Турнир на пеливани во Бузалково
Согласно програмските активности на Општина Велес, во саботата на 11-ти Октомври се одржа традиционалниот турнир на пеливани во селото Бузалково. Традицијата на стариот спорт што со особено внимание се негува во ова населено место, предизвика голем интерес како од пеливанските клубови од целата држава, така и од населението од Бузалково, Велес и голем број населени места во општината. Во пеливанските борби учествуваа повеќе од 100 борачи од сите категории. Организатор на турнирот е МЗ „Бузалково” и Општина Велес. Турнирот беше збогатен со културно-уметничка програма што ја подготвија членовите на ансамблот КУД „Емин Дураку“ од Скопје и традиционалните зурли и тапани што ги придружуваат борбите на пеливаните.
Прием на првачињата во „Детската организација“
Во склоп на одбележувањето на „Детската недела“ покрај низата активности на училиштата, денес во Општина Велес се одбележа приемот на првачиња во „Детската организација“. По тој повод на присутните првачиња од сите основни училишта од Општина Велес и на нивните наставници им се обрати градоначалникот г-дин Славчо Чадиев и им посака многу здравје, весело детство и успех во образованието. При тоа градоначалникот им вети дека секогаш ќе ги поддржува и ќе се заложува за осовременување на образованието, а посака и во иднина да ги сретне повторно како изградени и успешни млади личности.
11 Октомври – Денот на востанието на Македонија
Денес во Ликовниот салон во организација на Општина Велес и ОО на Сојуз на борци, а во пресрет на 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија, се одржа турнир во шах. Турнирот е од натпреварувачки карактер, а настанот се искористи и за одигрување на еден натпревар со новопоставените фигури кои се наоѓаат на плочникот пред Ликовниот салон. Стартот на овој празничен настан го означија Градоначалникот Славчо Чадиев и Претседателот на ОО на Сојуз на борци – Велес, Саздо Кицевски. На победниците од одиграните натпревари, во Петок свечено ќе им бидат доделени наградите, на манифестацијата која ќе се одржи на Спомен-костурницата во пресрет на големиот празник.
5-ти октомври – Светскиот ден на учителите
Почитувани просветни работници
Од мое лично име, од името на Советот на Општина Велес и од името на сите граѓани, дозволете ми да Ви го честитатм 5-ти октомври – Светскиот ден на учителите. Денес сите ние ја прославуваме Ваша одданост и верност, вашата љубов и животно мото, да се образува и воспитува, да се гради иднината. Во понатамошниот период Ви посакувам уште поголеми резултати, успеси и просперитет во работа со учениците!
Со почит,
Славчо Чадиев,
Градоначалник на Општина Велес
Велешките ученици гости во Општина Маврово - Ростуше
Спортско-културната манифестација „СПОРТСКИ БОН ТОН“ -Традиционални спортски игри, со својот караван продолжува и понатаму. Учениците од ООУ„Благој Кирков“ и ООУ „Ј.Х.К.Џинот“ како претставници на Општина Велес земаа активно учество во овој настан и преку детските традиционални игри, се натпреваруваа, се дружеа и се забавуваа со своите врсници од други пет градови во Oпштина Маврово-Ростуше.
И овојпат како покровител на оваа прекрасна манифестација меѓу учениците беше присутен и претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорѓе Иванов, кој со задоволство разговараше и се дружеше со нив, потсетувајќи се на своето детство, на детските игри и истакнувајќи ја важноста на овие традиционални игри, за зачувување на националноста.
Ракометарите на ГРК „Борец” на средба со градоначалникот
Градскиот ракометен клуб „Борец” е подготвен пред новата ракометна сезона која почнува овој викенд. Стручниот штаб на чело со тројцата тренери Зоран Виларов, Зоран Кочов и Игор Тодоровски ги завршија активностите околу комплетирањето на тимот со кој ќе се влезе во борбата за највисок пласман во првата лига и обезбедување на место во супер лигата. Денес на неколку дена пред почетокот на првиот натпревар, велешките ракометари беа на прием во општината при што остварија средба со Градоначалникот Славчо Чадиев. Од страна на градоначалникот на средбата беше истакнато големо задоволство од тоа што се успеа во напорите да се спаси РК „Борец” од пропаѓање и да се заштити како градски бренд а на задоволство на граѓаните што го основаа и го издигнаа до врвот на државниот ракомет.
„Од Буџетот на Општина Велес заедно со префиксот Градски клуб се обезбедија и 1.000.000 денари што во последен миг го вратија клубот во живот. Плановите на општината не завршуваат тука. Следната година ќе продолжи со поддршка на клубот. Длабоко сме убедени дека момците од ГРК „Борец“ го заслужуваат тоа.”, истакна Градоначалникот Чадиев.
ВЕЛЕС СЕ ВКЛУЧУВА ВО ТРКАТА НА МИРОТ
Општина Велес утре (Четврток, 02.10.2014) ќе биде дел од „Трката за Мир” – глобална штафета со факел чија цел е да го промовира меѓународниот мир, единството, пријателството и разбирањето. Подавајќи го факелот од рака на рака, трката поминува низ многу држави на различни континенти и на тој начин поврзува мнозина училишта, организации, градови и луѓе од различни националности и култури насекаде во светот.
Во Велес факелот на мирот ќе влезе најпрво кај манастирот Св. Димитрија во 13.30 часот, а потоа преку Долни дуќани, Стар мост, Градскиот саат и споменикот на Кочо Рацин „миротворците” ќе стигнат до центарот на градот.