Во делот на Одведување и пречистување на отпадни води, Изведба на канали за прифаќање на атмосверски води се зголемува поради констатирана ургентна потреба од прифаќање и одведување на атмосверски води согледана од последните интензивни врнежи како би спречиле нанесување на штети на индивидуалните објекти и комуналната инфраструктура.
Кај Јавното осветлување, точка 1 – Потрошена електрична енергија износот се зголемува. Согледувајќи ја просечната месечна потрошувачка на електрична енергија постои можност од недостиг на средства до крајот на годината. Се зголемува и точка 5 - Замена на постојни со економични светилки поради зголемениот обем на работа, додека точка 6 - Дислокација на ормари надвор од трафостаница се брише во целост бидејќи во соработка со ЕВН КЕЦ Велес е утврдено дека нема ургентност за дислокација на разводни ормари надвор од трафостаници.
Кај точката за Отплаќање на главница по користен кредит за улично осветлување се брише бидејќи согласно инструкциите на Министерство за финансии овие средства се предвидени и реализирани во програмата А0 - Совет на општина. Во делот на Изградба на јавно осветлување, во точка 4 – Осветлување на индустриска зона Речани 2 средствата се бришат во целост од причина што корисниците на оваа зона сеуште немаат завршено целосно со градежните активности во однос на нивните објекти и согласно тоа не е неопходно во овој момент поставување на улично осветлување. Во точка 9 – Осветлување на потег од населба Шорка до с.Башино село средствата се намалуваат бидејќи со преостанатите средства ќе се реализира дел од планираното проширување на мрежа.
Во делот на Одржување и заштита на локални патишта, улици регулирање на режимот на сообраќај, точка 2 – Бетонирање на улици интервентнтно средствата се зголемуваат поради енормно оштетување на улици од атмосверски врнежи и вршење на прекопи за реконструкции на подземната инфраструктура.
Во делот на Изградба и реконструкција на локални патишта и улици, точка 1 – Асфалтирање на дел од улица Самоборска средствата се бришат во целост бидејќи постапката за добивање на Одобрение за градење не е комплетно завршена, а земајќи го во предвид фактот што асфалтните бази не работат во зимски период оваа ставка ќе се предвиди во програмата за наредната година. Во точка 4 - Асфалтирање на дел од улица Роса Плавева, средствата се намалуваат од причина што работите се комплетно завршени за исплатениот износ. Точка 6 – Реконструкција на улица Х.Татарчев со уредување на паркинг простор се брише во целост поради тоа што согласно постоечка Урбанистичка планска документација е предвидено поврзување на улица Христо Татарчев со улица Андон Шурков. Поради малата должина, а големата висинска разлика ова техничко решение е неизводливо. Со ваква реализација постојните објекти би биле многу пониско со што би имало можност од нивно поплавување. Во точка 7 - Реконструкции на улици на територија на Општина Велес со бетонирање (на дел од улица Благој Страчков, на потег од улица ЈХК Џинот од број 76 до 138, на дел од Маца Овчарова - на потег од број 80 до 100, на дел од Коле Цветков, реконструкција на дел од Тодор Јанев од 49 до 61, бетонирање на дел од Костурска 2, реконструкција на дел од Румена Хаџи Панзова, дел од Невена Ѓеорѓиева Дуња, бетонирање на дел од Браќа Петкановиќ, бетонирање на дел од улица “Благој Кирков“ од 70 до 86 и др. средствата се зголемуваат поради зголемен број на барања за бетонирање на патната инфраструктура посебно во високите зони од градот. Во точка 8 – Реконструкција на улици на територија на Општина Велес со асфалтирање износот се зголемува бидејќи по пристигнување на завршните фактури од економските оператори се увиде недостаток од средства. Во точка 10 – Изведба на потпорни ѕидови износот се зголемува, бидејќи голем број од изведените потпорни ѕидови во 2015 година беа кон крајот на годината, а наплатата пристигна во 2016 година. Во точка 18 – Реконструкција на тротоар на улица Вардарска (на потег од Ветекс до влез во градот) се брише во целост поради потреба од изведба на подземна инфраструктура по што ќе следи изведба на завршен слој на тротоарот.
Во делот на Изградба на сообраќајна сигнализација, точка 1- Поставување на легнати полицајци износот се намалува поради некомплетна документација. Нема изготвена проектна документација врз основа на која би се добиле потребните согласности од надлежни институции и по што би се пристапило кон реализација на терен.
Во делот на Паркови и зеленило (капитални расходи), точка 3 - Партерно уредување на заден двор на Библиотека се брише во целост, поради потреба од изготвување на идејно решение за намената на просторот со кое ќе се добие проектна вредност која ќе се предвиди за реализација во наредната година и разрешување на имотно правни односи.
Во делот на Други комунални услуги (капитални расходи), точка 2 – Кеј на Вардар, точка 3 – Уредување на простор во Градскиот парк и точка 4 – Изведба на метално мовче на Потокот се бришат во целост бидејќи досега овие ставки не се реализирани, а во наредниот период нема можност за реализација на истите, додека точка 5 - Реконструкција на градскиот пазар средствата се намалуваат, бидејќи до крајот на годината е предвидено да се изготви проектната документација и ревизија на истата, а реализацијата ќе биде во наредната година.
Во делот на Изградба на простор за паркирање, точка 1 – Изградба на паркинг простор во Општина Велес износот се зголемува бидејќи по пристигнување на завршните фактури од економските оператори се увиде недостаток од средства.
9. Годишен извештај за работа за работа на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес за 2015/2016 година.
10. Предлог-Годишна програма за работа на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес за 2016/2017 година.
До советот на Општина Велес доставени за разгледување се Годишниот извештај за работа за работа на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес за 2015/2016 година и Годишната програма за работа на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ Велес за 2016/2017 година. Советниците согласно законската обврска потребно е да ги разгледаат и да се произнесат по однос на истите.
11. Предлог-решение за именување членови на Комисијата за избор на добитник на Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“.
Согласно Одлуката за востановување Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ Сл. гласник бр. 3/06 и направената измена на Одлуката објавена во Сл. гласник бр.11/15, постапката за спроведување на избор на добитник на Актерската награда „Петре Прличко“ ја спроведува Комисија формирана од три члена. Членовите на Комисијата се стручни лица од областа на театарската уметност, предлози за членови на Комисијата предлагаат: еден член по предлог на Градоначалникот на Општина Велес и тоа Кети Боризова –актер и два члена по предлог на Народниот театар „ЈХК Џинот“ и тоа: Деан Дамјановски и Александар Ѓорѓиев. Предложените лица се дадени во самото Решение и се предлага до Советот на Општина Велес да го донесе вака предложеното решение.
12. Предлог-решение за разрешување и именување на претставници на Општина Велес за членови на Училишниот одбор на ССОУ „Димитрија Чуповски“- Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна предмет известување за изменување на мандатот на членови во училишниот одбор на ССОУ „Димитрија Чуповски“- Велес. За овие членови донесено е Решение за нивно именување од страна на Советот на Општина Велес на 18.10.2012 година. Согласно ова се предлага ова решение до СОВ.
Со последната 12-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 58-та седница на Советот на Општина Велес.