Градоначалникот Чадиев го посети семејството Давчевски
Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, во текот на денешниот ден го посети семејството Давчевски, чиј дом во населбата Керамидна, викендов беше зафатен од катастрофален пожар. Од негова страна за санирање на штетите предизвикани од несреќниот случај, на семејството ќе им биде доделена еднократна парична помош во висина од 30.000 денари, а финансиска поддршка ќе следува и од Советот на општината. Инаку, во текот на вчерашниот и денешниот ден екипи на ЈКП „Дервен” работат на отстранување на градежниот шут кој зад себе го остави огнот, по што со поддршка на бизнис секторот и хуманите граѓани на ова велешко семејство повторно ќе им се обезбедат достоинствени услови за живот. Воедно, Општина Велес им се заблагодарува на сите добронамерни граѓани кои се одзваа на апелот за помош и преку своите донации ја покажаа својата хумана страна.
Јавни расправи по нацрт-програмите за работа на општината во 2015
Денес во големата сала на општината се одржаа јавните расправи по нацрт-докуентите на Општина Велес за 2015 година. Овие јавни распарави беа наменети за претставниците од урбани и месни заедници, преставници од областите на образованието, културата, здравствената и социјална заштита, како и од здруженија и фондации (невладини организации, културно уметнички друштва, спортски клубови итн.) и останати заинтересирани граѓани.
Караванот „Спортски Бон-Тон” продолжи во Свети Николе
Караванот на спортско -културната манифестација „Традиционални спортски игри - Спортски Бон-Тон“ продолжува и понатаму. Денес се одржа и во Свети Николе каде учениците од ООУ „Благој Кирков“ и ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” како и претставници на Oпштина Велес , заедно со своите наставници, активно учествуваа во детските традиционални игри , се забавуваа, дружеа и стекнаа многу нови другарчиња од останатите општини учесници. Оваа прекрасна спортско - културната манифестација „Традиционални спортски игри – Спортски Бон-Тон“, е проект кој е под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов. Целта на проектот е промовирање на Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од училишна возраст, во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со традицијата, културата и обичаите.
КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА ВО ЧЕСТ НА ПРАЗНИКОТ „9-ТИ НОЕМВРИ”
Денес во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев” се одржа крводарителска акција во организација на Општина Велес и Мото клубот „Носачи на крстот” а во соработка со Црвениот крст на град Велес. Повод за оваа акција беше, празникот 9-ти Ноевмри, Денот на ослободувањето на Велес. Организациски акцијата помина беспрекорно, за што зборува и бројката од 86 собрани крвни единици.
На велешкото семејство Давчевски потребна му е нашата помош
На 1 ноември околу 9 часот наутро изгоре семејната куќа Велибор и Ленче Давчевски во населбата Керамидна. Со брза и профеционална интервенција на ТППЕ, пожарот беше изгаснат, но штетата за семејството е ненадомествива. Единствена среќна околност е што се спасени четирите малолетни деца кои спиеле кога се случила несреќата. Денес ден по катастрофалниот пожар, на местото на настанот, улицата Наце Димов бр. 62, присутни беа Пратеникот од Велес во Собранието на Република Македонија Илија Димовски, Претседателот на Советот Александар Колев како и неколкумина раководители на велешки инстутиции кои веднаш ја истакнаа спремноста за помош и санирање на штетите од несреќниот случај.
ПРОМОЦИЈА НА ВЕЛЕС ВО ШВАЈЦАРИЈА
Од 31 октомври до 2 ноември годинава, Општина Велес учествува на меѓународниот Саем за туризам и инвестиции што традиционално се одржува во швајцарскиот град Лугано, во регионот Тичино. На првиот саемски ден Градоначалникот Славчо Чадиев ги презентираше туристичките и економските потенцијали на Велес и воспостави соработка со претставници на општини, од регионите во Швајцарија, Романија , Италија , Хрватска и други земји во светот. Веќе е покрената иницијатива за соработка со романскиот град Хунедоара од регионот Трансилванија каде во мај 2015 година, Општина Велес ќе учествува на саем за промоција на архитектонското наследство.
СЕ ИНТЕНЗИВИРА КОМУНИКАЦИЈАТА СО УРБАНИТЕ И МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Денес во Општина Велес се одржа работен состанок помеѓу Претседателите на урбаните и месните заедници и Претседателот на Советот Александар Колев. Целта оваа средба e во правец на интензивирање на комуникацијата помеѓу овие тела и локалната самоуправа. Со тоа не само што се зајакнува улогата, значењето и функционирањето на месните и урбаните заедници, туку се подобрува и директната партиципација и влијание на граѓаните при одлучувањето.
ТРКАЛЕЗНА МАСА НА ТЕМА „ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СТАНДАРДИ ВО ПОЛИЦИЈАТА ПРЕКУ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ И ПОЛИЦИЈАТА”
Општина Велес денеска беше домакин на тркалезната маса на тема „Зајакнување на професионалните стандарди во полицијата преку зголемување на соработката меѓу локалните власти и полицијата“. Тркалезната маса ја организира Мисијата на ОБСЕ во Македонија заедно со Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за претставниците на локалните власти, за невладините организации и сите заинтерсирани субјекти кои работат на прашања за човековите права.
ПРОЕКТОТ „ДЕН ЗА ВАС“ – АКТИВНОСТ ВО ФУНКЦИЈА НА ГРАЃАНИТЕ
Денес на плоштадот С’рмаале во Велес се реализираше активноста „ДЕН ЗА ВАС“, како дел од проектот на Министерството за труд и социјална политика, Фондот на ПИОМ и Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Активноста, е дел од програмските цели на Владата на Република Македонија заради олеснување на пристапот на граѓаните до институциите и подигање на ефикасноста на јавната администрација.
Стартува третата фаза од изградбата на експресниот пат Велес-Штип
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски денеска го означија отпочнувањето со градежни активности на третата фаза од експресниот пат Велес - Штип (до Кадрифаково). Третата фаза е преку населените места Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково со должина од 10,7 кимометри. Градежните работи за реконструкција и рехабилитација на овој патен правец почнаа во октомври лани, а треба да биде готов до 2015 година.